ТЕСТ: Renault Austral 1.3 MHEV 160 X-Tronic Techno Esprit Alpine 

Renault доста рано го започна SUV трендот, но на малку чуден начин. Првиот таков модел беше Koleos, кој беше лансиран во слично време како и голем дел од конкурентите, но продажбата на првата генерација од овој модел во Европа не беше убедлива и имаше доста критики за напорот да понуди off-road карактеристики кои не беа целосно привлечни за мејнстрим клиентите. 

Французите после некое време започнаа повторно и овој пат на подобро – во средината на последната деценија, кога првпат го лансираа моделот Kadjar, а веднаш по него дојде и втората генерација на Koleos. Се покажа дека помалиот од овие SUV модели ја има вистинската комбинација на големина и опсег на мотори, а кај дизел верзиите можеше да понуди и погон на сите четири тркала. 

Минатото сега е целосно заборавено. Renault одлучи дека сака (и дека мора) да ја зацврсти својата позиција во сегментот на компактни SUV модели, па затоа сега на сцената стапува целосно новиот Austral кој ќе му помогне во голема мера. Последната генерација на Kadjar не беше толку успешна како што замислуваше брендот, па сега се обидува на еден сосема поинаков начин и со далеку подобар продукт да привлече клиенти во еден од најпопуларни сегменти.

Со меѓуоскино растојание од 2667 мм и должина од 4510 мм, Austral влегува во многу „полн“ сегмент, што е движечка сила за многу производители на европскиот пазар. Во однос на дизајнот, Austral не е изненадувачки, има традиционални форми и неговиот изглед го следи правецот поставен од електричниот Megane E-Tech. Во зависност од дизајнот, коефициентот на отпор може да биде најмалку 0,28 Cd, вредност што Renault ја прифати како доволна за овој тип на автомобили. Би можелo уште подобро, но се вели дека тоа не е потребно и евентуалната загуба се компензира со малата тежина што ја дава употребата на алуминиум за структурата на автомобилот. Austral тежи приближно 1.5 тони. 

Според мене, дизајнерите направиле полн погодок со надворешниот изглед на Austral. Делуво многу атрактивно, модерно и привлекува доста внимание. На предниот дел акцент е ставен на full LED фаровите кои се во C-форма и имаат многу интерсна графика за дневните светла – а при секое отклучување и заклучување имаат и посебна анимација. Маската е навистина голема, а во средина е поставено исто така огромно лого на брендот. Бидејќи тест примерокот е во Esprit Alpine верзијата, долниот дел од браникот добива и специјални детали кои се уникатни за оваа верзија. Профилот е чист и со класична SUV форма, тука до израз доаѓа и двобојната каросерија на тест примерокот која додава дополнителна доза на атрактивност. Тука се и 20-инчните Daytona алуминиумски бандажи кои се специјални за оваа верзија, а на предното крило поставена е и Alpine ознака. Задниот дел е нијанса „почист“ од предниот, но и тука има интересни детали. Светлата (нормално со full LED технологија) се протегаат скоро по цел заден дел, додека во средина е испишано името Austral. Долниот дел од браникот добива „дифузер“ и елементи во сјајно црна боја. 

Внатрешноста ќе биде еден убав шок за сопствениците на постари модели на Renault, а и општо за сите луѓе. До релативно неодамна бевме навикнати да гледаме малку здодевни и веќе застарени елементи и контроли во внатрешноста на автомобилите од оваа француска марка. Но сега, со Austral и со Megane E-Tech сè е поинаку и практично без континуитет од постарите модели. Кабината на Austral отвара еден нов свет и ново поглавје – освен што изгледа прекрасно и ултра модерно, нуди и врвен квалитет и голем број на технологии. 

Повторно, оваа Esprit Alpine верзија нуди и малку различен и збогатен ентериер во однос на другите верзии. Се добиваат прекрасни седишта во комбинација на алкантара и штоф – со Alpine лого на потпирачите за глава, волан кој е делумно обложен во алкантара со шевови во боите на Alpine, алкантара детали на вратите и контролната табла кои се дополнети со шевови во сина боја, прагови со Alpine лого, алуминиумски педали и појаси со сини шевови.

Се сместувате зад воланот на многу удобно седиште и пред вас е дигитална инструмент табла со одлична резолуција и навистина добра минималистичка графика – возачот не е оптоварен со непотребни работи или визуелни трикови, а може да прикаже и огромно мапа со навигација. На централната конзола е поставен огромен вертикално ориентиран екран со големина од 12 инчи. Овој нов систем ги користи услугите на Google, па ако сте навикнати на новите паметни телефони и општо на корисничкото искуство на Android, овде ќе се чувствувате буквално како дома. Графиката на екранот е фантастична, но она што импресионира највеќе е брзината и респонзивноста на целиот систем – би рекол дека ова е еден од најдобрите системи во моментов.

Во горниот дел на екранот може да се најдат поединечни икони за навигација, аудио, телефон, апликации и поставки за автомобилот, брз пристап до избраните функции во основниот приказ го зафаќа долниот дел од екранот. Јачината на звукот ја избирате со подлогите на допир десно од екранот, со малку вежбање не мора многу да се концентрирате на ракување со нив. А да – таа големата рачка што ја гледата во средината е всушност феноменално решение. Освен што служи за да ја потпрете раката додека возите, главната намена на тоа е да ја потпрете раката додека „чепкате“ по екранот…Контролата на климата се прилагодува со помош на физичките копчиња кои се поставени под екранот. Контролите на воланот се исто така практични, левата страна е наменета за темпоматот, а десната страна за телефонот и таблата со инструменти. Копчето Multi Sense служи за одбирање на режим на возење (Eco, Comfort, Sport и Perso).

Од фотографиите можеби забележавте дека зад воланот од десната страна е малку „разиграно“ – имаме рачка со аудио контроли, рачка за бришачите над тоа и уште повисоко рачка за автоматскиот менувач. Три работи едно врз друго… Лесно може да се навикнете на нив, но и покрај тоа, понекогаш набрзина може да се случи да уклучите бришачи наместо да ставите во D или R. Но, факт е дека со преместувањето на бирачот на ова место убаво се ослободи просторот на централниот тунел, каде што ќе најдете гломазна полица за складирање со држачи за чаши под лизгачкиот потпирач за раце и, исто така, кутија за складирање со пристојна големина под другиот потпирач за рака. Во секоја верзија, се добиваат два USB приклучоци напред и назад.

На задните седишта има навистина многу простор, како за нозете, така и за главата. Но, овде имаме една магија што го прави Austral исклучително корисно возило – лизгачки седишта. Можете да ги прилагодите во опсег од 16 сантиметри нанапред или наназад во два дела, поделени во сооднос од 1/3 до 2/3. Потпирачите за грб потоа може да се постават во три степени. 

Во зависност од положбата на задните седишта, багажниот простор нуди солиден волумен од 487 до 575 литри, што може да се зголеми на 1.525 литри со преклопување на задните седишта. Сепак, преклопените седишта создаваат благо подигнување, но нема лизгачки под за да се израмни со нив. Багажникот е релативно во правилна форма и покрај осветлувањето ќе најдете и куки од страните, како и штекер од 12V.

Renault полека, но сигурно ги отфрла дизел моторите од својата понуда. Новиот Austral е достапен исклучиво со бензински мотори – и тоа сите електрифицирани. Понудата вклучува 1.3-литарски четирицилиндричен mild-hybrid турбо бензинец во две верзии – со 140 и со 160 коњски сили. Послабата верзија е достапна исклучиво со 6-степен мануелен менувач, додека помоќната исклучиво со X-Tronic автоматски менувач. На врвот е верзијата со 1.2-литарскиот трицилиндричен турбо бензинец и ова е всушност full hybrid верзија која испорачува 200 коњски сили. 

Тест примерокот е опремен со помоќната верзија на 1.3-литарскиот mild-hybrid мотор кој испорачува 160 коњски сили од 5250 до 5500 вртежи во минута и 270 Nm вртежен момент од 1800 до 3750 вртежи во минута. Моторот е поврзан со CVT автоматски менувач кој симулира менување брзини, избегнувајќи го монотоното брмчење по кое се познати овие менувачи. И верувајте, инженерите успеале толку многу добро да го направат сето ова што нема никакви шанси да приметите дека станува збор за CVT. Доказ за тоа е што неколку пријатели кои седнаа да се возат во автомобилот додека не им кажав за каков менувач станува збор воопшто не приметија дека е CVT. Менувачот е одлично усогласен со моторот и добро реагира дури и кога нагло ќе се притисне педалата за гас. Само повремено регистрирав мало двоумење или грчење. Повремените „грчеви“ се појавуваат конкретно при возење во густ сообраќај во град на тргни-застани ситуации. Во однос на перформансите, забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.7 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 175 км/ч.

Електрифицираниот дел од погонот е прилично симболичен, бидејќи батеријата има капацитет од само 0,15 kWh, а електромоторот работи во мрежа од 12V. Затоа, нема да добиете преголема помош при стартување или регенерација при забавување. Впрочем, ефектот врз потрошувачката на гориво не е толку голем. Но, ќе дојдеме до тоа подоцна. 

Моторот е добро звучно изолиран и при нормално возење во основа не знаете за неговата работа. Се разбира, ќе почне да биде гласен само кога ќе почнете поагресивно да ја притискате педалата за гас. Не е бучно ни на автопат и со брзина од 130 км/ч врти малку над 2.000 вртежи во минута, секако во зависност од наклонот на патот. 

1.3-литарскиот четирицилиндричен мотор има сосема доволно моќност, но дури и благодарение на лесната форма на електрификација, не се плаши да зборува за неговата употреба на гориво. Во град, потрошувачката се движи од 8 до 9 литри на 100 километри. На автопат ако се придржувате до ограничувањата просечната потрошувачка изнесува околу 7 литри. 

Austral е поставен на CMF-CD платформата на Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата, а тоа значи дека многу делови дели со најновата генерација на Nissan Qashqai. Сепак, овие два автомобили се доста различни. Austral користи McPherson суспензија напред и торзиона суспензија назад. Мултилинк оската со четири врски е достапна исклучиво само со врвниот хибриден мотор, кога ќе биде поврзан и со 4Control системот за управување со задните тркало. За разлика од конкуренцијата, Austral не нуди погон на сите четири тркала бидејќи од компанијата велат дека не е потребен. Но, достапен е пакетот Extended Grip со специјални режими за возење на снег и на off-road терени.

Шасијата е подесена малку на поцврста нота, но благодарение на тоа, автомобилот не се навалува премногу во свиоци и задните тркала не се склони да отскокнуваат дури и на неквалитетни површини, и покрај поедноставната задна оска. Во однос на комфорот, суспензијата кај Austral доволно добро ги амортизира скоро сите неправилности на патот. Управувањето е малку хиперактивно и нема никакво чувство, особено околу централната позиција, така што предниот дел на автомобилот може да се чувствува непотребно нервозен во некои ситуации, дури и кога всушност ништо не се случува. Инаку, Austral во одредени ситуации може да биде пријатно агилен благодарение на ваквото подесување на воланот. Што се однесува до прегледноста, кон предниот дел и кон страничните делови е одлична, но неможам истото да го кажам и кон задниот дел. Иако се добиваат задни паркинг сенозри и задна камера уште од првото ниво на опременост – кои секако го олеснуваат маневрирањето во тесни места, јас сепак би почитувал и „аналоген“ поглед кон задниот дел. 

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Renault Austral 1.3 mild-hybrid 140 Еquilibre изнесува 35.340 евра.

Цената на тестираниот модел Renault Austral 1.3 mild-hybrid 160 X-Tronic Techno Esprit Alpine изнесува 49.340 евра.    

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Automotive Group.

ЗАКЛУЧОК
Со новиот Austral, Renault несомнено се враќа со гордост на најкомерцијалниот дел од европскиот пазар, односно C-SUV сегментот. Електрифицираните погони, најновите технологии, квалитетната и хај-тек кабина, како и атрактивниот изглед го прават Austral да биде во горниот дел од сегментот.
Солидни возни карактеристики
Квалитетни материја во кабината
Просторна понуда
Врвен инфозабавен систем
Повисока потрошувачка на гориво во однос на декларираната
Лимитирана прегледност кон задниот дел
Многу сјајно црни елементи во кабината
4.5