За четвртата генерација на Rio, Kia користи комплетно нова платформа и нови мотори кои дефинитивно го подобруваат возачкото искуство.
Должината изнесува 4065мм, ширината 1725мм и висината 1450мм.
Во споредба со претходната генерација, надворешниот дизајн на новото Rio е мнооогу подобар и попривлечен. Голем впечаток остава предниот дел со големата маска која е во сјајна црна боја, во комбинација со црвената боја на тестираниот модел му дава посебен спортски изглед. На задниот дел најмногу до израз доаѓаат LED светлата кои одлично се вклопуваат со возилото и изгледаат кул. Плус моделот што го возев имаше 17 инчни бандажи па очите на сите минувачи паѓаа баш таму.
Внатрешноста е главниот дел во новото Rio, се гледа дека Kia посветила доволно време за на крај овој модел да изгледа баш како што му доликува на возило од оваа класа. Интересни детали што најмногу го привлекуваат вниманието се деловите во кабината што се во сребрена и сјајно црна боја. Седиштата се удобни, а и повисоките луѓе ќе можат лесно да најдат удобна возачка позиција. Просторот на задната клупа е во нормалата на оваа класа, луѓе до 190cm ќе имаат доволно простор, но не за многу долги патувања. Материјалите не се баш меки на допир, но кога ќе ја земете во предвид цената, тоа и не е баш лошо.
Багажниот простор изнесува 325 литри, а доколку ги спуштите задните седишта ќе добиете 980 литри.
За infotainment системот добивате дисплеј од 7 инчи кој поддржува AppleCarPlay и AndroidAuto. Брз е и едноставен за користење, но не е меѓу најдобрите. Ако одите во повисокото ниво на опрема Style(во кое што беше тестираниот модел) добивате плус и навигациски систем и задна паркинг камера.
На располагање имате вкупно 3 бензински мотори: 1.25 84hp, 1.4 100hp и 1.0 T-GDI 100hp.
Тестираниот модел беше опремен со 1.25 атмосферски бензински мотор со 84 коњски сили и 122Nm вртежен момент. Просечната потрошувачка во град изнесуваше 8.0 литри на 100 изминати километри. Ако го возите возилото само во градски услови, тогаш овој мотор ќе ви биде доволен, а ако планирате доста време да поминете надвор од град тогаш дефинитвно не ви го препорачувам овој мотор. Ви го препорачувам појакиот 1.4 или уште подобра опција е 1.0 турбо моторот, многу подобри перформанси, а потрошувачката нема да биде многу повисока од таа што се добива со 1.25.
Нивото на опременост беше Style, а тоа значи скоро се. Задна паркинг камера, задни паркинг сензори, автоматски клима уред, 7 инчен дисплеј, навигација, LED предни дневни светла, LED задни светла, сите системи за безбедност. Плус имаше и нешто повеќе: 17 инчни бандажи, кожни седишта, греачи во предни седишта и греач за волан.
Возењето во Rio не е толку забавно како што е кај Ford Fiesta или Seat Ibiza, суспензијата не е премногу тврда, управувачот на помали брзини е лесен, но кога возите со ” малку ” поголема брзина е токму онаков како што треба, прецизен и возилото ќе оди точно каде што сакате. На отворен пат возењето е релаксирачко и нема премногу бучава од тркалата или ретровизорите во кабината. Прегледноста е на добро ниво така што и да немате задни паркинг сензори нема да имате проблем со паркирање во тесни места.
Kia Rio со Experience+ ниво на опрема сега е со промотивна цена од 10.990€.
Повеќе информации за возилото може да најдете на http://www.kiamotors.com.mk/model_package.php?model=rio или да го посетите продажниот салон на Kia Motors.