Тест: Peugeot 2008 1.2 PureTech 110 ALLURE

Peugeot 2008 прв пат се појави на пазарот во 2013 година и е еден од првите модели во оваа класа на мали кросовери, а својот фејслифт го доби во 2017 година со мали измени на надворешниот и внатрешниот дизајн.
Должината на возилото изнесува 4.159мм, ширината 1.739мм и висината 1.556мм.

2008 е најмалиот SUV модел во гамата на Peugeot, базиран е на моделот 208, но е за неколку сантиметри повисок и има малку зголемено меѓуоскино растојание. Надворешниот дизајн изгледа многу кул и тренди, особено доаѓаат до израз задните 3D LED светла. Овој модел на Peugeot е популарен кај помладите купувачи, но тоа не значи дека не може да биде и одлично фамилијарно возило. Teстираниот модел беше во АLLURE ниво на опременост што значи мнооогу опрема. Можете да изберете помеѓу 4 нивоа на опременост: ACCESS, ACTIVE, ALLURE и GT LINE. Јас би ви го препорачал ALLURE нивото бидејќи разликата во цена е мала во споредба со ACTIVE, а добивате многу повеќе опрема која ќе ви биде потребна.

Ентериерот е несекојдневен и малку чуден, инструмент таблата е поставена точно во висина на погледот за возачот да не треба да го трга погледот од патот. Исто така и управувачот е малку помал и е поставен подолу од стандардниот дизајн па така возењето е поопуштено и полесно. Сепак тие што се малку повисоки може да имаат мал проблем со прегледноста на инструмент таблата поради необичната поставеност на управувачот. Материјалите кои се наоѓаат во кабината се од доста добар квалитет кога ќе се земе во предвид цената, но како и секој модел од оваа класа во долниот дел на централната конзола, вратите и уште некои места кои не ги допирате толку често е тврда пластика. Infotainment системот доаѓа со 7 инчен дисплеј и поддржува Apple CarPlay и Android Auto. Поставен е на одлично место, но бидејќи работи само преку допир нема нормални копчиња освен копчето за гласност на музиката, може да претставува мал проблем кога ќе треба да смените нешто додека возите. Менито е многу лесно за користење, работи брзо, но графиката во споредба со некои од другите конкурентни модели е малку послаба.

Задната клупа е удобна за луѓе до 190 сантиметри и ќе имаат доволно простор за нозете и главата, тројца возрасни луѓе нема да може да седат баш удобно за долги патувања, особено тој што ќе седи во средина поради повисокиот тунел што е во средината ќе има проблем со просторот за нозете. Во багажникот на располагање достапни се 350 литри, а кога ќе ги спуштите задните седишта добивате 1.194 литри. Висината на багажникот е доста ниска и подот е комплетно рамен па така многу лесно ќе може да ставате и вадите потешки работи.
Сите модели стандардно доаѓаат со деллива задна клупа(60:40).

Во понудата на мотори достапни се вкупно шест мотори:

Бензински:
1.2 PureTech 82 коњски сили
1.2 PureTech 110 коњски сили
1.2 PureTech 130 коњски сили

Дизел:
1.6 BlueHDi 75 коњски сили
1.6 BlueHDi 100 коњски сили
1.6 BlueHDi 120 коњски сили

Стандардно сите мотори се со мануелен менувач, но некои од нив може да ги земете и со автоматски менувач. Сите модели доаѓаат само со преден погон и нема опција за погон на сите тркала, реално за овој тип на возило не ни треба погон на сите тркала. Сепак постои опција за Grip Control системот на Peugeot со кој може да одберете помеѓу неколку режими на возење, а тоа се: Стандард, Снег, Песок, режим за лизгави патишта и ESP OFF.

Јас би го препорачал 1.2 турбобензинецот со 110 коњски сили бидејќи има и повеќе од доволни перформанси, а исто и потрошувачката не е превисока.Ако повеќето од времето го поминувате на отворен пат подобра опција би бил дизел моторот со 100 коњски сили. Тестираниот модел го имаше 1.2 PureTech моторот со 110 коњски сили и 205Nm вртежен момент. За возење низ град е перфектен мотор, за на отворен пат не е лош во секој случај, но бидејќи има пет брзини после неколку километри извозени фали таа уште една шестта брзина за моторот да се стиши малку. Мојата просечна потрошувачка на гориво во градски услови на возење изнесуваше околу 7.5 литри на 100 изминати километри, бидете малку повеќе претпазливи со педалата за гас и таа може да се спушти до 6.5 литри.

Нивото на опрема ALLURE подразбира работи како што се: LED предни дневни светла, 3D LED задни светла, темпомат, патен компјутер, hill assist, автоматски двозонски клима уред, задни паркинг сензори, спортски седишта, 16 инчни алуминиумски бандажи, infotainment дисплеј од 7 инчи, инструмент табла со LED осветлување, управувач и менувач обложени во кожа, електрични стакла напред и назад, заден спојлер со хромиран завршеток, затемнети задни стакла, Grip Control и уште многу, многу други работи.

Возењето во 2008 е релаксирано и опуштено, Peugeot не пробале да го направат овој модел спортски како некои од конкурентните модели туку повеќе се фокусирале да биде што покомфорен, што според мене така и треба. Од управувачот не добивате многу повратни информации, но е прецизен и лесен за маневрирање низ градските улици, а сепак на поголеми брзини станува потврд за да имате повеќе контрола при возењето. Суспензијата е во таа “златна средина”, не е премногу тврда низ нерамнините, но не е ни премногу мека за да има големо навалување во кривини.Поради повисоката седечка позиција прегледноста напред, назад и од страните е одлична. Слабата страна на 2008 е изолацијата, особено на поголеми брзини во кабината има бучава која доаѓа од ретровизорите и од тркалата, решението за тоа е пуштете си малку погласно музика и уживајте во возењето што го нуди 2008 додека ги слушате вашите омилени песни.

Цената на тестираниот модел во ALLURE ниво на опрема со 1.2 PureTech мотор со 110 коњски сили изнесува 16.500€.

Повеќе информации за возилото може да најдете на  https://peugeot.mk/vozila/peugeot-2008 или да го посетите продажниот салон на Peugeot.

ЗАКЛУЧОК
Peugeot 2008 e мини SUV кој изгледа тренди, нуди доста практичност и има комфорно возење.
ПОЗИТИВНО
Одлични возни карактеристики.
Флексибилен и економичен мотор.
Богата стандардна опрема.
НЕГАТИВНО
Ергономијата на целиот i-Cockpit не е баш идеална.
На автопат има понагласена бучава во кабината.
3.8