ТЕСТ: BMW 220 Gran Coupe M Sport 

BMW се одлучи за малку неконвенционален начин за Серија 1 и Серија 2, наместо фејслифт брендот претстави комплетно нова генерација која речиси го задржува истиот надворешен дизајн, но добива темелно освежување и однадвор и одвнатре. Првата генерација на Серија 2 Gran Coupe се појави на пазарот во 2019 година и беше поставена на истата платформа и истите технологии од Серија 1. Сега, за новиот модел приказната е иста и Серија 2 Gran Coupe е автомобил наменете за оние кои сакаат да возат малку поуникатен модел од Серија 1. 

BMW Серија 2 Gran Coupe од втората генерација има тешка задача. Ова не е прав купе модел, туку мал седан со „течен“ заден дел. И со погон на предните тркала, плус. И затоа околу него секогаш се води тивка војна помеѓу оние кои го сметаат секој баварски автомобил за богохулство и оние кои едноставно сакаат удобно да стигнат до својата дестинација, во добро изграден и добро осмислен автомобил. А исто така и во автомобил кој, според денешните стандарди, е изненадувачки добро избалансиран и убав.

Новата Серија 2 Gran Coupé е автомобил кој сега е позрел, помодерен и, пред сè, повеќе поврзан со современите потреби. Иако ја задржува својата основна филозофија, преминот кон архитектурата UKL-2 со погон на предните тркала означува нова ера за најмалиот седан со 4 врати на BMW. А тестираната верзија 220 Gran Coupé M Sport се наоѓа идеално на раскрсницата помеѓу премиум стилот и секојдневната практичност.

Однадвор, новиот модел вклучува нов дизајн на предниот дел, потенка решетка и вградување на иконскиот „Hofmeister kink“ во Б-столбот, со бројот „2“ врежан во сјајната црна површина. Естетиката е почиста и пофлуидна, враќајќи се на традиционалните спортски модели на BMW – иако сега ова е автомобил со погон на предните тркала.

На задниот дел, редизајнираната задна страна и новите светлосни единици ја подобруваат динамичната слика, при што BMW постигнува рамнотежа помеѓу стилот на купе и семејната употребливост. Конкретно M Sport верзијата добива и нијанса поспортски изглед благодарение на другите браници, големиот број на црни елементи и јас лично сум голем фан на овие (опционални) 19-инчни бандажи – изгледаат фантастично!

Серија 2 Gran Coupe изгледа елегантно однадвор, но има доволно остри рабови и динамични пропорции за да не изгледа здодевно и досадно. „frameless“ вратите се токму детаљот што полека ве освојува кај „двојката“, иако технички гледано тие не прават ништо освен што изгледаат убаво. Но, кога ќе ја отворите вратата и стаклото тивко се лизга надолу, одеднаш се чувствувате како да седите во нешто поспецијално од обичен компактен седан. Лично не сум голем фан на оваа Brooklyn Grey боја, а и општо на ваквиот тип на сиви бои. Но – почна некако да ми се допаѓа ова сиво BMW. Колку подолго го гледав, толку повеќе разбирав дека оваа боја можеби не дава многу простор за деталите да се истакнат, но прекрасно ја нагласува силуетата на автомобилот. И дека силуетата едноставно вреди.

Сепак, позначајните промени и иновации на новиот модел се појавуваат во ентериерот. BMW одлучи Серија 2 Gran Coupe да ја доближи до неговите поголеми браќа и сестри, што е еден од главните аргументи на овој автомобил за премиум чувството. Претходната генерација ја имаше старата архитектура со посебна инструмент табла и посебен екран на допир за инфозабавата, новиот наследник има споен закривен панел со два екрани, како што знаеме од сите најнови модели на овој бренд. Екранот за инструментите е со големина од 10.25-инчи, додека централниот екран е со големина од 10.7-инчи. 

Новата архитектура е базирана на оперативниот систем 9 на BMW, ги комбинира дигиталните инструменти со централниот инфозабавен систем и ја напушти класичната контрола на климата. Во најновиот модел, контролата на климата и греењето на седиштата се контролираат на екранот на допир, а една од главните нови карактеристики се скриените вентилациски отвори. 

Бидејќи тестираниот модел е во M Sport верзија, ентериерот тука е збогатен со прекрасни спортски седишта, M Sport волан, а интересен новитет се и трите линии во боите на M поставени на контролната табла до инфозабавниот екран. За пофалба е и совршената возачка позиција, каде свој удел секако имаат спортските седишта, како и „дебелиот“ волан карактеристичен за M Sport верзиите. Тука е и новото (малку специфично) амбиентално осветлување. Иако изгледа стилски и луксузно, за жал се рефлектира на шофершајбната и страничните прозорци, каде што го отежнува погледот кон надворешните ретровизори. Овој проблем  можете да го елиминирате само со целосно исклучување, или можете малку да го намалите со префрлување на помалку истакната боја или намалување на нејзиниот интензитет. Сепак, кај моделите на BMW не е можно да се исклучи или намали осветленоста во поединечни сегменти. Поставката секогаш ги контролира сите светла во ентериерот истовремено.

Екранот пред возачот користи веќе добро позната графика од другите нови модели, па достапни се неколку различни прикази, а исто така може и да ги конфигурирате според вашите желби. Инфозабавниот систем е комплетен, но малку збунувачки и при првиот контакт со овој оперативен систем ќе ви биде потребно одредено време за да научите која функција каде е. Од друга страна, барем има лесен начин да се исклучи предупредувањето за прекорачување на брзина од воланот. 

На задниот дел од кабината, потпомогнат од зголемената должина во споредба со Серија 1, практичноста е подобрена, иако просторот за глава останува ограничен за патници со над просечна висина поради ниската линија на покривот. Но двајца возрасни патници без никаков проблем ќе може комотно да се сместат на задните седишта во Серија 2 Gran Coupe. 

Што се однесува до секојдневната семејна употребливост, постои мал компромис. Багажникот има пристоен волумен од 360 литри, но отворот е доста мал. Сепак, самата форма на багажниот простор е во правилна коцкаста форма, па лесно може да се направи убав распоред за да собере што е можно повеќе работи. 

Новата серија 2 Gran Coupe може да се пофали и со широк опсег на бензински и дизел погонски единици. Понудата започнува со моделот 216 кој користи 1.5-литарски трицилиндерски турбобензинец со 122 коњски сили, следен е моделот 220 кој го користи истиот мотор, но тука е надополнет со mild-hybrid систем и испорачува 170 коњски сили, потоа следи моделот 223 xDrive кој користи 2.0-литарски мотор со 218 коњски сили и на врвот на понудата е моделот M235 кој користи 2.0-литарски мотор со 300 коњски сили и xDrive погон на сите четири тркала. BMW не заборава и на фановите на дизел моторите, па тука достапни се две верзии кој користат 2.0-литарски мотор – основната верзија 218d испорачува 150 коњски сили, додека помоќната 220d испорачува 163 коњски сили. Инаку, сите верзии стандардно се опремени со автоматски Steptronic DCT менувач. 

Тестираниот модел под хаубата е опремен со мотор кој е „златната средина“ и кој веројатно ќе биде најпопуларен меѓу купувачите – станува збор за 220 верзијата која како што споменав погоре користи 1.5-литарски турбобензинец (B38) спарен со mild-hybrid технологија кој тука испорачува 170 коњски сили од 4700 до 6500 вртежи во минута и 280 Nm вртежен момент достапен од 1500 до 4400 вртежи во минута. Океј, вака можеби и не звучи како нешто возбудливо, но перформансите не се воопшто за занемерување. Од 0 до 100 км/ч забрзува за 7.9 секунди и има максимална брзина од 230 км/ч. Силата се пренесува на предните тркала преку 7-степен Steptronic DCT менувач со двојна спојка. Погонот знае да биде малку бавен при стартување и најдобро функционира во средниот опсег, но е рафиниран при возење и не создава непотребна бучава или вибрации. Електрониката на менувачот ви овозможува да го користите вртежниот момент, иако нема премногу, и не менува брзина до околу половина кога ќе ја притиснете педалата за гас. Во однос на потрошувачката – во строго градски услови на возење измерив просечна потрошувачка која се движи од 7 до 8 литри, додека на автопат оваа бројка без никаков проблем се намалува на околу 6 литри. 

Како и со секој друг модел на BMW, главната карактеристика на Серија 2 Gran Coupe се возните карактеристики. Баварците едноставно многу добро знаат да ја подесат шасијата, а со сето тоа да се добијат многу квалитетни возни карактеристики. Автомобилот не е тежок, нема пренагласени удари од тркалата, телото стои цврсто во свиоци и возењето е исклучително пријатно. Ова несомнено е најголемото изненадување зад воланот. BMW тука користи специфична задна оска со суспензија со три врски. Управувањето е подобрено благодарение на новите амортизери и зголемената закривеност на предната оска, нудејќи поостро управување и подобра повратна информација за возачот. Изненадувачки, наидувате на многу реакции и повратни информации во управувањето, што е сепак несекојдневно за BMW со толку разумен вртежен момент. Инаку, суспензијата се базира на нов хидрауличен систем кој автоматски ги прилагодува амортизерите според силата на компресија на тркалата. Целта е подобро да се контролираат движењата на каросеријата, а во исто време да се апсорбираат неправилностите на патот со смиреност. M Sport верзијата користи и адаптивна суспензија што дополнително го менува карактерот на автомобилот во однос на избраниот режим на возење. Дополнително, тест примерокот е опремен и со M Sport Pro пакет кој покрај неколку естетски елементи вклучува и огромни (4-клипни напред) сопирачки кои нудат фантастични перформанси. 

BMW 220 Gran Coupe не се обидува да го скрие фактот дека е повеќе насочен кон секојдневниот живот отколку кон чистото задоволство при возењето. Во еден поинаков, отуѓен свет каде што практичноста и поврзаноста важат исто толку (повеќе?) колку и задоволството при возењето, BMW создаде автомобил кој уметнички ги балансира двете потреби. Можеби ова не е BMW во кое ќе се заљубите на прв поглед, но тоа е BMW што ќе го цените во секојдневната употреба. А во ера кога дури и фанатиците почнуваат да го ценат „лесното“, ова можеби е вистинскиот избор. 


ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на BMW 216 Gran Coupe изнесува 45.230 евра.

Цената на тестираниот модел BMW 220 Gran Coupe M Sport со плус дополнителна опрема изнесува 59.878 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW. 

ЗАКЛУЧОК
Новиот BMW Серија 2 Gran Coupe ги задржува своите главни карактеристики - врвни возни својства и атрактивен дизајн, но со одреден компромис во удобноста и просторот.
Шасија со одличен баланс помеѓу комфор и динамичност
Атрактивен надворешен дизајн
Уникатност
Амбиенталното осветлување прави рефлексија на страничните прозорци навечер
Малку лимитиран простор на задните седишта
Просечен багажен простор
4