ТЕСТ: Citroën C3 Aircross 1.2 Turbo 100 PLUS 

Citroën лансираше интересен нов производ во светот на компактните теренци, а станува збор за C3 Aircross. Тој е продолжение на претходниот успешен мал теренец, но доаѓа со голем број иновации. Технички, тој е базиран на стандардниот C3 и го усвои и неговиот дизајнерски стил, кој првпат се појави на електричниот концепт Oli. Исто така, користи и модуларна Smart Car платформа.

Ова не е само едноставен автомобил, а со тоа и евтин, туку овозможува и вградување на мотори со внатрешно согорување, хибриди и електрични мотори. И најважното нешто е тоа што е достапен и во верзија со седум седишта, што изгледа како чудо со оглед на компактните димензии на автомобилот. 

Што се однесува до изгледот, тенката, коцкеста силуета на претходната генерација се чини дека тука отиде чекор понатаму. Може да се забележат поизразени рабови, повисок став, кровни шини, заштитна пластика околу трклата, но и високиот клиренс – од 19,3 сантиметри – а ова дополнително го подобрува неговиот изглед SUV изглед. 

Врската со стандардниот C3 е очигледна, но разликата помеѓу тој модел и C3 Aircross е значајна. Вториот е за 380 мм подолг во целост и се одликува со меѓуоскино растојание продолжено за 130 мм – вкупно 2670 мм. И задниот дел е исто така продолжен, така што C3 Aircross дава многу поизбалансиран впечаток од стандардниот C3. Предниот дел до Б-столбот изгледа исто како и помалиот хечбек, но не е целосно идентичен. Трагата на предните тркала е проширена за 67 мм на 1565 мм. Задната оска е зголемена за 52 мм на 1570 мм. И сега знаеме зошто C3 Aircross е 40 мм поширок однадвор од стандардниот C3. Затоа дава и поцврст впечаток.

На предниот дел на автомобилот, се издвојува овалното лого на Citroën, потсетувајќи на ретро значката на компанијата од 1919 година, со затворена решетка и суптилни LED светла што ја нагласуваат модерната естетика. Дополнително, предниот браник е подолг и поробустен од стандардниот C3. На задниот дел, LED светлосните единици формираат светлосен потпис на три нивоа, потсетувајќи на буквата „C“ и се споени со рефлектирачка лента што ја истакнува ширината на автомобилот. Палетата на бои е ограничена, во обид на брендот да ги рационализира трошоците. C3 Aircross се одликува со паметен и дискретен допир на персонализација. Таканаречените Color Clips, кои може да се видат на браниците и задниот столб.

Внатрешноста на C3 Aircross следи минималистички и возачко-ориентиран пристап, базиран на филозофијата Citroën C-Zen Lounge. Контролната табла е поделена на две нивоа, создавајќи практични прегради-полици. Во однос на квалитет, не очекувајте чуда. Со исклучок на поставата од ткаенина на второто ниво на контролната табла, кабината е целосно изработена од малку потврда пластика. Но завршната обработка е пристојна, а вклопувањето меѓу нив е убедливо.

Во побогатите PLUS и MAX нивоа на опременост го наоѓаме 10,25-инчниот екран на допир за инфозабавата. Основниот YOU! следи поспартанска логика бидејќи нема екран. Наместо тоа, има основа за поставување мобилен телефон, кој се претвора во инфозабавен систем. Графиката и структурата на менито на инфозабавата изгледаат малку основни без многу декоративни елементи. Сепак, поддржува фабричка навигација и безжична врска со Android Auto и Apple CarPlay, а целата работа е доста едноставна, така што лесно ќе се снајдете со наоѓање на функциите. 

Веднаш над новиот волан со неговите два крака и мал дијаметар, црно-белата дигитална инструмент табла е „скриена“. Која Citroën ја нарекува „head-up display“. Термин кој очигледно се користи еуфемистички. Индикации не се прикажуваат на шофершајбната, туку на горниот дел од контролната табла. И тука, графиките не се меѓу најдобрите во класата. Опциите за прилагодување не се многу, а за мене чудно е и тоа што нема обртомер. Класичните физички копчиња скоро и да ги нема, но добро е тоа што Citroen одлучиле да постават одделни контроли за клима уредот – ова решение е далеку подобро и попрактично отколку сето ова да се контролира преку централниот екран.

Оставајќи го зад себе понекогаш едноставниот, но практичен технолошки пристап на Citroën кон ентериерот, преминуваме на поле каде што францускиот бренд има долга традиција, а тоа е удобност. Новите седишта Citroën Advanced Comfort (достапни од PLUS верзијата) се референтна точка. Тие користат дополнителен материјал од пена, со дебелина до 1,5 сантиметри за уште подобро чувство и апсорпција. Резултатот е импресивен, бидејќи удобноста потсетува на поголеми и многу поскапи модели.

Што се однесува до просторот, новиот Citroën C3 Aircross е позициониран на врвот од категоријата. Четири возрасни лица ќе бидат многу удобно сместени во светлата и пространа кабина, со дарежлив простор за главата и колената на задниот дел. Благодарение на продолженото меѓуоскино растојание, имаме значително повеќе простор за колената на задните седишта отколку во обичниот C3. И во споредба со малиот хечбек, C3 Aircross е многу полесен за влегување, бидејќи има многу поголеми задни врати. Има многу џебови за мали предмети, а големите џебови во вратите и на седиштата (дури има и посебен џеб за мобилен телефон) ја зголемуваат практичноста уште повеќе. 

C3 Aircross може да се пофали и со доста добар волумен за багажниот простор – во однос на сегментот во кој припаѓа. Во стандардната конфигурација, багажниот простор е со волумен од 460 литри. По преклопувањето на задните потпирачи за грб – благодарение на двојниот под, се создава рамна површина за товарење – капацитетот за транспорт се зголемува на 1600 литри и малиот Citroën станува прилично пристоен превозник.

Уште една интересна работа за овој автомобил е тоа што достапна е и конфигурација со 7 седишта. Тука, седиштата од третиот ред имаат исти димензии како и останатите, потпирачи за раце, држачи за чаши и USB порта. Цената за дополнителниот трет ред на седишта е 900 евра, но ова е достапно само за C3 Aircross опремен со класични мотори со внарешно согорување, не и целосно електричниот ë-C3 Aircross.

Што се однесува до понудата на погонски единици, C3 Aircross е достапен со класичен 1.2-литарски турбо-бензински мотор со 100 коњски сили, хибридна верзија која го користи истиот мотор, но испорачува 145 коњски сили и е спарена со автоматски менувач. На врвот на понудата е целосно електрична верзија која користи батерија од 44 kWh и има моќност од 113 коњски сили. 

Тестираниот примерок е опремен со основниот бензинец, односно 1.2-литарскиот трицилиндричен PureTech мотор кој испорачува 100 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент достапен од 1750 вртежи во минута, овој погон е достапен исклучиво со 6-степен мануелен менувач.. Официјалните податоци велат дека за забрзување до 100 км/ч потребни се 10.6 секунди, додека максималната брзина е 179 км/ч. Ова е веќе добро познат мотор бидејќи го има во речиси секој автомобил што доаѓа од Stellantis групацијата. Да, вака на хартија можеби и не звучи како да има кој знае какви перформанси, но во реалноста и во секојдневното користење моторот нуди изненадувачки динамичен карактер. C3 Aircross забрзува лесно, а менувачот обезбедува пристојна прецизност и е лесен за користење. На крај на денот, ова е фамилијарен автомобил па „многу коњски сили“ реално и не се потребни. Во однос на потрошувачката, во градски услови на возење борд компјутерот покажува бројка од околу 8 литри, додека на автопат ако се придржувате до пропишаните брзини потрошувачката е околу 6 литри на 100 изминати километри. 

Какво е чувството зад воланот на новиот C3 Aircross? Очигледно е дека францускиот SUV не се стреми да ве импресионира со своите перформанси или спортски карактер. Нема профили на возење, но одговорот ако силно притиснете на педалата за гас е добар, а вртежниот момент е присутен, овозможувајќи ви безбедно престигнување. Во свиоци, однесувањето на C3 Aircross е пристојно. Секако, доколку не одите до неговите граници. Управувањето е доволно лесно (дури можеби и прелесно), повратните информации се соодветни, а меките поставки на суспензијата во комбинација со висината и тежината (1298 кг) ќе донесат очекувано навалување. Сепак, во секој случај, реакциите остануваат предвидливи.

Она што импресионира кај C3 Aircross е неговото однесување во градот. Седите високо, имате многу добра периферна видливост, а лесниот волан ви помага да маневрирате по тесни улици. Во исто време, суспензијата Advanced Comfort со прогресивни хидраулични перничиња е стандардна кај сите верзии и навистина прави чуда. Возењето тука не потсетува на модел од B-SUV сегментот, туку на многу поголеми и поскапи автомобили. Повеќето неправилности на патот се апсорбираат со голема вештина и покрај 17-инчните тркала и полукрутата задна оска. Ќе треба да поминете низ навистина големо дупка или нерамнина за да ги пренесете вибрациите на патниците. Добриот квалитет на возење се пренесува и на автопат, каде што C3 Aircross останува прав и стабилен. Од друга страна, звучната изолација не е меѓу најдобрите во класата, бидејќи при брзини над 120 км/ч аеродинамичната бучава поминува во кабината, но не до степен каде што станува неподносливо туку е во границите на нормала за ваков тип на автомобил.


ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена за Citroën C3 Aircross 1.2 Turbo 100 YOU изнесува 18.490 евра.

Цената на тестираниот модел Citroën C3 Aircross 1.2 Turbo 100 PLUS 20.030 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Citroën.

ЗАКЛУЧОК
Новиот C3 Aircross е просторен, удобен, разновиден и пријатен за возење, а може да биде идеален семеен автомобил за секојдневна употреба. Конкурентната цена е само уште еден голем плус.
Многу просторна кабина со оглед на димензиите
Опција за 7 седишта
Максимален комфор во возење
Не функционални кровни носачи
За автоматски менувач мора да се одбере хибридната верзија
Просечен инфозабавен систем
4