ТЕСТ: Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid GR Sport

Во последниве неколку години Toyota стекна многу голема популарност со своите спортски GR модели – Yaris GR, Corolla GR, GR86 и Supra. А сето тоа не е воопшто чудно бидејќи сите овие се фантастични автомобили наменети за оние прави ентузијасти на динамичното возење и врвните перформанси. Благодарение на популарноста и тоа што клиентите навистина добро ги прифатија овие модели, Toyota се одлучи да понуди една „лајт“ и подостапна GR верзија од скоро сите модели во својата гама. Поточно, станува збор за GR Sport верзија која е достапна кај Yaris, Yaris Cross, Corolla, C-HR и RAV4. Денес, ќе зборуваме конкретно за Sedan изведбата на Corolla GR Sport, а токму оваа изведба на најпродаваниот автомобил во светот е и најпопуларна на нашиот пазар.

Ова не е прв пат да поминам некое време со Corolla Sedan, пред нешто повеќе од една година на тест имав примерок во највисокото ниво на опременост и придвижуван од истиот 1.8-литарски хибриден погон кој се наоѓа и во оваа Corolla GR Sport, но за тоа ќе зборуваме малку подоцна. Визуелно, од надвор оваа GR Sport верзија добива низа измени кои допринесуваат да се добие тој поспортски и динамичен изглед кој ќе направи автомобилот да се разликува од сите други „короли“ на улица. Да започнеме прво од бојата, оваа „Dynamic Grey“ боја е ексклузивно достапна само за GR Sport верзијата па уште на прв поглед може да се примети дека ова не е „обична“ Corolla. Понатаму, сите хромирани елементи кај другите верзии, тука се во сјајно црна завршница – предната маска, линијата што ги спојува фаровите, деталите околу магленките, ретровизорите, лајсните околу прозорците и лајсните на долниот дел од вратите. Дополнително, на вратата од багажникот е поставен и еден суптилен спојлер кој јас лично би сакал да е во сјајно црна боја.

Приказната продолжува и со бандажите кои се ексклузивно достапни за GR Sport верзијата, конкретно тест моделот е со 17-инчни бандажи кои се во двобојна комбинација и интересен детал е црвениот круг во средина околу логото. Како опција, може да се земат и поголеми 18-инчни бандажи кои дополнително го збогатуваат спортскиот изглед, но го намалуваат комфорот. Исто така, на вратата од багажникот и на праговите на предните врати е поставено GR логото. Севкупно, ова не се кој знае какви драстични промени во споредба со другите верзии, но едноставно целиот автомобил остава доста поатрактивен и поубав впечаток, а ова би го ценеле помладите купувачи.

Внатрешноста и понатаму останува супер практична која е со едноставен и минималистички дизајн, а сето ова ќе го ценат оние кои не се големи фанови на најновите трендови со големи екрани во кабината. Тука се уште има класични физички копчиња скоро за сите функции на автомобилот – и сето тоа резултира со многу добра ергономија и лесно ракување. Конкретно GR Sport верзијата добива и низа измени во целата внатрешност за да се добие тоа спортско чувство зад воланот. Најважната промена се прекрасните спортски седишта кои се со детали во боите на Gazoo Racing, а освен што изгледаат убаво, нудат одлична странична поддршка и „ве гушкаат“ во свиоци. Исто така, тие се и доста удобни и за подолги патување. Дополнително, низ целата кабина може да се забележат црвени шевови, а тука е и спортскиот волан кој е делумно обложен во перфорирана кожа и секако црвени шевови. Квалитетот на поставените материјали е добар, но искрено би сакал на одредени места да има за нијанси помеки материјали. Инаку, завршната обработка е на доста солидно ниво и се е склопено како што треба.

Пред возачот се наоѓа инструмент табла која е во комбинација со класични аналогни инструменти и 7-инчен централно поставен екран на кој се прикажува брзината и други важни информации околу возењето. Од левата страна е тахометар, а од десната страна се поставени мерачи за гориво и температура. На горниот дел од централната конзола е поставен 8-инчен екран за инфозабавниот систем кој сега е со најновиот софтвер на Toyota и кој е далеку подобар од стариот софтвер. Менито е лесно и едноставно за ракување, а целиот дизајн е доста модерен. Плус, сега има и безжично поврзување со Apple CarPlay, додека за Android Auto ќе ви биде потребен кабел. Повторно ќе ги споменам класичните физички контроли кои се поставени под екранот, а овие служат за функциите на клима уредот – едноставно и многу практично решение. Спортските детали ја прават кабината на оваа GR Sport верзија навистина убаво место за поминување на времето.

Просторноста и практичноста се јаките страни на Sedan изведбата на Corolla. На задните седишта удобно може да се сместат двајца патници и да имаат доволно простор како за нозете, така и за главата. По потреба може да се смести и трет патник, но не за некои предолги патувања. А патниците во овој ред добиваат и засебни отвори за клима уредот.

Багажниот простор кај оваа изведба на Corolla нуди капацитет од 471 литар, отворот не е премногу голем, плус при полнење на багажникот треба да запомнете дека шарките од вратата навлегуваат внатре. Длабочината и ширината на багажниот простор се добри и без проблем ќе ги собере сите работи на едно семејство.

GR Sport верзијата кај Sedan изведбата е достапна исклучиво само со еден мотор, а тоа добро познатиот 1.8-литарски хибриден погон. Односно, под хаубата е бензинскиот мотор кој работи во аткинсон циклус и испорачува 98 коњски сили при 5200 вртежи во минута и 142 Nm вртежен момент достапен од 3600 вртежи во минута. Овој мотор е надополнет и со уште еден електромотор кој испорачува 72 коњски сили и 163 Nm вртежен момент. Вкупната системска моќност на овој погон изнесува 122 коњски сили и 163 Nm вртежен момент. Силата оди кон предните тркала и се пренесува преку e-CVT бесстепен автоматски менувач. Сето ова овозможува автомобилот да забрзува од 0 до 100 км/ч за 11 секунди и да постигне максимална електронски лимитирана брзина од 180 км/ч.

Да, овие перформанси се далеку од импресивни и „спортски“, но не треба да се заборави дека ова не е вистински спортски модел. Во секојдневното возење низ градските улици погонот си испорачува сосема нормални перформанси и добра динамика. А во вакви услови, 90% од возењето ќе биде тивко и мирно поради тоа што ќе го употребува само електромоторот, бензинецот стапува на сцена само ако поагресивно ја притиснете педалата за гас или доколку батеријата се испразни целосно. Хибридните погони на Toyota се направени да понудат што е можно поекономично и порафинирано возење, особено во градски услови. Па така, просечната потрошувачка во град се движи од 4 до 5 литри. На автопат, приказната е малку различна бидејќи во такви услови примарно се користи моторот со внатрешно согорување, а електромотор е тука да помогне кога тоа е потребно. Потрошувачката на отворено се движи од 7 до 8 литри на 100 изминати километри, секако во зависност од начинот и стилот на возење.

Да не ве буни наставката GR Sport, оваа верзија на Corolla Sedan е далеку од вистински спортски автомобил и воопшто не треба да го гледате како таков. Ова е автомобил кој има подинамичен и подотеран надворешен изглед во споредба со другите верзии, како и кабина која ви дава едно поубаво и поспортско чувство зад воланот…и тоа е тоа. Во однос на шасијата и суспензијата, оваа верзија нема никакви промени споредено со другите верзии, а тоа е и главната причина зошто реков дека ова е автомобил кој не треба да го гледате како спортски. Возните карактеристики се доста фини, а главниот збор го има комфорот и тоа веднаш се приметува на нашите не толку добри патишта. Голем плус и за управувачкиот систем кој е прецизен и лесен, а сите оние гужви и маневрирања низ градскиот метеж се поминуваат многу, многу лесно. Во свиоци, не треба да се бара динамичност и брза респонзивност од овој автомобил, едноставно не прилега на карактерот на автомобилот. Сепак, благодарение на тоа што Corolla добива напредна мулти-линк оска на задниот дел и благодарение на одличниот компромис на сетапот на суспензијата која е подесена за да понуди максимална удобност и добра стабилност, однесувањето во свиоци е добро контролирано. На автопат, при брзини од 120-130 км/ч се гледа дека изолацијата е подобрена, но сепак преовладува минимална бучава од ветер и од тркалата. А при поагресивно притискање на педалата за гас тука е и неизбежниот шум од моторот кој се појавува поради CVT менувачот. Инаку, долгите патувања во однос на удобност не претставуваат никаков проблем за Corolla Sedan GR Sport.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната *промотивна цена во моментов за Toyota Corolla Sedan 1.5 Executive изнесува 22.990 евра.

Цената на тестираниот модел Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid GR Sport изнесува 35.990 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota.

ЗАКЛУЧОК
GR Sport верзијата на Corolla Sedan дава еден подинамичен и поатрактивен карактер, а ова ќе го ценат помладите купувачи кои сакаат малку поуникатен автомобил. Дополнително, оваа верзија на Corolla не треба да ја гледате како спортска, туку како верзија која нуди еден вид на уникатност и спортско чувство во кабината.
Дополнително зајакнат атрактивен изглед
Просторност и практичност
Економичен хибриден погон
Достапен е само еден погон за GR Sport верзијата
Понагласена бучава од моторот со внатрешно согорување
3.5