Porsche Road Tour 2025 – прво запознавање со новиот фејслифт 911!

Постојат настани кои нудат вистинско задоволство за автомобилските ентузијасти, а Porsche Road Tour е токму еден од нив. Овој настан е веќе традиција за Porsche Македонија бидејќи се одржува веќе 10 години. Јас и овој пат имав привилегија и вистинско задоволство да бидам зад управувачот на повеќето модели од гамата на брендот – и тоа во доста интересни верзии. Воземве од Скопје до Маврово – рута која нуди автопат, планински свиоци и спектакуларни пејсажи.

Оваа година на располагање ни беа дадени вкупно девет автомобили – 911 Carrera, 911 Carrera GTS, 911 Carrera 4 GTS, 911 Targa 4 GTS, Taycan Turbo, Macan 4S, Cayenne GTS, Cayenne S E-Hybrid и Cayenne E-Hybrid. Воедно, ова беше и моето прво запознавање со новиот фејслифт 911 (992.2). 

Па да започнеме токму од најважниот модел – а тоа е секако 911. Новиот освежен 911 Carrera е модел кој е верен на своето наследство, но сега е уште порафиниран и (за жал) малки повеќе дигитализиран во внатрешноста. Основната верзија (ако може така да се нарече) 911 Carrera користи 3.0-литарски шестцилиндричен боксер мотор кој сега испорачува 394 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Забрзување до 100 км/ч? тоа го прави за 4.1 секунди, додека максималната брзина која може да ја постигне е 294 км/ч – ова не го пробав… 

Некој ќе каже дека ова и не се кој знае какви бројки за денешно време, но реалноста е дека и оваа „основна“ 911-ка е повеќе од доволна и може да понуди навистина големо задоволство зад управувачот бидејќи сепак станува збор за 911, а Porsche не прави никакви компромиси кај овој модел. 

Она за што се радував највеќе е GTS верзијата на 911 – бидејќи за прв пат до сега овој модел добива електрифициран погон?! Но тука не зборуваме за било кој бренд, туку за Porsche, па затоа ова тука не е баш класичен хибриден погон познат од веќе другите производители. Освежениот 911 пристигнува со сосема нов T-Hybrid погонски систем – прв таков во историјата на моделот и навистина ова не е класичен хибрид. Porsche разви ултрабрза електрифицирана турбина, која овозможува инстантно забрзување без никаков турбо лаг, а во исто време додава плус 56 коњски сили благодарение на вградениот електромотор сместен во менувачот.

Па затоа, има промени и во самиот мотор со внатрешно согорување – новиот модел сега користи 3.6-литарски шестцилиндричен боксер мотор со една турбина – вкупната системска моќност изнесува 541 коњска сила и 610 Nm вртежен момент. Преведено во перформанси, ова значи брутално забрзување до 100 км/ч за 3 секунди и максимална брзина од 312 км/ч.Овој нов 911 GTS вози брутално и прецизно. T-Hybrid системот не го менува духот на 911 – го надградува. Возејќи го имав чувство дека автомобилот чита мисли – таква е поврзаноста меѓу возачот и автомобилот.

Taycan ми е веќе добро познат модел – до сега го имам возено во сите можни верзии кои се нудат (освен Turbo GT) и впечатокот е секогаш ист. Ова е 100% електричен модел, но истовремено и 100% Porsche. Со 884 коњски сили и 940 Nm вртежен момент – во оваа Turbo верзија, електричното забрзување е речиси нереално. Без звук, но со целосно чувство на контрола. Инстантното забрзување, ниското тежиште и прецизноста на управувањето создаваат чувство дека иднината на перформансите е тука – и дека се чувствува извонредно.

И новиот електричен Macan ми е добро познат – го имав на неколку дневно тестирање (тестот прочитајте го тука). Па затоа нема да должам премногу за овој модел. Со новата PPE платформа, овој компактен SUV се чувствува моќно и прецизно, но сепак практично и удобно. Управувањето е директно, шасијата е перфектно балансирана, и во секој момент чувствувате дека возите Porsche.

Преоѓајќи кон SUV гамата, трите Cayenne модели ја покажаа разновидноста на оваа платформа, секој со свој стил и карактер. Воедно, Cayenne е и најпопуларниот модел на брендот на нашиот пазар. На располагање беа три верзии, од кои две електрифицирани и една со класичен (и фантастичен) V8 мотор. 

Да започнеме од E-Hybrid верзијата – под хаубата тука се крие 3.0-литарски V6 мотор спарен со електромотор и батерија од 25.9 kWh. Вкупната системска моќност е 470 коњски сили и 650 Nm вртежен момент. 100 километри на час се појавуваат за 4.9 секунди, а пак максималната брзина е 254 километри на час. Со полна батерија, оваа верзија нуди досег до 90 километри само на струја. Чувството зад управувачот е навистина врвно – кога сакате тивко и рафинирано возење автомобилот може да го испорача, исто така кога сакате подинамично возење се што треба да направите е да префрлите во Sport режим и сета моќност од V6 моторот е инстантно достапна.

Cayenne S E-Hybridможе да се каже дека е златната средина во гамата. Со 519 коњски силии 750 Nm вртежен момент вкупна системска моќност, комбинирајќи го истиот 3.0-литарски V6 мотор од стандардната E-Hybrid верзија, но тука има појака електрична поддршка, S E-Hybrid забрзува до 100 км/ч за само 4.7 секунди и има максимална брзина од 263 км/ч. Динамиката е чувствително подобра, а потрошувачката може да биде извонредно ниска. За пофалба е и хибридниот погон бидејќи автомобилот постојано избира оптимален извор на енергија за максимална ефикасност или пак за максимални перформанси. И оваа верзија со полна батерија може да помине до 90 километри само на струја.

За крај, за мене и најинтересната верзија – а тоа е Cayenne GTS. Оваа верзија нудисосема различен пристап – GTS е возачкиот избор. Под хаубата тука има 4.0-литарски V8 битурбо мотор со 500 и 660 Nm вртежен момент и саундтрак од издувот што нема да го заборавите. Во однос на перформансите, забрзувањето до 100 км/ч трае 4.4 секунди и нуди максимална брзина од 275 км/ч. Овој SUV реагира како спортски автомобил – директно управување, цврста суспензија, и чувство како да возите 911 само на повисока шасија. На брзите делници, GTS буквално го “голташе” асфалтот, со стабилност и самодоверба што ретко се среќаваат кај SUV модели.

Голема благодарност до Porsche Македонија за поканата и за можноста да се искусат новите модели на брендот Porsche. А сега, иако треба да помине една година, со нетрпение го очекувам и следниот Porsche Road Tour настан! – https://dealer.porsche.com/mk/skopje/mk-MK