Toyota Yaris е еден од најпопуларните градски автомобили, а првата генерација се ја појави на пазарот во далечната 1999 година. Секоја наредна генерација беше се поуспешна и поуспешна. Денес ја имаме најновата четврта генерација која доаѓа со драстични промени во споредба со својот претходник. Исто така, пред само неколку дена Toyota Yaris беше прогласен за Европски автомобил на годината – што значи дека ова е еден навистина добар автомобил. Моделот кој што го имав јас на неколку дневно тестирање беше во основното ниво на опременост и беше придвижуван од основниот мотор, па дали и во ваква изведба новиот Yaris има што да понуди?
Новиот Yaris се произведува во Европа па затоа е и доста важен модел на тој пазар, воедно е еден од најпродаваните модели на Toyota и покрај големата SUV офанзива. Претходните генерации на Yaris никогаш немале преголем „wow ефект“ кога станува збор за надворешниот изглед. Не дека изгледале лошо, но едноставно беа со посмирен и поконвенционален дизајн од своите конкуренти. Toyota со оваа нова генерација реши да стави крај на тој конвенционален дизајн, па затоа новиот модел изгледа драстично поубаво од претходникот.
Новиот Yaris е поставен на новата TNGA GA-B модуларна платформа што дозволува да се направат значителни промени. Дизајнерите добија наредба од одговорните лица во Toyota да го направат новиот автомобил попријатен и поемотивен, а крајниот резулатат дава до знаење дека комплетно успеале во тоа. Целиот автомобил изгледа доста динамично и спортски. Широките и „набабрени“ крила ги менуваат целосно неговите пропорции, а динамичното чувство на Yaris е многу пријатно освежување во време кога присилно се форсираат кросовери и други „wannabe SUV“ модели. Новиот Yaris добива и нови димензии, па така автомобилот сега е за 40 мм понизок, а иако е за 5 мм пократок ( вкупно 3940 мм) од својот претходник, сега има 50 мм (вкупно 2560 мм) поголемо меѓуоскино растојание. Предниот дел има доста агресивен изглед благодарение на големата маска и широките станични отвори за воздух, страничниот дел е исполнет со динамични линии и го прави автомобилот да изгледа малку поголемо од тоа што всушност е. Задниот дел, поради исфрлените крила изгледа мускулесто и широко, а удел во тоа имаат и задните светла кои се со доста интересен дизајн и споени се со сјајно црн елемент кој се протега по целиот заден дел. Како што веќе напоменав, тестираниот модел е во најосновната достапна верзија, дополнителна опрема е само сребрената металик боја и сепак изгледа многу впечатливо и привлечно. Браво Toyota за феноменалниот надворешен дизајн!
Како и надворешноста, така и внатрешноста доби значајни промени во споредба со претходниот модел. На прв поглед, целата кабина изгледа сиво и можеби малку досадно? – особено во ова основно ниво, каде што нема ни еден детал кој е во друга боја освен црна. Во повисоките нивоа, кабината изгледа доста „поживо“ и поинтересно благодарение на различните детали и инсерти. Кога ќе седнете зад управувачот ќе го цените паметниот и минималистички дизајн на кабината. Задржани се физички копчиња за сите функции кои често се користат и притоа се поставени на идеално место за да бидат лесно достапни во движење, а сето тоа придонесува за одлична ергономија. Што се однесува до поставените материјали, оние кои што се во видно поле и често се допираат се меки на допир и се од солиден квалитет, но како одите надолу поставени се потврди пластики. Што до некаде е и океј бидејќи неможе да се очекува кој знае каков луксуз во овој сегмент.
Пред возачот стандардно е поставена аналогна инструмент табла со мал дисплеј во средината – ќе признаам дека овие инструменти изгледаат малку застарано и некако не одговараат со другите елементи во автомобилот. Но има решение и за тоа, како опција може да земете дигитална инструмент табла која доаѓа со еден од најуникатните дизајни што сум ги видел до сега. Наместо еден голем дисплеј, поставени се два големи кругови во кој се интегрирани дисплеи, плус во средината има и уште еден правоаголен дисплеј. Централната конзола е со едноставен дизајн и на горниот дел се наоѓа дисплејот за инфозабавниот систем. Во мојот случај, таму беше поставен 7-инчен дисплеј кој поддржува Apple CarPlay и Android Auto поврзување, за жал не е wireless. Респонзивноста и интерфејсот се добри, графиката не е лоша, но не е и нешто посебно добра. Некои конкуренти нудат почиста графика и нијанса подобар и поедноставен интерфејс. Во повисоките нивоа на опременост се добива поголем 8-инчен дисплеј кој доаѓа и со вграден навигациски систем. На долниот дел од централната конзола се поставени физичките тркалца за контролите на клима уредот и ова решение е за пофалба бидејќи е далеку поедноставно и полесно за ракување отколку се ова да се контролира преку горниот дисплеј.
Што се однесува до просторноста, на предните седишта има повеќе од доволно простор, дури и за оние повисоките, а благодарение на достапните нагодувања за воланот и седиштето секој ќе може многу лесно да ја најде својата идеална возачка позиција. Седиштата се од мек материјал и се доста удобни и за подолги патувања, но не нудат голема странична поддршка. Инаку, седењето во новиот Yaris е пониско за 21 мм споредбено со претходникот, а тоа пак придонесува за она спортско чувство зад воланот. Поради зголеменот меѓуоскино растојание, на задните седишта има малку повеќе простор во споредба со претходниот модел, но далеку од тоа дека ќе може да се сместат тројца возрасни патници – едноставно не ни пробувајте. За двајца патници со просечна висина од 180cm ќе има доволно простор за нозете и главата и ќе може да седат релативно удобно, сепак станува збор за градски автомобил каде што главниот приоритет не просторноста на задните седишта. Но реално, она што го нуди е сосема задоволително. Во багажникот достапни се 286 литри багажен капацитет, вратата се отвора широко и просторот е во коцкаста форма, но подот не е комплетно рамен со браникот.
Новиот Toyota Yaris е достапен во шест нивоа на опременост – Light, Fancy, Chic, Chic BiTON, Chic Extra и Chic Extra BiTON. Стандардната опрема која ја добивате во првото Light ниво вклучува: Pre-Collision систем за препознавање на пешаци и велосипедисти, адаптивен темпомат, систем за следење на коловозна лента, систем за автоматско прилагодување на долги светла, мануелен клима уред, 7-инчен инфозабавен дисплеј, говорни команди, тонирани задни стакла, 15-инчни челични бандажи и многу друго…
Тестираниот модел под хаубата го имаше основниот и најслаб мотор кој е достапен во оваа генерација, а тоа е 1.0-литарски трицилиндерски атмосферски бензинец кој располага со 72 коњски сили 93 Nm вртежен момент достапен при 4400 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку 5-степен мануелен менувач. Перформансите на овој мотор се токму онакви какви што би очекувале од ваков тип на мотор – до 100 километри на час забрзува за 14.6 секунди, а максималната брзина изнесува 160 километри на час. За возење во градски услови е навистина идеален и изненадува со својата економичност. Мојата просечна потрошувачка од неколку дневното возење кое генерално беше во градски услови изнесуваше од 5 до 6 литри на 100 изминати километри. За возење на отворен пат, ова не е најидеалниот мотор бидејќи поради тоа што има само 5 брзини на 120-130 километри на час во кабината се слуша одредена бучава од моторот.
Освен овој мотор, во понудата се достапни уште две други опции од кои едната е Hybrid. Доколку сакате чист бензинец, достапен е 1.5-литарски мотор со 125 коњски сили и може да одберете 6-степен мануелен менувач или автоматски менувач. Втората опција е Hybrid изведбата која го користи истиот 1.5-литарски мотор и во комбинација со хибридниот погон располага со 116 коњски сили и силата се пренесува преку e-CVT автоматски менувач.
Новиот Yaris има спортски и динамичен изглед, но дали тоа важи и кога сте зад воланот? – При развивање на TNGA платформата, една од целите беше да се понуди забавен карактер и одлични возни карактеристики, а Yaris несомнено успеа во тоа. Новата платформа не само што донесе понизок центар на гравитација, туку работено е и на целокупната поставеност на шасијата. Комплетно нова е и суспензијата што пак придонесува за комфорно, но и сигурно возење, а генерелно возењето сега е многу поприродно. Резултатот од сите овие промени е фактот дека Yaris е неверојатно агилен во урбаната средина. Автомобилот има одличен управувачки систем (радиус на вртење од 4,9 метри) и секогаш е подготвен да ја смени насоката, што е пак корисно не само при паркирање. Исто така, ќе ги цените овие карактеристики и кога возите надвор од урбаната средина. При подинамично возење, Yaris е доста флексибилен и релативно забавен ,а одвреме-навреме ќе ја видите иконата за предупредување на електронските помагачи, но таа интервенира чувствително и реално само кога тоа е потребно. Самата шасија е поцврста во овој модел споредбено со претходникот, но далеку од тоа дека Yaris е неудобен автомобил. Нерамнините и дупките на патиштата убаво ги филтрира и што е најважно нема удари од задната оска. Секако, Yaris ја користи вообичаената технологија во сегментот на мали автомобили, односно едноставна торзиона задна оска. Всушност, ова е една од главните разлики помеѓу платформата TNGA GA-B која е наменета за мали автомобили и платформата TNGA GA-C за поголемите компактни автомобили. Но на крајот, целокупниот карактер на новиот Yaris е многу зрел, скоро како кај компактните автомобили.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната промотивна цена за Toyota Yaris 1.0 Light изнесува 12.490 евра, а тест моделот има само дополнителни 400 евра за металик боја.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota Авто центар.




























