ТЕСТ: Fiat Tipo Cross 1.0 T3

Fiat Tipo е еден доста популаран модел на италијанскиот бренд, а таа популарност ја има и на нашиот пазар – нуди сосема солидна практичност, богата стандардна опрема, економични мотори и сето тоа се добива по доста прифатлива цена. Па затоа, Fiat неодамна ја освежи целата Tipo гама која вклучува хечбек, седан и караванска изведба, но плус за прв пат до сега беше претставена и целосно нова Cross изведба која е базирана на хечбек моделот. Денес ќе зборуваме токму за овој нов Tipo Cross опремен со бензински мотор.

Со оглед на огромната популарност на SUV и кросовер моделите, воопшто не е изненадување тоа што Fiat се одлучиле да направат токму ваква кросоверска изведба на еден од најпопуларните модели кои ги имаат во својата понуда. Ваквите автомобили, според мене се навистина полн погодок – зошто? Да зборуваме реално, голем процент од купувачите на сите тие кросовери и компактни SUV модели скоро и никогаш не ги возат своите автомобили по некои екстремни off-road патишта и најчесто се користат за возење во град и на некои подолги релации каде што возењето е на автопат. Tipo Cross е полн погодок бидејќи нуди релативно слични возни карактеристики, целиот автомобил е за нијанса помал што пак резултира со полесно маневрирање во градскиот метеж и го има оној робустен off-road изглед на надворешноста. Плус, суспензијата на оваа изведба е за 40 мм повисока од таа на стандардниот хечбек.

Со освежувањето, Tipo моделите добија и доста измени на надворешноста со што сега изгледаат далеку помодерно од претходно. Во споредба со другите изведби, Tipo Cross добива и доста уникатни елементи кој придонесуваат за тој кросоверски изглед. На предниот дел поставена е нова маска за ладилникот на која е поставено новото лого на Fiat, предниот браник е комплетно различен и во средината е поставен заштитен панел во сребрена боја. Што се однесува до фаровите, сите модели стандардно добиваат фарови кои се со LED технолгија – и одлично го осветлуваат патот навечер. На задниот дел, исто така е поставен комплетно нов браник со заштитен панел во средината, на вратата од багажникот е поставена Cross ознака и задните светла се со LED технологија. За да се комплетира тој кросоверски изглед, околу тркалата, на страничните прагови и на долните делови на браниците поставени се заштитни пластики во црна боја, а покривот добива носачи во сребрена боја. Генерално, Tipo Cross изгледа навистина убаво и динамично, но на еден посмирен начин. Ми се допаѓа и оваа конфигурација на тестираниот модел, белата боја во комбинација со сите црни елементи дава интересен контраст, а сликата за тоа ја дополнуваат 17-инчните двобојни алуминиумски бандажи. За оние што сакаат малку поразиграна и попривлечна конфигурација, Tipo Cross може да го земете во една многу убава боја која воедно има и доста интересно име, а тоа е „Paprika Orange“. Секако, достапни се и многу други нијанси на бои за каросеријата.

Кабината на Tipo Cross на прв поглед можеби изгледа многу слично како и моделите пред освежувањето, но направени се многу измени кои придонесуваат за помодерен изглед, како и подобро ракување. Пред возачот сега е поставен нов дигитален дисплеј од 7-инчи на кој се прикажуваат сите битни информации за возењето, а достапни се и неколку различни прикази. Воланот добива покомпактен дизајн и нуди подобра ергономија. На горниот дел од централната конзола се наоѓа дисплејот за инфозабавниот систем кој стандардно доаѓа со големина од 7-инчи. Тест моделот беше опремен со овој дисплеј, но дополнително имаше и вграден навигациски систем, а се добива и поврзување на мобилен телефон преку Apple CarPlay и Android Auto. Графиката е чиста, менито е едноставно за користење и целиот систем нуди добра респонзивност. Како опција, може да одберете и комплетно нов 10.25-инчен дисплеј кој доаѓа и со новиот UConnect 5 систем. Она што многу го почитувам е тоа што на долниот дел од централната конзола се задржани физичките копчиња за контролите на клима уредот, а сето тоа резултира со лесно ракување особено при возење.

Обновени се и голем дел од материјалите кои се поставени во кабината, оние места кои често се допираат и се во видно поле добиваат помеки материјали од претходно, но сепак долниот дел од централната конзола и вратите ги задржуваат потврдите и поцврсти пластики. Tipo Cross добива и седишта кои се со уникатен дизајн и на кој е испишана ознаката Cross. Кога сме кај седиштата, нудат доста комфорно седење и воедно добра странична поддршка, а возачкото седиште добива и нагодување за лумбална поддршка. Целиот дизајн на кабината можеби го нема оној „wow ефект“ кога ќе ја отворите вратата, но затоа нуди беспрекорна ергономија, практичност и просторност.

Tipo може да се пофали и со меѓуоскино растојание кое е меѓу најголемите во својата класа, а тоа пак овозможува изненадувачки многу простор на задните седишта. Двајца патници ќе може комфорно и удобно да се сместат на задните седишта и да имаат повеќе од доволно простор како и за нозете, така и за главата. По потреба може да се сместат и тројца патници, но поради поголемиот тунел во средина третиот патник нема да има доволно простор за нозете, а ќе биде нарушена и комфорноста на другите патници. Што се однесува до багажникот, до него се пристапува преку прилично голема врата, а просторот е во правилна коцкаста форма. Багажниот капацитет изнесува 440 литри, а стандардно се добива и 60:40 деллива задна клупа.

Стандардната опрема која ја добивате во Tipo Cross вклучува: предни и задни паркинг сензори, автоматски клима уред, сензор за дожд, лумбално подесување за возачко седиште, адаптивен темпомат, автономно кочење, 7-инчен дисплеј за инфозабавниот систем со Apple CarPlay и Android Auto, Full LED предни светла, 7-инчни дигитална инструмент табла, 17-инчни алуминиумски бандажи, одржување на возилото во лента и многу друго…

На нашиот пазар Tipo Cross е достапен само со еден мотор, а тоа е новиот 1.0-литарски FireFly трицилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 100 коњски сили при 5000 вртежи во минута и 190 Nm вртежен момент достапен од 1500 вртежи во минута. Ова е доволно за забрзување од 0 до 100 км/ч за 12.2 секунди и максимална брзина од 183 км/ч. Силата се пренесува на предните тркала преку 5-степен мануелен менувач (и мене ми е чудно зашто менувачот не е со 6 брзини). Перформансите кои ги нуди „малиот“ мотор се навистина задоволителни, особено за намената на овој тип на автомобил. Со леснотија го задвижува 1260 килограми тешкиот автомобил, а она што исклучително изненадува е рафинираноста на моторот. Кај сите други трицилиндерски мотори во некои ситуации во кабината се чувствуваат мали вибрации, но тука тие вибрации скоро и да ги нема, работењето на моторот е многу тивко и само при поагресивно притискање на педалата за гас се слуша тој карактеристичен трицилиндерски звук. Пофалби и за менувачот кој е прецизен, многу лесен за користење и брзините се убаво распределени. Секако, за да го извлечете максимумот од моторот треба многу често работење со менувачот. Што се однесува до потрошувачката, јас успеав да измерам просечна потрошувачка од 6.5 до 7 литри на 100 изминати километри, а возењето генерално беше во градски услови.

Стигнавме до крајот на овој тест, а тоа значи каков е новиот Tipo Cross зад управувачот. Повисоката суспензија придонесува и за повисоко седење, а тоа пак овозможува подобра прегледност што кај Tipo Cross е одлична од сите страни. Ова е од особена важност за возење во градски услови, каде што автомобилот е доста лесен за маневрирање, а тука се и сензорите и камерите кои уште повеќе го олеснуваат паркирањето во тесни места. Суспензијата е одлично прилагодена за да понуди добар комфор, но од друга страна и добра динамичност. Сите дупки и нерамнини на патот успева перфектно да ги исфилтрира без да се пренесат несекани вибрации во кабината. Да, ова е далеку од спортски автомобил и не треба да се очекуваат кој знае какви динамични возни карактеристики, но и во овие ситуации Tipo Cross ги надмина очекувањата кои ги имав. Префрлањето од еден свиок во друг е навистина добро со оглед на тоа што има повисока суспензија, океј, присутно е одредено навалување во свиоци, но не до оној степен што би го очекувале. Она што малку недостасува се повратни информации од управувачот, но затоа пак е доста прецизен и директен. На автопат, во кабината е тивко благодарение на подобрената изолација, па затоа подолгите патувања се поминуваат во одлична рафинираност и удобност.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Fiat Tipo Cross изнесува 17.200 евра.

Промотивната цена на тестираниот модел со нешто ситно дополнителна опрема изнесува 17.350 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Fiat.

ЗАКЛУЧОК
Доколку сте љубител на тој кросоверски изглед, но не сакате да возите непотребно голем SUV модел, Fiat Tipo Cross е перфектната алтернатива. Нуди убаво и комфорно возење, изгледа сосема коректно и без никаков проблем ќе може да ве однесе до некои места каде што ќе треба да го напуштите асфалтираниот пат.
Тивок и рафиниран 1.0-литарски мотор.
Одлично опремен.
Врвна просторност во својата класа.
Мануелниот менувач има 5-брзини.
Некои конкурентни модели нудат малку поголем багажен простор.
4.5