Втората генерација на популарниот Nissan Juke не е непознат автомобил за мене, пред три години на тест пристигна во верзијата со турбо-бензински мотор и мануелен менувач. Сега, на тест ја имав најновата Hybrid верзија која е тука непосредно пред преминот во новата целосно електрична ера.
Hybrid верзијата на Nissan Juke ветува подобрени перформанси и значително помала потрошувачка, а со тоа и намалено загадување. На прашањето дали погонскиот систем сам по себе може да ја трансформира целокупната слика на автомобилот, Juke може да даде многу убедлив потврден одговор.
Пред три години, кога за прв пат беше лансирана втората генерација на Nissan Juke, кажав дека тоа е комплетен модел кој нуди доволен простор, квалитет, удобност и многу добра управливост, а сето тоа спакувано во конкурентен пакет. Истото се потврдува и денеска. Освен што, во овој случај, не се менува автомобилот, туку само погонскиот систем. Додавањето на новиот хибриден пакет го надгради Nissan Juke во многу повеќе аспекти од само намалена потрошувачка, а тука е вклучена и продажната цена.
До неодамна, 1.0-литарскиот DIG-T трицилиндричен бензинец беше единствената опција во Nissan Juke, кој беше задоволителен во однос на потрошувачката и ценовната политика, но беше далеку од тоа да му даде интересни перформанси на стилскиот Juke. Но, ова е нешто што се менува со доаѓањето на новата 1.6 Hybrid верзија. Јапонците во овој случај паметно ја одиграа играта. Тие не направија дополнителни трошоците за развој, туку само трошоци за интеграција на погонот. Многу компоненти на овој погон се превземени од Renault, односно од хибридните верзии на Renault Clio E-TECH и Megane Conquest E-TECH и Captur E-TECH.
Па ајде да почнеме со објаснување на овој (малку несекојдневен) хибриден погон. Почнувајќи од моторот со внатрешно согорување, тој е целосно нов и специјално дизајниран да се користи заедно со електричните мотори. Поточно, станува збор за 1.6-литарски бензинец кој нема директно вбризгување, турбо или многу коњски сили. Но, сето тоа обезбедува намалена потрошувачка, а тоа е и главната поента на овој погон. Бензинецот испорачува 94 коњски сили и 148 Nm вртежен момент. Следно, имаме основен електричен мотор со 49 коњски сили и 205 Nm вртежен момент, кој ја црпи енергијата од батерија (со водено ладење) со капацитет од 1,2 kWh (од кои 0,85 kWh се корисни). Како шлаг на тортата наоѓаме уште еден секундарен HSG електричен мотор со 20,4 коњски сили кој дополнително функционира како стартер/генератор. Сето ова заедно испраќа вкупно 145 коњски сили и 148 Nm вртежен момент на предните тркала преку автоматски менувач.
На автоматскиот менувач вреди да се потроши малку повеќе време, бидејќи е сè освен конвенционален менувач. Нема спојка и синхрони прстени, но има повисоко технолошки пристап, при што двата електрични мотори го контролираат времето. Има вкупно 6 брзини, но 4 се за моторот со внатрешно согорување и 2 се таканаречени „EV“ брзини. Менувањето е целосно автономно, не дозволувајќи му на возачот последователно да ги менува брзините. Дополнително, за да се намали триењето, спојката е компетно тргната од овој менувач, додека карактеристика е фактот што секое стартување на автомобилот е во чисто електричен режим, а двата електромотори се користат во комбинација за синхронизирање на брзините. Во согласност со целта на Nissan и самата негова „архитектура“, multi-mode менувачот се контролира со алгоритам , кој управува со точките на менување, регенерацијата на батеријата, како и сериско-паралелната работа на единицата.
Можеби сето ова звучи многу збунувачки, и да бидам искрен навистина е така, но во реалност работата е многу поедноставна. Промените на брзините ја нагласуваат удобноста, но што се однесува до софистицираниот алгоритам што ја контролира неговата работа, имам мали замерки и мислам дека стандардниот тип на автоматски менувач е многу порафиниран во одредени ситуации. Со овој менувач, има моменти кога како да не знае што сака да направи и менува брзини без вистинско значење. Тоа највеќе се случува во градски услови на возење на не толку високи брзини.
Стратегијата на Nissan за целосно електрифицирана гама до 2023 година е комплетна. Заедно со целосно електричниот модел Ariya и најсовремениот Qashqai e-Power, хибридниот Nissan Juke успешно ја комплетира тројката. Гледајќи ја големата слика, додавањето на овој помоќен и високо софистициран хибриден пакет видливо го надградува целиот Nissan Juke. Економската мобилност останува приоритет. Но, со избирање на една од трите програми за возење (Eco, Standard и Sport) можете доволно да го промените карактерот на автомобилот.
За автомобил од B-SUV сегментот, новиот Nissan Juke Hybrid е доста забавен за возење. Овој модел го доби карактерот што му недостигаше, извади нов аспект што е повеќе насочен кон возачот и перформансите се очигледно подобри. Како пример, забрзувањето од 0 до 100 км/ч тука трае 10.1 секунди во споредба со 11.8 секунди на верзијата со 1.0 турбо-бензинец и DCT автоматски менувач. Од друга страна, максималната брзина тука е ограничена на 166 км/ч наместо на 180 км/ч.
За враќање на економичноста, меѓу седиштата се наоѓа копчето e-Pedal, кое го зголемува враќањето на енергијата кога возачот ќе ја пушти педалата за гас. Вкупното забавување што може да го постигне е доста силно – 0,15g во споредба со 0,2g од целосно електричните модели на марката. Сепак, забележав дека системот не го имобилизира возилото, бидејќи се деактивира при 5 км/ч, а тоа значи дека за комплетно застанување мора да ја користите педалата за сопирачките.
На хартија, јапонската компанија тврди дека Nissan Juke Hybrid сега е способен да работи во чисто електричен режим 80% од времето во градскиот сообраќај, обезбедувајќи 40% намалена потрошувачка. Овие бројки се јасно импресивни и во голема мера, остварливи. Во град и со нормално возење потрошувачката се движи околу 6 до 6.5 литри, во оние тргни-застани услови оваа бројка значително се намалува бидејќи се користи само електромоторот. На автопат со просечна брзина од 120-130 км/ч потрошувачката изнесува околу 7 литри на 100 изминати километри.
Во однос на возните карактеристики, Juke Hybrid се вози скоро исто како и другата „обична“ верзија, но сепак има мали промени кои лесно се забележуваат. Кај оваа верзија педалата за гас е подолга и одговорот на командите на десната педала е многу пореспонзивен. Всушност, во комбинација со малку „позатегнатата“ суспензија и големите 19-инчни тркала на тест примерокот дава комплет кој е очигледно поинтересен за возење, но останува опуштен во секојдневниот живот. Пријатно изненадување е и системот за управување, кој тука работи малку поостро и попрецизно на командите на возачот, до тој степен што е речиси водечки во класата. Што се однесува до сопирачките, тие остануваат добри и во чувството и во перформансите. Хибридниот погон успева да испорача се што ветува. Потрадиционалниот бензинец, а општо и целиот погон знае да биде малку збунет од неговите различни „нијанси“ на работа, бидејќи при мали брзини автомобилот се однесува како типичен EV додека во сите други ситуации и во „мешан“ режим на работа каде што сите единици работат заедно системот си има одредено двоумење и сецкање. Сепак целиот пакет докажува пријатно и многу опуштено возење, при што возачот едноставно го става менувачот во D и тргнува. Софтверот се грижи за сите останати работи.
Во однос на надворешниот изглед, Juke Hybrid ја задржува својата позната силуета во целост, а оваа нова верзија е украсена со мали промени кои не се поврзани само со естетиката. Поконкретно, направени се низа мали интервенции со цел да се оптимизираат аеродинамичните перформанси, но и да се реализира неговиот електрифициран карактер. Така, предните врати и задната врата од багажникот се опремени со значки „Hybrid“, додека предниот дел на Juke Hybrid сега го има новото лого на Nissan, а исто така има уникатна сјајно црна лента што се спојува со хаубата. Дополнително, дизајнот на решетката сега е во саќе стил и има помала отворена површина за да се оптимизираат перформансите на воздушното ладење. Измени беа направени и на каросеријата, конкретно под браникот за да се подобри протокот на воздух и исклучиво за хибридниот модел, беше додадена бленда на решетка, овозможувајќи автоматско прилагодување на протокот на воздух според потребите за ладење.
Задниот спојлер поставен над задното стакло е препозициониран за „почист“ проток на воздух зад автомобилот. Дополнително, пред предните тркала, малите заштитни спојлери се преобликувани за да се изедначи протокот на воздух, додека задната оска доби капак што го измазнува протокот на воздух под автомобилот. Во понудата додадени се и нови двобојни алуминиумски тркала од 17 и 19 инчи, а вторите доаѓаат директно од Ariya.
Во внатрешноста ништо не се промени, а Juke Hybrid и понатаму располага со просторна и практична кабина, но со малку застарен дизајн. Новост е таблата со инструменти која е прилагодена во однос на индикациите за хибридните податоци. Оттука, визуелна претстава на протокот на моќност на погонската спрега може да се види на 7-инчниот екран на таблата со инструменти помеѓу двата главни аналогни кругови. Копчето за e-Pedal се наоѓа на централната конзола, зад копчето за електричната рачна сопирачка, додека копчето за активирање на функцијата „EV“ се наоѓа помеѓу двата централни отвори за воздух. Централниот екран за инфозабавниот систем нема никакви промени и во споредба со конкурентните модели изгледа навистина старо – и во интерфејсот и во графиката. Но, работата си ја врши одлично, респонзивен е и доста едноставен за ракување. Тест примерокот беше опремен и со фантастичниот BOSE Personal Plus аудио систем кој овозможува уникатно 360 степени искуство – топло го препорачувам за сите љубители на музиката и на квалитетниот звук.
Новата погонска единица, исто така, донесе промени и на просторно ниво – но не и за патниците. Во овој случај, багажниот простор „падна“ на 354 литри, што претрпе намалување од 68 литри во однос на бензинската верзија, како последица на вградувањето на батеријата на хибридниот систем во задниот дел. Со преклопени задни седишта, просторот за багажникот останува задоволителен за класата и изнесува 1.237 литри, додека просторот за задните патници останува непроменет. Двајца патници ќе може да се сместат удобно, но „стискање“ на уште еден трет патник искрено не би препорачал за некои подолги релации.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена за Nissan Juke Hybrid N-Connecta изнесува 37.340 евра.
Цената на тестираниот модел Nissan Juke Hybrid Tekna изнесува 40.800 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Nissan.