Петтата генерација на Ibiza е првото возило што ја доби MQB-A0 платформата и е 2мм пократка и 87мм поширока од претходната генерација.
Должината е 4059мм, ширината е 1780мм и висината е 1444мм.
Надворешниот дизајн кој сега е со многу остри линии изгледа поспортски и можеби е еден од најинтересните дизајни во класата, од било кој агол да ја гледате новата Ibiza изгледа совршено. Нешто што мене најмногу ми се свиѓа е дефинитивно задницата, тие што ќе бидат позади вас ќе уживаат во погледот. Имате на располагање четири нивоа на опременост: Reference, Style, Xcellence и FR. Xcellence е нивото кое би ви го препорачал бидејки како стандардна опрема добивате мноогу и се што ви е потребно, а доколку сакате уште поспортски изглед и малку потврдо возење тогаш за вас е FR нивото.
Внатрешниот дизајн е особено атрактивен. Во кабината има повеќе од доволно простор, а седиштата се удобни и меки. Но, морам да напоменам дека не сите материјали внатре се меки на допир како оние што ќе ги најдете во новото Polo. Infotainment системот е премногу лесен за користење, респонзивен е, брз и има одлична резолуција. Тестираниот модел имаше екран од 5 инчи, но дефинитивно треба да го земете поголемиот 8 инчен екран со кој добивате AppleCarPlay, AndroidAuto и MirrorLink.
Ibiza за оваа класа на возило нуди премногу простор напред, а исто така луѓето кои ќе седат на задната клупа ќе се чуствуваат удобно и ќе имаат доволно место за нозете и за главата.
Багажниот простор изнесува 355 литри.
На располагање имате вкупно 6 мотори од кои 4 се бензински-1.0 75, 1.0 TSI 95, 1.0 TSI 115 и 1.5 TSI 150 само за FR и 2 се дизел мотори-1.6 TDI 80 и 1.6 TDI 95.
Тестираниот модел беше опремен со 1.0 атмосферскиот бензински мотор со 75 коњски сили и 95Nm вртежен момент, ова е истиот мотор како во Polo-то кое што го возев пред некое време, за градски услови е добар мотор и ќе имате мала потрошувачка на гориво но за отворен пат и не е баш идеален. Мојата просечна потрошувачка изнесуваше од 6.0 до 6.5 литри на 100 изминати километри. Моторот кој би го препорачал е 1.0 TSI 95 перфектно одговара со овој тип на возило, и со овој мотор нема да имате проблем на отворен пат, а воедно потрошувачката ќе биде слична на оваа со 1.0 75.
Нивото на опрема беше Style а тоа значи: Front Assist, 6 воздушни перничиња, алуминиумски фелни 15″, Media system со 5 инчен екран, управувач и менувач обложени со кожа, Борд компјутер и уште неколку други ситници.
Возењето во новата Ibiza e комфорно, нема многу бучава во кабината, суспензијата е одлична низ градските улици како и низ свиоците. За разлика од Polo, возењето во Ibiza ќе ви биде многу поинтересно. Управувачот е прецизен и лесно може да се маневрира. Кога станува збор за прегледност Ibiza има една мала мана, а тоа е прегледноста позади. Стаклото е мало и поради поголемите задни столбови aко немате задни сензори паркирањето може да ви биде малку проблем. Но, тоа е единствениот проблем што го има.
Цената на тестираниот модел изнесува: 12.900€
Повеќе информации за возилото може да најдете на https://www.seat.mk/ibiza-new/novata-seat-ibiza или да го посетите продажниот салон на Seat.