ТЕСТ: Toyota Yaris Cross 1.5 Dynamic Force 2WD Fancy

Во последниве неколку години Toyota стана синоним за хибриден погон, но во својата понуда кај одредени модели сеуште нуди класичен бензински мотор. После нешто повеќе од една година, на тест пристигна повторно новиот Yaris Cross. Моделот што го возев првиот пат беше во врвното Premiere Edition ниво на опременост и со добро познатиот хибриден погон. Сега, приказната е сосема различна – овој модел што го имав сега на тест е во основното Fancy ниво на опременост и е придвижуван од основниот 1.5-литарски атмосферски бензинец. 

Toyota беше меѓу последните автомобилски брендови кои претставија свој модел во B-SUV сегментот, односно сегмент на мали компактни кросовери. Нема бегање од фактот дека токму овие модели се и едни од најпопуларните на пазарот, едноставно купувачите ги обожаваат ваквите мали SUV автомобили – а бројките од продажбата се тука да го потврдат тоа.

Како што сугерира и самото име, техничката основа за Yaris Cross е позајмена од последната генерација на Yaris. Сепак, ова не е само возвишен градски автомобил со малку дополнителна пластика и поголемо растојание од подлогата, новата кросоверска верзија е уникатен автомобил во поглед на дизајнот и опремата, кој покрај добро познатиот хибриден погон, сака да ги импресионира клиентите и со опционалниот погон на четири тркала. Но, денес ја гледаме понудата од спротивен карактер, основно опремена верзија со класичен атмосферски трицилиндричен 1.5-литарски Dynamic Force мотор. 

Платформата TNGA GA-B е секако иста и за нормалниот Yaris и за поголемиот Yaris Cross, меѓуоскиното растојание од 2560 мм е исто така исто кај двата модели. Но, кросоверот е цели 24 сантиметри подолг (4.180 мм), два сантиметри поширок (1.765 мм)и 9,5 сантиметри повисок (1.595 mm). Интересен е фактот што овие два модели имаат сосема различен надворешен дизајн и уште на прв поглед многу лесно може да ги разликувате. Yaris Cross привлекува внимание со својата покоцкаста форма и големото користење на оние класични црни пластики околу крилата, праговите и на браниците кои даваат до знаење дека станува збор за SUV модел. Предниот дел практично нема никаква врска со малиот Yaris и повеќе потсетува на другите SUV модели на брендот или пак на водородниот седан Mirai. Во ова основно ниво се добиваат халогени фарови со LED дневни светла, додека full LED фаровите се резервирани за повисоките нивоа на опременост. Исто така, во ова ниво на опременост стандардно се добиваат 16-инчни алуминиумски бандажи кои можеби не придонесуваат толку за динамичниот изглед на автомобилот како верзиите со еден или два инчи поголеми бандажи, но сепак изгледаат културно нудат поголема удобност. На задниот дел има неколку разлики во споредба со поопремените верзии – задниот браник тука е со обичен мат црн елемент, додека другите верзии добиваат и хромирани детали. Дополнително, како и напред, така и тука светлата се „обични“ халогени, а не full LED како на верзијата која ја имав на тест минатата година. И во ова основно ниво, Yaris Cross изгледа сосема пристојно и доволно атрактивно.

Внатрешноста е единствениот дел кој е скоро идентичен со нормалниот Yaris, ако сте седнале барем еднаш во тој модел, тука се ќе ви биде веднаш јасно. Дизајнот на ентериерот можеби не е најинтересниот во оваа класа, но ќе ја почитувате практичноста и одличната функционалност. Toyota е еден од ретките брендови во денешно време кои не преминаа на целосна дигитализација на своите ентериери и секој пат кога ќе седнам зад воланот на некој модел на Toyota некако се радувам – и сфаќам колку всушност цела таа дигитализација со себе носи негативни страни кои го отежнуваат секојдневното функционирање. Во кабината на Yaris Cross се присутни голем број на физички копчиња за скоро сите функционалности и сите тие се поставени на идеално место. Во однос на квалитетот на материјалите, горните делови се прекриени во меки и убави материјали, да ако одите малку подоле ќе најдете и потврда пластика, но се тоа е многу убаво склопено и на око изгледа доста квалитетно.

Бидејќи станува збор за модел во основно ниво на опрема присутни се доста разлики во однос на моделот што го имав на тест претходно, но повторно имате буквално се што ви е потребно и во ни еден момент не се чувствув дека нешто ми недостига. Пред возачот се наоѓа дигитална инструмент табла која има многу интересен дизајн и мене лично оваа инструмент табла ми се допаѓа повеќе од таа што се добива во повисоките нивоа на опременост. Во левиот круг се прикажани вртежите, во средината може да одберете што сакате да гледате – аудио, информации околу возењето, потрошувачка, брзина и така натаму, додека во десниот круг е прикажана брзината, температурата на моторот и мерачот за гориво. На централната конзола во ова ниво на опременост стандардно се добива постариот Toyota Touch 2 инфозабавен систем со 8-инчен екран. Од страните на екранот има и физички копчиња кои служат како кратенки до одредени функции. Работата на самиот систем е сосема солидна, нема кочење, но самата графика и интерфејс изгледаат веќе застарено. Сепак, и со овој систем добивате Apple CarPlay и Android Auto поврзување, но само преку кабел. На долниот дел од централната конзола се наоѓаат контролите за клима уредот, кој тука е мануелен, а не автоматски. Друга работа што во ова ниво на опременост ја нема е безжичното полнење на мобилен телефон, но затоа добивате греење на предните седишта – ретко се наоѓа оваа опција во основен модел. 

Во споредба со нормалниот Yaris, тука седењето е значително повисоко и влегувањето и излегувањето од автомобилот е автоматски доста полесно. Предните седишта иако не нудат голема странична поддршка, тие се доста меки и удобни и за подолги патувања. 

Што се однесува до просторот на задните седишта, треба да имате во предвид дека станува збор за автомобил од Б сегментот. Возрасни луѓе ќе може да се сместат и ќе имаат доволно простор за главата, но просторот за нозете е малку лимитиран, особено ако на предното седиште седи некој со надпросечна висина. Трет патник може да се смести само ако станува збор за дете, во спротивно не ви ја препорачувам таа егзибиција. 

Багажниот простор кај оваа верзија со преден погон нуди 397 литри, отворањето е широко и просторот е во правилна коцкаста форма што пак овозможува да се направи убав распоред на ставање на куфери и слично, а со тоа и да се извлече максимумот од просторот. Со спуштени задни седишта на располагање се добиваат 1097 литри багажен капацитет.

Yaris Cross е достапен со два различни погонски единици – класичен бензинец и хибриден погон кој секогаш доаѓа со e-CVT автоматски менувач, а имате избор за преден погон или пак погон на сите четири тркала. Како што споменав и на почетокот, овој пат ќе зборуваме за класичниот 1.5-литарски атмосферски трицилиндричен бензинец. Моќноста што ја испорачува овој мотор е 125 коњски сили при 6600 вртежи во минута и 153 Nm вртежен момент достапен од 4800 до 5000 вртежи во минута. Силата се пренесува само на предните тркала преку одличен 6-степен мануелен менувач, а оваа конфигурација овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 10.9 секунди и максимална брзина од 180 км/ч. Интересно е тоа што токму оваа верзија е всушност и најбрзата верзија на Yaris Cross. 

Моторот работи во Аткинсонов циклус, има клипови со димензија од 80.5 мм x 97.6 мм, висок сооднос на компресија од 14:1 и може да се пофали со извонредна топлинска ефикасност од 40%. Возачот ќе биде особено задоволен од рафинираното работење на моторот по стартувањето, како и успешното намалување на бучавата за време на возењето. Забележлив е оној класичен звук на моторите со три цилиндри, но овде во никој случај не се јавуваат значителни вибрации. 6-степениот мануелен менувач се истакнува со прецизно дефинирани патеки и краток од, а работењето со менувачот е навистина пријатно. Интересна и сосема неочекувана опција кај ваков автомобил е iMT системот, односно со притискање на копчето iMT кое е поставено на левата страна до менувачот го вклучувате овој систем кој всушност додава меѓугас при секое враќање во понизок степен – скратено кажано „rev match“. Ова овозможува рафинирано и до некаде забавно возење при секое менување на брзина во понизок степен – браво за одлуката на Toyota оваа опција да ја вклучат во стандарден автомобил. 

Перформансите на овој мотор не се воопшто за занемерување, всушност би рекол дека ова е и еден од „поживите“ атмосферски мотори во денешно време. Уште од пониски вртежи, моторот доста брзо реагира и моќноста ја испорачува линеарно, а секако за да го извлечете максимумот треба постојано да „работите“ со менувачот. Во градски и приградски услови, возењето е рафинирано и секогаш е во идеалната брзина. Но на автопат при постојана брзина од 130 км/ч моторот во шестта брзина врти на 3400 вртежи во минута, а во овие услови малку повеќе до израз доаѓа татнежот на моторот и аеродинамичното свирење. Во однос на потрошувачката, на автопат очекувајте просечна потрошувачка од околу 6.5 литри, додека во градски услови на возење таа бројка се искачува на 7.5 до 8 литри. Исто така, оваа верзија добива и резервоар за гориво од 42 литри, што е за 6 литри поголем од тој во хибридната верзија.

Стандардната опрема која се добива кај ова основно Fancy ниво вклучува: Toyota Safety Sense пакет – Pre-collision, Адаптивен темпомат, LDA – асистент за напуштање на патната лента, Автоматски долги светла, 16-инчни алуминиумски бандажи, сензор за дожд, LED светла за магла, 8-инчен инфозабавен екран, задни паркинг камера, мануелен клима уред, греење на предни седишта, кожен мултифункционален волан и многу друго.

Кога станува збор за возните карактеристики, главниот збор кај Yaris Cross го имаат удобност и леснотијата при возење, особено во градски услови. GA-B платформата на која што е поставен автомобилот значи дека напред користи McPherson суспензија, а пак назад корсти основна торзиона суспензија – мултилинк суспензијата е резервирана само за верзиите со AWD погон. Во градски услови на возење, за пофалба е леснотијата со која може да се маневрира автомобилот, управувачот е лесен и прецизен, а благодарение на тркалата од 16-инчи комфорноста е на доста високо ниво. Единствената работа која ми недостигаше кај конкретниот модел се задните паркинг сензори, тука е задната камера, но во некои потесни паркинг места од големо значење ќе бидат и паркинг сензорите. Според денешните стандарди, малата вкупна тежина на автомобилот (1110 килограми) носи чувство на леснотија и агилност во свиоците. Веројатно никој не очекува атлетски динамични перформанси од оваа верзија, но сепак е радост да се вози дури и со побрзо темпо. Ова е главно благодарение на високата торзиона цврстина, генерално поцврстото подесување на амортизерите и прецизното управување. Yaris Cross почнува да „се буни“ само со навистина остро темпо, каде што може да возврати со поизразени навалувања на телото. И покрај ова, возењето е навистина неутрално долго време без никакви знаци на подуправување. На автопат, Yaris Cross е исто толку комфорен и поголемите брзини не му пречат, но исто како и со претходниот модел кој го имав на тест, така и тука имам забелешка за не толку добрата изолација. Подолгото патување знае малку и да пречи поради зголемената аеродинамична бучава и бучавата од тркалата. 

Yaris Cross добива цела палета асистенти, со кои автомобилите од повисоките категории се гордееа не така одамна. Автоматското сопирање ги препознава пешаците и велосипедистите, но неговото подесување е доста чувствително, така што системот постојано паничи сосема непотребно кога друг автомобил ќе запре на страната на патот во вашата насока. Одржувањето на автомобилот во лента се активира со секое стартување, но може да се исклучи едноставно со долго притискање на копчето на воланот. Го ценам тоа што не морам секогаш да барам длабоко во менито од инфозабавниот систем за да го деактивирам. 

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Цената на тестираниот модел Toyota Yaris Cross 1.5 Dynamic Force 125 MT6 2WD Fancy изнесува 23.290 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА

ЗАКЛУЧОК
Toyota Yaris Cross дури и во оваа основна конфигурација покажува дека станува збор за доста успешен модел. Ова е автомобил кој го нуди токму тоа што го бараат купувачите на овие популарни кросовер модели - практичност, функционалност и врвен комфор.
Возни карактеристики и агилност
Функционалност во кабината
Одличен мануелен менувач со iMT систем
Простор за нозете на задните седишта
Поизразена бучава на автопат
Застарен инфозабавен систем
4