ТЕСТ: Nissan Qashqai 1.3 DIG-T 158 4WD X-Tronic N-Connecta

Qashqai е најголемиот хит на Nissan во последните неколку години. Кога го имаше своето деби во 2006 година, предизвика сензација, не само со чудното име, туку и со својот иновативен пристап кон автомобилот во компактен формат. Годините поминуваат и Nissan сега ја има третата генерација на Qashqai на пазарот. Само што ситуацијата денес е сосема поинаква од пред 15 години, а конкурентите сега се многу силни. Огромната популарност ​​за C-SUV сегментот отиде толку далеку што некои производители на автомобили веќе нудат и повеќе од еден ваков компактен кросовер.

На Nissan сепак не му недостасуваат аргументи во оваа конкуренција. Атрактивниот и експресивен надворешен дизајн е привлечен, како и внимателно завршената внатрешност која остава многу добар впечаток.

Третата генерација на Nissan Qashqai оди во битка со голем број интересни и важни иновации. Во споредба со неговиот претходник, основата е целосно променета, Qashqai сега е поставен на новата CMF-C платформа, која ја дели со други автомобили од Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата. Кросоверот исто така малку порасна во големина – во споредба со претходникот, тој е подолг за 31 милиметар (4425 мм), поширок за 29 милиметри (1835 мм), повисок за 30 милиметри (1625 мм) и има 19 милиметри подолго меѓуоскино растојание (2665 мм).

Надворешниот дизајн е сменет и свеж, но веднаш се приметува дека Nissan играле со сигурна карта и промените во споредба со претходникот не се до толку драстични. Едноставно, дизајнот е еволуција отколку револуција, а тоа е до некаде добро бидејќи претходниот Qashqai изгледаше навистина убаво. Новиот модел е многу поостар и поразновиден, каросеријата има различни набори, рабови и вдлабнатини што прават автомобилот да изгледа многу подинамично. Предниот дел се карактеризира со маска во облик на буквата V, хромирани детали и тесни full LED фарови поделени на два дела. Интересни се и пресеците на страните на браникот. Остатокот од автомобилот нема толку препознатливи стилски детали, но дефинитивно не е досаден. Qashqai доби, на пример, „лебдечки“ Ц-столбови, нетрадиционално „отсечен“ заден браник и вреди да се споменат задните светла кои се протегаат до страните. Ова не е автомобил кој „боде очи“ на улица, но овој дизајн ќе трае многу години на пазарот без да остари.

Внатрешноста на Qashqai е едноставна, на добар начин едноставна. Кабината е дизајнирана да биде удобна и пространа. Немам никакви резервации ни за употребените материјали или за квалитетот на изработката, каде и да допрете материјалите се фини и меки – големо подобрување во однос на втората генерација. Nissan направи одлична работа со уредувањето на контролната табла. Не се впушти во целосна дигитализација и „минимизирање“. Така, иако внатре наоѓаме дигитална табла со инструменти, голем централен дисплеј и огромен Head-up дисплеј од 10.8-инчи, класичните физички копчиња сè уште играат главна улога во контролите – и навистина функционира супер. Температурата на климатизацијата може да ја контролирате со конвенционално тркалце, јачината на звукот со друго тркалце, па дури со друго тркалце може да зумирате на мапата на екранот…Во денешно време, ова е навистина освежувачки пристап кој заслужува голема пофалба. Покрај тоа, сè е некако при рака и на свое место. Qashqai оставa многу добар впечаток во кабината. Благодарение на конструкцијата на каросеријата, внатре има многу простор во сите погледи и немав проблем да ја најдам идеалната позиција за возење. Можеби единствената мала замерка се однесува на малку полошиот поглед кон задниот дел, но тука се камерите кои помагаат во тие ситуации.

Пријатен е и инфозабавниот систем, екранот е со големина од 9-инчи и нуди релативно добра графика. Менито е едноставно и лесно за ракување, па брзо се наоѓаат работите кои ви се потребни. Покрај тоа, задоволува со интуитивни контроли, големи икони и поддржува wireless поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto. Благодарение на неговата позиција, екранот е прилично видлив, а ги ценам и копчињата под него, кои пак малку ја забрзуваат контролата и пристапот до главните функции. Дигиталната инструмент табла пред возачот користи екран од 12.3-инчи и нуди два начини на прикажување. Дисплејот е убаво читлив и дава јасни информации кои ви се потребни. И ако имате внесена дестинација во навигацијата, јасно се прикажува на инструмент таблата, а на големиот head-up дисплеј добивате инструкции за рутата.

Што се однесува до задните седишта, првата работа што треба да се напомене е тоа дека задните врати се отвараат под агол од 90 степени, а тоа овозможува одличен пристап до задните седишта, особено ако треба да поставите детско седиште. Просторот тука е навистина добар, седењето е удобно и има доволно простор како и за нозете, така и за главата. Во ред е и широчината на кабината, тројца патници ќе може да се сместат по потреба, додека двајца патници ќе уживаат во комфорноста. Ќе може да користат и централен потпирач за рака, посебни отвори за климата и два USB приклучоци.

Да го погледнеме и багажникот кој е поголем во новата генерација – според производителот, може да собере 461 литри (+51), а по преклопување на задните седишта, поделени во сооднос 60:40, Qashqai располага со багажен капацитет од 1593 литри. Корисна карактеристика е дводелниот двоен под, кој ја зголемува варијабилноста на багажникот – на пример, дозволувајќи просторот да се прегради така што товарот одзади не се движи „ваму-таму“. Се разбира, доколку сакате може да се отстранат и двата дела.

Со доаѓањето на новата генерација значително се промени и понудата на мотори. Nissan ги тргна дизел моторите и моментално нуди само еден 1.3 DIG-T турбо-бензински мотор со четири цилиндри, кој е достапен во две верзии: со 140 или со 158 коњски сили. Само помоќната верзија може да се комбинира со X-Tronic автоматски менувач (CVT) и со погон на сите четири тркала. Двете верзии се надополнети со mild-hybrid технологија, што е една од новитетите на овој мотор. Системот од 12 V, кој се состои од стартер-генератор поврзан со моторот со внатрешно согорување, ја добива енергијата генерирана со рекуперација, ја складира во литиум-јонската батерија и потоа ја користи за Start-Stop функцијата или за поддршка на моторот со внатрешно согорување за време на забрзувањето (моделите со автоматскиот менувач имаат и „sailing“ мод). Турбо-бензинецот доби и голем број нови компоненти со новата генерација, како што се инјектори или бајпас вентил на турбополначот.

Тестираниот автомобил беше придвижуван од помоќна верзија на моторот, комплетирана со X-Tronic автоматски менувач и 4WD погон на сите тркала. 1.3 DIG-T обезбедува максимална моќност од 158 коњски сили при 5.500 вртежи во минута и максимален вртежен момент од 270 Nm помеѓу 1.800 и 3.750 вртежи во минута. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.9 секунди, а максималната брзина изнесува 198 км/ч.

Моторот дефинитивно ме импресионираше со неговата префинетост и неверојатно тивко работење. Тој е толку мирен што често ќе мислите дека и воопшто не работи. Ова не се однесува само за бучава, туку и за примарното прикривање на какви било вибрации. Динамичниот израз одговара на модерен турбо мотор со мал волумен. Затоа, не очекувајте секогаш подготвена реакција на гасот, особено при мали брзини. Исто така, нуди и висок комфор при возење благодарение на одличниот менувач. Океј, „одличен менувач“ кога станува збор за X-tronic, односно CVT тип на менувач е можеби премногу да се каже. Но, Nissan направиле фантастична работа за да го спречат оној „досаден“ звук типичен за CVT менувачите, а благодарение на добро направените виртуелни брзини, возењето е рафинирано и непречено. Целата работа на овој менувач, нема никаква врска со старите CVT менувачи. Каква е потрошувачката? – во градски услови на возење се движеше од 7 до 9.5 литри. На отворен пат, доколку се вози со брзина според ограничувањата може да се очекува потрошувачка која се движи од 6.5 до 7.5 литри.

Пред да зборуваме за чувството зад управувачот, да истакнам една важна работа. Nissan повторно подготви два типа на задна суспензија за новиот Qashqai. Моделите со преден погон добиваат стандардна торзиона суспензија, додека верзијата со погон на сите четири тркала или доколку одберете 20-инчни бандажи се добива модерна мултилинк суспензија. Зошто е ова вака, не знам и јас сум малку збунет. Во однос на возните карактеристики на автомобилот сум пријатно изненаден, Qashqai има одлично подесена шасија со прилично добар баланс помеѓу комфорност и тврдина. Тестираниот модел беше на 18-инчни бандажи, што според мене е идеалната големина за да не се изгуби комфорот и воедно да изгледа убаво однадвор. Суспензијата добро се справува со дупките и нерамнините на патот, но во одредени ситуации каде што има малку полош асфалт се пренесуваат мали вибрации и потскокнувања. Во градски услови, Qashqai е сензационално тивок и вози како електричен автомобил. Треба навистина силно да ја притиснете педалата за гас за да дојде бучава во кабината. Исто така, Qashqai одлично се снаоѓа во градскиот метеж и тесните улици, поради релативно добрата прегледност и лесниот волан, автомобилот е многу едноставен за возење.

Како се однесува при подинамично возење? – ова е далеку од автомобил со кој ќе сакате да возите ентузијастички, но како за таков релативно добро врти во свиоци, нема пренагласено навалување и генерално е стабилен и безбеден. Благодарение на поостриот волан, изгледа агилно, само треба малку да го завртите воланот и автомобилот веднаш го менува правецот. Малку поцврстото подесување на шасијата придонесува за способноста на Qashqai добро да се справи со брзите промени на насоката и преносот на тежина. Не се ниша и нуди неутрален израз. На автопат возењето е удобно и релаксирано, единствена замерка имам за бучавата која најчесто доаѓа од тркалата и ретровизорите, но и после неколку часа поминати зад воланот нема да се чувстувате уморно. Ајде малку и за 4WD погонот – имав можност да го возам во зимски снежни услови (како што гледате и на фотографиите) и имам само пофалби за работата на овој погон. Во секој момент имате доволно тракција и многу убаво и паметно ја распоредува силата на тркалате каде што е потребно. Исто и ESP системот одлично „си ја брка“ својата работа и не се уклучува нонстоп како во некои други автомобили. Секако, за непреченото возење на снег свој удел си имаа и Michelin Pilot Alpin 5 гумите со кој беше опремен „мојот“ Qashqai, но генерално погонот си работи прекрасно.

Nissan Qashqai е достапен во 5 нивоа на опременост – Тестираниот модел е во N-Connecta ниво кое е „златната средина“ бидејќи нуди се што ви е потребно. Пример, 12.3-инчна дигитална инструмент табла, инфозабавен систем со 9-инчен екран и вграден навигациски систем, предни и задни паркинг сензори, 360 степени систем на камери со препознавање на објекти во движење, безжично полнење на мобилен телефон, 18-инчни алуминиумски бандажи, LED предни и задни светла, автоматски двозонски клима уред, многу безбедносни системи итн… Плус има и додадено дополнителна опрема како што се: PROPILOT систем (адаптивен темпомат со автоматско застанување и тргнување на возило во гужва, задржување на возило во сообраќајна лента, Head-Up дисплеј), стаклен кров и кровни држачи.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Nissan Qashqai 1.3 DIG-T 140 Visia изнесува 28.900 евра.

Цената на тестираниот модел Nissan Qashqai 1.3 DIG-T 158 X-Tronic 4WD N-Connecta со дополнителната опрема изнесува 40.000 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Nissan.

ЗАКЛУЧОК
Третата генерација на Nissan Qashqai прави многу работи како што треба. Лично, најмногу ми се допаѓа тивкиот и рафиниран мотор, како и концептот на ентериерот, кој иако носи голем број модерни и дигитални елементи, сепак на прво место ја става ергономијата. Како пакет, Qashqai е навистина добар семеен SUV автомобил.
Добро поставен ентериер
Удобна суспензија
Простор во кабината
Рафиниран мотор
Просечен багажен простор
Основните верзии немаат мултилинк задна суспензија
Неконзистентно однесување на моторот при мала брзина
4