Новите Geely Cityray и Geely EX5 пристигнаа во Македонија

Во салонот на Geely пристигнаа два нови модели на брендот – првиот е Cityray, а вториот е целосно електричниот EX5. Понудата на овој бренд на македонскиот пазар сега брои вкупно четири различни модели.

Новиот Cityray е доста атрактивен SUV модел, а треба да биде и еден од најпопуларните на нашиот пазар. Овој автомобил е сместен помеѓу Coolray и големиот Starray. Дизајнот на Cityray е модерен и уникатен, а може да се препознаат и дизајнерски елементи превземени од поголемиот Starray. 

Во кабината може да се забележат навистина квалитетни материјали, а самиот концепт е минималистички и дигитализиран со огромен централен екран и дигитална инструмент табла. Достапни ќе бидат три нивоа на опременост, а уште во првото ниво (како ова на фотографиите) се добива навистина богата стандардна опрема.

Cityray е достапен само со еден мотор, а тоа е 1.5-литарски турбо-бензинец со 174 коњски сили кој е спарен со 7-степен автоматски менувач. Силата се пренесува на предните тркала, а забрзувањето до 100 км/ч трае 7.9 секунди.

Вториот нов модел – Geely EX5 е исто така SUV модел, но со целосно елекричен погон. Тука е користена целосно нова платформа на брендот, како и нови батерии кои нудат подобра ефикасност. Батеријата е со капацитет од 60.2 kWh и според WLTP стандардот може да помине до 430 километри. EX5 има преден погон и моќност од 218 коњски сили кои се доволни за забрзување до 100 км/ч за 7.1 секунди. 

Внатрешноста на EX5 е малку различна од другите модели на брендот, но сепак главниот збор е целосната дигитализација, а како и кај Cityray така и тука за пофалба се искористените материјали и целата завршна обработка. EX5 е достапен само во едно ниво на опременост кое содржи многу богата стандардна опрема – во буквална смисла, се што може да замислите автомобилот го има. Цената за EX5 изнесува 36.900 евра. 

Повеќе информации за автомобилите може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Geely во Скопје.