Сегментот на компактни SUV автомобили во последните неколку години станува се повеќе и повеќе заситен, а задачата на автомобилските производители е да понудат нешто свежо, уникатно и сосема различно од конкуренцијата. Па затоа, Citroën одлучи дека е време да го освежи својот најпродаван модел, а тоа е C3 Aircross. Новиот изглед и модернизираниот ентериер треба да му овозможат на C3 Aircross да одолее уште некое време на уште поинтензивна и помлада конкуренција. Најважно е што неговите примарни квалитети, како удобност и чувство за гостопримство остануваат не променети.
Кога пред неколку месеци Citroën го освежи градскиот C3, јасно беше дека и теренецот C3 Aircross ќе го добие својот рестајлинг, но искрено не очекував толку драстична промена на предниот дел. Претходниот модел е на пазарот од 2017 година и се покажа како многу успешен модел за брендот. Во овие четири години се продадени повеќе од 330.000 примероци, а со освежувањето Citroën се надева на дуплирање на оваа бројка.
Па ајде да започнеме од надворешниот дизајн. Главните и драстични промени се направени на предниот дел со што автомобилот сега има комплетно ново „лице“. Според Citroën, новиот преден дел претставува: „повеќе структура со зголемување на перцепцијата за висината на хаубата. Овие промени го прават C3 Aircross уште поизразен и поробустен.“ Очигледно е дека дизајнерите на Citroen сакале визуелно да ја „зајакнат играта“ на автомобилот, но можеби направиле и премногу…Поставена е голема предна маска со нов дизајн која на долниот дел од браникот е надополнета со заштитни панели. На горниот дел се наоѓаат таканаречени „двостепени“ светла кои исто така сега имаат комплетно различен дизајн. Тука, интересен детал е тоа што логото се спојува и со горните и со долните светла. Профилот на автомобилот останува непроменет, а на задниот дел освен нова графика на светлата нема никакви значајни промени. Во однос на другите надворешни промени, рестилизираниот Citroën C3 Aircross добива нови алуминиумски бандажи од 16 или 17-инчи, а може да изберете да бидат со „diamond finish“ или целосно црни. Познато е дека „SUV трендот“ нуди максимална персонализација, па затоа C3 Aircross сега е достапен во вкупно седум бои, вклучувајќи три нови бои – Khaki Gray, Voltaic Blue и Polar White, четири колор пакети, вклучувајќи два нови – Anodised Orange и Anodised Dark Blue, како и две бои за покривот – бела или црна. Вкупно се можни 70 различни комбинации, што значи дека вашиот C3 Aircross може да го направите навистина ваш.
Што се однесува до внатрешноста, промени има, но сепак не се толку забележителни на прв поглед. Она што ме изненади е тоа што и овој фејслифт модел не е достапен со дигитални инструменти, туку останува со конвенционалните аналогни инструменти кои се едноставни и лесни читливи. Но затоа има други интересни новости, C3 Aircross сега ги добива новите „Advanced Comfort“ седишта кои се направени од специфичен тапацир и се малку подебели од стандардните седишта. Сето ова, резултира со многу комфорно и убаво седење што е од голема корист за оние долги патувања. Кабината и понатаму останува доста практична, просторна и со јасни и лесно разбирливи контроли. Единствената замерка која ја имам се однесува на малку потврдите пластики кои се поставени на некои делови, но завршната обработка е на солидно ниво и да бидеме реални во оваа класа на возила неможе да се очекува кој знае каков луксуз. На централната конзола сега е поставен нов 9-инчен дисплеј за инфо-забавниот систем кој добива и нов интерфејс, а благодарение на тоа новиот систем работи многу побрзо и пореспонзивно од претходниот. Исто така, со овој систем се добива и вградена навигација, како и Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Она што не ми се допаѓа е тоа што контролите за клима уредот се преку централниот дисплеј и при возење е малку покомплицирано да одберете температура и јачина на клима уредот. Сепак, веднаш под дисплејот има неколку физички копчиња кои користат за брз пристап до одредени функции. Еден интересен факт – задните мали прозорци не се направени од стакло, туку од поликарбонат. А благодарение на големите стаклени површини, кабината е доста светла и прегледноста е на одлично ниво.
Удобноста и просторноста продолжува и на задните седишта, двајца патници со просечна висина од 180 сантиметри многу лесно ќе може да се сместат и притоа да имаат повеќе од доволно простор, како и за нозете, така и за главата. По потреба може да се смести и трет патник, но не би го препорачал тоа за некои подолги патувања. C3 Aircross има голем плус во споредба со конкуренцијата кога станува збор за практичност поради тоа што доаѓа со лизгачка задна клупа. Во зависност од позицијата, багажникот има капацитет од 410 или 520 литри, а доколку ги спуштите задните седишта на располагање добивате 1290 литри багажен капацитет. Исто така, се добива и двоен под кој може да го наместите според вашите потреби, а ако го наместите во повисоката позиција подот е комплетно рамен со браникот, а тоа го прави ставањето и вадењето на потешки работи навистина лесно.
Тестниот модел беше придвижуван од добро познатиот 1.2-литарски трицилиндарски PureTech турбо-бензински мотор кој во оваа конфигурација испорачува 110 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку прецизен 6-степен мануелен менувач што овозможува забрзување од 0 до 100 километри на час за 10.1 секунди и максимална брзина од 182 километри на час. Малиот турбо-бензинец се покажа како идеална опција за C3 Aircross, перформансите и леснотија со која го задвижува автомобилот се навистина за пофалба. Плус, ќе бидете наградени со одлична потрошувачка. Во текот на неколку дневното тестирање мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 7 литри на 100 изминати, а пак на отворено од 5.5 до 6 литри.
Освен овој мотор, C3 Aircross е достапен и со уште еден 1.2-литарски бензинец кој испорачува 130 коњски сили и стандардно е опремен со 6-степен автоматски менувач. Доколку сакате дизел, достапен е 1.5-литарски BlueHDi со 110 и со 120 коњски сили, првиот е достапен само со 6-степен мануелен менувач, додека вториот само со 6-степен автоматски менувач.
Примарните квалитети на C3 Aircross остануваат строго непроменети. Главниот приоритет на C3 Aircross е да понуди максимален комфор при возење и во град и на автопат. Спортското и брзо возење не е јака страна на овој автомобил, навалувањето во свиоци е понагласено и управувачот не пренесува премногу повратни информации од подлогата, а тоа е навистина добра работа која ми се допаѓа бидејќи голем дел од конкурентите пробуваат да бидат „спортски“ автомобили – нешто што воопшто не треба да бидат. Меката суспензија одлично ги филтрира сите дупки и нерамнини без да има несакани удари и вибрации во кабината. Седењето е високо и поради големите стаклени површини возењето и маневрирањето во градски услови е навистина лесно, плус добивате и паркинг сензори кои ви ја олеснуваат оваа работа. На автопат, кабината е рафинирана со минимална бучава од ретровизорите. C3 Aircross е наменет за оние кои сакаат мирно и опуштено возење, ќе бидете изненадени од комфорот и леснотијата со која вози овој автомобил. Освежената верзија на C3 Aircross може да се пофали и со голем број на нови системи кои служат за безбедност и асистенција при возење, вклучувајќи асистент за oдржување на коловозна лента, автоматско сопирање, следење на слепи точки, автоматско паркирање и помош при тргнување на нагорнина.
Почетната цена на Citroen C3 Aircross 1.2 PureTech 110 Feel изнесува 16.190 евра.
Цената на тестираниот модел Citroen C3 Aircross 1.2 PureTech 110 Shine изнесува 18.825 евра.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Повеќе инфромации за возилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Citroen.