ТЕСТ: Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS 180 Premium

Hyundai Sonata е автомобил кој не го слушате или гледате толку често на нашите патишта. Претходните генерации на Sonata имаат конвенционален дизајн, како на надворешноста така и во внатрешноста, па затоа и не беа до толку интересни модели за купувачите во тоа време. Сега, со новата осма генерација, Hyundai реши да го промени ова и да претстави автомобил кој е модерен, полн со нови технолошки решенија и најважно – да биде интересен за купувачите. Па затоа, денес ќе зборуваме за новата Sonata во Premium ниво на опременост и 2.5-литарски бензински мотор.

Осмата генерација добива нова платформа, впечатлив дизајн и голем број на нови технологии – корејскиот „flagship“ модел е подобар од било кога досега и изненадува со голем број нестандардни решенија. Во последните неколку години, моделите на Hyundai привлекуваат доста големо внимание благодарение на екстравагантниот и уникатен дизајн, кој секако не е по сечиј вкус. Не изостанува ни новата Sonata од оваа филозофија, напорите на Hyundai за да биде уникатна и впечатлива се веднаш очигледни. На предниот дел, вниманието го привлекува големата и широка маска, како и интересните LED фарови. Многу интересен детал се предните дневни светла кои излегуваат од фаровите и се протегаат по страничните рабови на хаубата, а тоа придонесува за драматичен изглед, особено навечер. Инаку, кога дневните светла се изгасени многу тешко дека некој на прв поглед ќе погоди дека таму се наоѓаат светла. Хромираните елементи на браникот и маската и даваат еден полуксузен шмек на Sonata.

Задниот дел има футуристички и не толку драматичен изглед како предниот дел. Тука главниот детал се едноделните задни LED светла кои се протегаат преку цел заден дел и на нив можете да најдете голем број на мали надолжни перки – многу големо внимание е посветено и на најситните детали. Додека под нив со големи букви е испишано името Sonata, а на вратата од багажникот се наоѓа и дискретен спојлер. Скромноста не е една од доблестите на корејскиот автомобил. Не само што блеска во секое време од денот или ноќта, тој е именуван од неговите креатори и како купе со четири врати, благодарение на несекојдневната и купеовска форма. Иако во профил, овој Hyundai повеќе личи на лифтбек, всушност како и досега, станува збор за седан. Единствената замерка која ја имам е за алуминиумските бандажи на тестираниот модел, не сум голем фан на нивниот дизајн и иако се со големина од 18-инчи, на автомобилот изгледаат како да се број-два помали. На крај на денот, новата Sonata е автомобил кој привлекува огромно внимание каде и да помине (дури и во оваа класична сива боја) – токму тоа што Hyundai сакаше да го постигне со новата генерација.

Што се однесува до димензиите на автомобилот, новиот модел во споредба со претходникот е подолг за 45 милиметри (4900 мм), додадени се 35 милиметри во меѓуоскиното растојание (2840 мм) и што е најважно, изграден е на целосно нова универзална платформа која овозможува користење на различни типови на погонски единици, вклучително и хибридни. Планирана е и целосна електрификација – но, ова е за во иднина.

Ако надворешниот дизајн е целосно различен од другите модели на брендот кои често ги гледаме на нашите улици, внатрешноста е доволно позната и е слична со онаа во новиот Tucson или новиот i20. Дизајнот е модерен и го има она премиум чувство веднаш штом седнете зад воланот. Ми се допаѓа тоа што и покрај сите екрани, Hyundai одлучиле да задржат и конвенционални физички копчиња за одредени функции, како на пример за клима уредот – овој начин на работа е едноставен и далеку полесен за ракување отколку се ова да биде преку инфозабавниот екран. Предните седишта се поставени малку повисоко, но ова е можеби единствената и не најсериозната замерка која ја имам за ергономијата. Умерено крутите оптимално профилирани седишта имаат широк опсег на прилагодување, а возачот нема проблеми во интеракцијата со арсеналот на информации и помошни системи. Сите верзии на Sonata добиваат 12.3-инчна Supervision дигитална инструмент табла. Не може премногу да се конфигурира, но можете да ги менувате темите што одговараат на режимите Comfort, Eco, Sport и Smart. Притискате копче на централниот тунел, а заедно со поставките за воланот, моторот и менувачот се менува и графиката на екранот. Анимацијата при менување на графиката е многу интересна – старата графика се распаѓа во скршени пиксели, а на негово место се склопува нова – во различна боја и со своја графика. Друг специјален ефект е достапен за купувачите кои ќе ја одберат врвната верзија со систем за следење на мртвата точка – кога се вклучени трепкачите, десниот и левиот круг на инструмент таблата привремено се претвораат во „телевизори“ кои емитуваат слика од страната на автомобилот. „Трикот“ е спектакуларен и воопшто не е бескорисен во густиот градски сообраќај.

На горниот дел од централната конзола се наоѓа екранот за инфозабавниот систем кој е со големина од 10.25-инчи и е со вграден навигациски систем, а има и поддршка за Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Графиката е доста солидна и целиот систем брзо реагира на сите команди. Исто така, овој екран може да го конфигурирате како што сакате, често користените функции може да ги ставите на „Home“ со што ќе имате брз пристап без да треба да барате низ менито. Вреди да се спомене и одличниот Bose аудио систем кој го имаше тестираниот модел (стандардно од второто Style ниво на опременост). Друг интересен и несекојдневен детал е контролирањето на автоматскиот менувач. Нема никаква рачка, туку наместо тоа се поставени одделни копчиња за D, N, R и P. Ова решение е во совршена хармонија со овој елегантен и интересен ентериер, но искрено не е толку практично. До менувачот се поставени и одделни физички копчиња за Auto Hold функцијата, одбирање на Drive Mode и копчиња за паркинг сензорите и камерата.

Денес, една од придобивките на платформите кои се развиени од нула е зголемувањето на просторот во кабината, пред се за патниците одзади. Тука, има навистина многу простор за нозете. Дури и поголемите луѓе ќе имаат пристоен простор од колената до задниот дел на предните седишта. Сепак, кабината не е толку голема по висина. Кога седите правилно со исправен грб, лице кое е со висина поголема од 185 cm малку го допира кровот со својата глава. Тоа е цената која мора да се плати за модерна и купеовска силуета. Инаку, задните патници имаат пристап до приспособливо загревање на седиштата, преклоплив потпирач за раце со пар држачи за чаши, а највисокото ниво на опременост добива и завеси за страничните и задните прозорци, но има само еден USB конектор за сите. Во багажникот на располагање се достапни вкупно 510 литри багажен простор, што да бидеме реални не е воопшто малку.

На нашиот пазар, новата Sonata е достапна само со еден мотор кој е малку чуден за денешно време. Станува збор за 2.5-литарски MPI четирицилиндарски атмосферски бензинец кој испорачува 180 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 232 Nm вртежен момент од 4000 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку 6-степен автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 километри на час трае 9.2 секунди, додека максималната брзина која може да ја постигне е 210 километри на час. Перформансите на овој мотор не се перфектни, но се сосема добри, Sonata стартува брзо и забрзува доста самоуверено. Но, дури и со лежерно движење, автоматскиот менувач знае спонтано да префрли еден степен надолу или нагоре, како да не може да го направи вистинскиот избор. Режимот „Sport“ помага да се надмине неодлучноста на автоматскиот менувач, но тогаш ќе мора да се справите не само со повисока потрошувачка на гориво, туку и со бучавата на моторот. Почнувајќи од 4000 вртежи во минута, звуците на моторот во кабината изгледаат несоодветно гласни. Сепак, ова е автомобил кој голем дел од времето ќе биде возен пристојно, отколку динамично со полна гас, така што поголемата бучава нема да претставува проблем во секојдневното возење. Што се однесува до потрошувачката, во неколку дневното тестирање измерив просечна потрошувачка која се движеше од 10 до 11 литри, во градски услови на возење. На отворен пат, оваа бројка може да се намали и до 7 литри на 100 изминати километри.

Sonata е автомобил кој е наменет за оние кои сакаат опуштено и релаксирано возење, па токму затоа главниот акцент е ставен на комфорот. Благодарение на новата модерна платформа, автомобилот управува многу прецизно и директно. И покрај тоа што станува за релативно долг автомобил, маневрирањето низ градските улици е доста лесно. Секако, свој удел во ова има и добрата прегледност, како и паркинг сенозрите и камерите. Суспензијата работи добро, но во исто време и малку чудно. Во зависност од патот, возењето знае да биде супер комфорно, но на одредени делови каде што има мали нерамнини се чувствуваат вибрации во кабината. Поради новата поцврста суспензија, Sonata одлично се однесува и во свиоци, каде што скоро и да нема пренагласени навалувања. Да, во Sport режим управувачот е поцврст и подиректен, а педалата за гас пореспонзивна, но овој автомобил ретко кој од купувачите би го префрлиле во спортски режим и би „бркале“ свиоци – едноставно, не одговара на карактерот. Sonata е направена да влезете во автомобилот и без никаков проблем да патувате на подолги релации, на автопат возењето е комфорно со минимална аеродинамична бучава која најчесто доаѓа од ретровизорите. Балансот кој е направен за возните карактеристики на автомобилот може да се каже за оптимален.

Sonata е достапна во пет нивоа на опременост, тестираниот модел кој е во Premium ниво (трето по ред) содржи стандардна опрема како што се: BI-LED предни светла, греење на предни и задни седишта, греење на волан, делумно кожни седишта, 18-инчни алуминиумски бандажи, BOSE аудио систем, Supervision дигитална инструмент табла, 10.25-инчен екран за инфозабавниот систем, активен темпомат, предни и задни паркинг сензори, задна камера и многу друго…

Почетната цена на Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS Comfort изнесува 33.500 евра.

Цената на тестираниот модел Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS Premium изнесува 39.200 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс.

ЗАКЛУЧОК
Осмата генерација на Hyundai Sonata доаѓа со многу новости и благодарение на многуте нестандардни решенија се издвојува од веќе докажаните конкурентни модели. Да, можеби конкретниот мотор не е најидеален, но добрите возни карактеристики, одличната просторност во кабината и несекојдневниот дизајн ја прават Sonata автомобил што треба да биде на вашата листа доколку сте во потрага по комфорна и практична лимузина.
Просторна и практична кабина.
Несекојдневен дизајн.
Добар баланс на возните карактеристики.
Достапен е само еден (атмосферски) бензински мотор.
не толку респонзивен автоматски менувач.
4