При крајот на минатата година за прв пат се дружев со новиот кросовер на Kia, примерокот што го имав тогаш на тест беше во највисокото Launch Edition ниво на опременост и 1.4 T-GDi мотор со 140 коњски сили (тестот за тој модел прочитајте го тука), а впечатокот што ми го остави тогаш возилото беше многу позитивен. Сега, на тест го имав XCeed во “entry-level“ изведба со 1.0-литарски турбо бензинец и Vision ниво на опременост. Дали овој основен модел ја поседува сета опрема која е потребна и дали впечатоците ќе останат позитивни како и при првото возење на моделот? – Прочитајте го тестот за да дознаете.

Автомобилскиот пазар моментално е преполн со кросовери и SUV модели, а тоа е и сосема очекувано бидејќи голем дел од купувачите на нови автомобили се повеќе и повеќе се одлучуваат за SUV модели наместо конвенционален хечбек или седан модел. Класата во која се наоѓа XCeed е многу конкурентна, но продуктот кој го нуди Kia има доста атрактивен купеовски дизајн и уште во првото ниво на опременост се добива многу богата стандардна опрема. Би рекол дека XCeed со својата силуета и дизајн е еден од најубавиот и најпривлечен модел на Kia во последните неколку години. Платформата на која е поставен XCeed е истата таа на која се поставени и сите други Ceed модели, а во споредба со Ceed хечбек, XCeed е за 85мм подолг(4.395мм), 26мм поширок(1.826мм) и повисок за 48мм(1.495мм). Исто така, има и зголемен “ground clearence“ за 44мм, а ако мислите дека ова е само “подигнат“ Ceed грешка сте. Единствените делови кои се исти кај овие две возила се само предните врати, сите други панели и делови кај XCeed се нови и комплетно различни.
Ентериерот има идентичен дизајн како и во другите модели на семејството Ceed. Голем дел од материјалите кои се искористени во кабината се меки и фини на допир, но на подолните места кој не ги допирате толку често поставени се малку потврди материјали што е и сосема нормално за класата во која припаѓа XCeed. Големи пофалби имам за ергономијата и поставеноста на сите копчиња и контроли бидејќи се е поставено на идеално место и е многу лесно за користење при возење. Кај повеќето конкурентни модели, кабината е целосно дигитализирана и физичките копчиња ги има во минимален број. Кај XCeed приказната е малку различна, клима уредот се контролира преку физички копчиња кои се поставени под дисплејот за infotainment системот, Start/Stop системот исто така се исклучува и уклучува преку физичко копче поставено до менувачот, а копчето за lane assist е поставено од левата страна кај управувачот. Сите битни функции кои често се користат се направени да имаат брз и едноставен пристап, додека кај другите модели кои се дигитализирани сите овие работи се контролираат преку екран на допир, а тоа е доста покоплицирано особено доколку треба да смените нешто додека возите. Во ова прво Vision ниво, пред возачот се наоѓа аналогна инструмент табла (во второто Advance ниво добивате дигитална инструмент табла), а на горниот дел од централната конзола е поставен 8-инчен дисплеј за infotainment системот(во Advance добивате 10,25-инчен дисплеј). Системот е едноставен за ракување и доста респонзивен, но има други конкурентски модели кои нудат малку подобра графика – Apple CarPlay и Android Auto поврзување е вклучено во стандардна опрема.
Предните седишта нудат доволно простор дури и за оние со малку поголема висина, лесно се наоѓа и идеална возачка позиција благодарение на тоа што управувачот се подесува по висина и длабочина. Патниците на задните седишта нема да се чувствуваат стиснато бидејќи XCeed нуди импресивна пространост, во средина подот е рамен и може да се сместат тројца патници, но само за некои пократки релации. Багажникот нуди 426 литри капацитет, просторот е во коцкаста форма и рамниот под го прави ставањето и вадењето на потешки работи многу лесно.
1.0-литарскиот трицилиндарски T-GDi турбо бензинец со кој што беше опремен тест моделот располага со 120 коњски сили достапни при 6000 вртежи во минута и 172 Nm вртежен момент достапен помеѓу 1500-4000 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку прецизен и лесен 6-степен мануелен менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.9 секунди и постигнува максимална брзина од 184 км/ч. Голем дел од купувачите имаат предрасуди конкретно за овие мотори, но во реалноста перформансите кои ги нудат се навистина доволни (секако не за секого). Ако често патувате на долги релации и возите повеќе патници во возилото, во тој случај подобра опција се некои од појаките достапни мотори. Но ако голем дел од времето го поминувате во градски услови, овој 1.0 T-GDi е повеќе од доволен. Моторот е тивок и работи рафинирано, освен на повисоки вртежи кога доаѓа до израз тој класичен трицилиндарски звук, а да бидам искрен кај XCeed и не звучи толку лошо. Просечната потрошувачка од неколку дневното возење во градски услови изнесуваше 7.5-8 литри на 100 изминати километри, што не е многу далеку од официјалната декларирана потрошувачка од 6.8 литри. Освен овој мотор, на располагање е уште еден 1.4-литарски турбо бензинец со 140 коњски сили и 1.6-литарски дизел со 136 коњски сили. Стандардно доаѓаат со мануелен менувач, а како опција достапен е и 7-степен DCT автоматски менувач.
Најголемиот плус кај XCeed е стандардната опрема која е вклучена уште во првото ниво, а голем дел од овие работи кај конкурентските модели се во дополнителна опрема. Што содржи Vision нивото? – LKAS –систем за одржување на возилото во лента, FCA – систем за избегнување фронтален удар со детекција на возила и пешаци, задни паркинг сензори, задна паркинг камера, автоматски двозонски клима уред, сензор за дожд, 8-инчен дисплеј, предни и задни Full LED светла, 16-инчни алуминиумски бандажи и многу друго..
Освен на дизајнот, од Kia посветиле големо внимание и на шасијата. Поради поголемиот “ground clearence“ направено е различно подесување на шасијата во споредба со Ceed хечбек, но производителот не застанал таму, туку направени се многу други битни промени. XCeed добива пофлексибилни амортизери и помеки спирали за 7% на предниот дел и 4% на задниот дел. Најважната новост се хидрауличните амортизери поставени на предните тркала, а нивната предност е тоа што нудат помеко и “потивко“ поминување преку дупки и нерамнини. Една од причините за купување на кросовер/SUV возило е подобрата прегледност која кај XCeed е одлична. Возењето во град е навистина лесно, управувачот е прецизен и има перфектна тежина, а благодарение на софистицираната суспензија и 16-инчните бандажи, в0зењето е и многу комфорно. Претходниот XCeed што го имав на тест беше со 18-инчни бандажи и разликата во удобност е доста приметлива, но со “18ки“ изгледа мноогу подобро…Така што, ако ви е битен комфорот во возењето одберете “16ки“. Дополнително е работено и на подобрување на звучната изолација, при возење на автопат со брзини од 120-130 км/ч навистина нема пренагласена бучава во кабината и возењето е релаксирано и рафинирано. XCeed воодушевува и со својата стабилност – сите модели добиваат multi-link задна оска. Однесувањето на возилото во свиоци е поблиску до хечбек отколку SUV модел, ги следи вашите команди и не се навалува онолку колку што би очекувале од ваков тип на возило. Комуникацијата со подлогата не е на највисоко ниво, но имате апсолутна доверба зад управувачот.
Оваа изведба со 1.0 T-GDi мотор и Vision ниво на опременост ќе ги задоволи потребите на голем дел од купувачите бидејќи е еден комплетен автомобил и поседува се што е неопходно.
Цената на тестираниот модел изнесува 18.900 евра.
Повеќе информации и ценовник може да најдете ТУКА.














