Живееме во време кога секој сака да поседува SUV модел. Сепак, овие SUV возила повеќе не симболизираат лесен премин низ тежок терен, ниту пак се стандардно опремени со погон на сите четири тркала (секако има исклучоци). Денес, вистинските SUV возила би ги изброиле на прстите од едната рака. За среќа, Toyotа во својата понуда сеуште нуди еден ваков вистински и чистокрвен теренец кој може да ве однесе до секое место што ќе го замислите, а тоа е легендарниот Land Cruiser. Актуелната генерација на Toyota Land Cruiser е на пазарот од 2009 година, а неговиот животен циклус дефинитивно не е завршен. Пред некоја година, Land Cruiser го доби и своето освежување со што беа направени мали промени на надворешноста, внатрешноста и поставување на сите најнови технологии.

Од надвор, Land Cruiser е веднаш препознатлив, иако со тек на време стануваше се помодерен, Land Cruiser сеуште го има оној „old school“ едноставен изглед – ова е возило кое се карактеризира со својот робусен и масивен дизајн. Уште на прв поглед, веднаш е јасно дека станува збор за навистина големо возило, Land Cruiser не пробува да изгледа спортски, шминкерски или компактен. Си има еден свој уникатен идентитет и токму тоа го прави да се издвојува меѓу другите “wannabe“ SUV модели. На крај на денот, овој модел на Land Cruiser навистина не изгледа застарено (барем од надвор), иако оваа генерација е на пазарот веќе 12 години. Toyotа обрнува големо внимание на својот легендарен теренец, а последното освежување го направи овој модел доста помодерен. Главната промена е предниот дел, кој доби сосема нов лик. Поставена е нова, карактеристична шестоаголна маска, редизајниран браник, а направени се и неколку длабоки вдлабнатини на хаубата. Фаровите се исто така нови со потесен дизајн, а сите модели добиваат Bi-LED технологија со автоматско прилагодување на висината. Задниот дел главно останува непроменет, поставени се само нови LED задни светла кои поради нивниот футуристички изглед привлекуваат внимание.
Одиме внатре – кабината е со едноставен и јасно разбирлив дизајн. Веднаш е јасно дека главниот акцент е ставен токму на функционалноста и ергономијата. Со последниот фејслифт, Toyota ја освежи и кабината, но сепак и тука останува оној „old-school“ дизајн. Во кабината има многу физички копчиња кои користат за скоро сите функции на автомобилот и на прв поглед може да изгледа малку збунувачки, но верувајте многу брзо ќе научите кое копче за што е благодарение на тоа што се поставени на одлично место, едноставни се за користење и лесно читливи. Да бидам искрен, кабината на Land Cruiser ми се допаѓа само поради една причина, а тоа е перфектната ергономија. Во време кога сите производители на автомобили поставуваат големи екрани и сите функции ги вметнуваат во инфозабавниот систем, што резултира со малку понепрактично користење, кабината на Land Cruiser е како едно мало освежување. Тука ќе најдете само еден екран за инфозабавниот систем кој е постевен на горниот дел од централната конзола и е со големина од 8-инчи, а добивате и Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Системот не е меѓу најдобрите, едноставен е за користење, но графиката е малку застарена и не е до толку респонзивен. Инаку, бидејќи тест моделот беше во највисокото ниво на опременост, дојде и со вграден навигациски систем, како и одличен JBL аудио систем со 14 звучници. Кога станува збор за практичноста, кабината на Land Cruiser е полна со места за одлагање на ситници, фиоката пред совозачот е со солидна големина, отворите во вратите се доволно големи, а во средината под потпирачот за раце има огромна фиока која служи и како ладилник, па така во летните топли денови пијалоците секогаш ќе ви бидат ладни. Возачот ќе може многу лесно да ја најде својата идеална возачка позиција благодарение на многуте подесување за седиштето и воланот, а подесувањата и за двете работи се целосно електрични.
Според димензиите на автомобилот, сосема е очекувано просторот на задните седишта да биде и повеќе од доволен. Благодарение на тоа што задната клупа е лизгачка и прилагодлива по висина достапни се неколку конфигурации, па така патниците ќе можат да седат многу удобно. Исто така, на тие што ќе седат на задните седишта, долгите патувања нема да им бидат здодевни поради тоа што добиваат посебен екран кој е поставен на покривот. Може да го поврзете со вашиот паметен телефон или пак да ставите CD, а во централнта конзола поставени се и контроли за клима уредот. Тест моделот дојде и со трет ред на седишта кои се отвораат и затвораат електрично, сепак просторот е малку тесен за возрасни луѓе да можат да седат на некои подолги патувања, но е идеален за деца. Па така, во Land Cruiser може сосема комотно да патуваат до 7 патници. До багажникот се пристапува преку голема врата која се отвора странично, ова е малку непрактично доколку се паркирате некаде каде што позади вас ќе може да се паркира друго возило или доколку сте паркирани во некои тесни места. Капацитетот во основната конфигурација со 5 седишта изнесува 621 литар, а доколку ги спуштите задните седишта се добива капацитет од 1833 литри. Доколку и третиот ред на седишта е исправен на располагање имате 104 литри. Ставањето на поголеми и потешки работи е многу лесно поради тоа што подот е комплетно рамен со браникот и целиот простор е во одлична коцкаста форма.
Toyota Land Cruiser е достапен само со еден мотор, а тоа е 2.8-литарски D-4D четирицилиндарски дизел мотор кој располага со 204 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 11.1 секунди, додека максималната брзина изнесува 175 км/ч. Моторот е достапен со 6-степен мануелен менувач или како во мојот случај со 6-степен автоматски менувач. Силата се пренесува на сите четири тркала, а сите модели стандардно добиваат централен заклучувачки диференцијал, додека во повисоките нивоа на опременост се добива и Torsen заден диференцијал со ограничено пролизгување. Иако моторот има малку погрубо работење, што всушност и одговара на овој тип на возило, во кабината звукот е солидно изолиран и се слуша само при нагли забрзувања. Автоматскиот менувач има прилични долги брзини така што со возење на автопат со брзина од 130 км/ч, моторот врти само 1900 вртежи во минута. Соработката на моторот со менувачот заслужува пофалби, менувањето на брзини е мазно и непречено што е одлично за возење во градски услови. Кога ќе ја притиснете педалата за гас „до крај“ има мало доцнење и менувачот треба да размисли што точно треба да направи, но да бидеме реални ова не е некој значаен проблем бидејќи ова не е возило од кое се очекуваат некои посебни динамични способности. Мојата просечна потрошувачка од неколку дневното тестирање со комбинирано возење изнесуваше од 11 до 12 литри на 100 изминати километри, што кога ќе се земе во предвид тежината на возилото од 2.3 тона, ова не е воопшто лоша потрошувачка.
Land Cruiser е достапен во три нивоа на опременост – Comfort, Executive и Luxury Premium. Тест моделот беше во врвното и најопремено ниво, а бидејќи листата на стандардна опрема е навистина огромна, ќе набројам само некои од побитните работи – Torsen LSD заден диференцијал, Crawl Control систем, кожен ентериер, електричен сончев кров, 9-инчен дисплеј на задните седишта, греење на волан и седишта, 360 степени приказ на камери, 8-инчен инфозабавен дисплеј со вграден навигациски систем, JBL аудио систем, адаптивна суспензија, автоматски три-зонски клима уред, LED предни и задни светла, 18-инчни алуминиумски бандажи и многу, многу друго.
Каков е Land Cruiser зад управувачот? – Во град, поради димензиите на автомобилот ќе имате мали потешкотии, но искрено не е проблем бидејќи сите околу вас ќе бидат среќни да ви се тргнат од патот. Прв пат до сега ми се случува кога ќе уклучам трепкач дека сакам да се престројам во друга лента, возилото зад мене веднаш да ме пропушти или пак при нормално возење во град од нигде никаде возилата пред вас едноставно бегаат. Управувањето не е најпрецизно, но со оглед на стилот со кој ќе се вози овој автомобил е сосема задоволително. Повратните информации од воланот скоро и да ги нема, а реално не е ни потребно да ги има. Едноставно, ова е теренец кој не е направен за брзо возење низ свиоци, па затоа не треба ни да се очекува некое посебно спортско управување. Доказ за ова е и тежината на возилото од скоро 2.5 тона што кажува дека во никој случај не треба да се очекува динамичност од Land Cruiser. Исто така, треба да бидете претпазливи со наглите маневрирања бидејќи инерцијата се чувствува во кабината, особено поради тоа што добивате лажна претстава за брзината со која се движите. Кога станува збор за стабилност, со оглед на висината на автомобилот е на доста задоволително ниво, да во свиоци навалувањето е понагласено, но добивате некое чувство на сигурност. Land Cruiser е опремен и со адаптивна суспензија, а може да одберете од неколку различни режими на работа како што се – Eco, Comfort, Normal и Sport.
Ајде сега да зборуваме за вистинските способности на Land Cruiser и зошто е еден од најдобрите теренци на пазарот кога станува збор за off-road возење. Land Cruiser е еден од последните автомобили што навистина нудат врвни теренски способности. Следниве бројки ќе ви кажат дека оваа Toyota е едноставно незапирлива на лошиот терен: аголот на пристап напред е 31 степен, аголот на преод е 22 степени и задниот агол е 25 степени. Да не заборавиме и на страничниот наклон кој е 42 степени, аголот на искачување исто така од 42 степени и проодноста низ вода со длабочина од 700 мм. Но, не станува збор само за можностите на самиот автомобил, туку и за системите со кои е опремен Land Cruiser. Покрај системите за асистенција на возење по асфалт, опремен е и со низа други системи за асистенција на терен што прават дури и неискусен возач да може да го вози Land Cruiser на екстремни теренски услови. На пример, Multi-Terrain Select системот откако ќе му кажете на автомобилот каква е површината под вас, поставува се за автомобилот да работи што е можно подобро на дадената површина. Crawl Control системот исто така работи одлично, ова е off-road систем кој помага при движење на лош терен со тоа што автоматски ја контролира гаста, сопирањето и движењето на сите тркала, одржувајќи константа брзина при искачување или спуштање.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТ МОДЕЛОТ
Почетната цена на Toyota Land Cruiser Comfort 2.8 D-4D M/T изнесува 55.700 евра.
Цената на тестираниот модел Toyota Land Cruiser Comfort 2.8 D-4D AUT Luxury Premium кој е во највисокото ниво на опременост изнесува 80.300 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota.




























