Camry е многу познат и популарен модел на брендот Toyota, кој постои од далечната 1979 година. По повеќе од 15 години, Toyota во 2019 година го врати повторно името Camry за европскиот пазар . Во класата во која припаѓа, Camry е навистина уникатен модел бидејќи е достапен само како седан изведба и се нуди исклучиво со добро познатиот хибриден погон на Toyota. Денес ќе зборуваме за фејслифт верзијата на осмата генерација на Camry која доби минимални промени на надворешноста, нов инфозабавен систем и многу други нови технологии.
Camry е поставен на новата TNGA модуларна платформа на Toyota која се користи и во други нови модели на брендот. Со должина од 4885 милиметри и меѓуоскино растојание од 2825 милиметри, Camry е навистина голем и елегантен автомобил. Во однос на дизајнот, ова е модерна и привлечна Toyota. Ми се допаѓа тоа што јапонците се уште не подлегнале на искушенијата на корпоративниот дизајн и секој модел од гамата на брендот си има свој засебен дизајн кој се разликува од другите, а со тоа му даваат свој идентитет на секој модел. Покрај тоа, Camry ја дели платформата и со луксузниот Lexus ES, што му дава величествени пропорции со елегантни линии. Со освежувањето не се направени никакви драстични промени на дизајнот, а реално и не беше потребно бидејќи автомобилот изгледаше навистина добро. Предниот дел доби редизајнирана маска која привлекува доста внимание, редизајниран браник и нови LED фарови. Елегантниот профил проткаен со меки линии останува непроменет и изгледа прекрасно. Задниот дел доби редизајнирани LED светла и малку редизајниран заден браник. Дел од визуелните освежување се и новите бои за каросеријата, како и новите дизајни за алуминиумските бандажи. Се на се, во споредба со некои од конкурентите, Camry изгледа некако меко и многу елегантно. И покрај тоа што нема футуристички дизајн кој вика „погледни ме“, изненаден бев од тоа колку всушност внимание привлекува и на улица и на паркинг. Плус, тестираниот модел е во црна боја…
Со отворање на вратата, ве пречекува луксузна внатрешноста која е спој на модерно со „old school“ време. Откако ќе седнете зад воланот, може да бидете малку зачудени, бидејќи Camry едноставно пристапува малку поинаку отколку што сме навикнати од европската конкуренција. Целиот дизајн и поставеноста на сите контроли е комплетно различно, но сепак на внатрешноста не може да и се негира премиум печатот. Ми се допаѓа тоа што кабината не е со претерани креации и за разлика од сите други нови модели, вистинско освежување е да се седи во автомобил кој не е преплавен со големи екрани насекаде. А и не е тоа поентата на овој автомобил и всушност тоа е навистина добро. Достоинствено е вистинскиот збор што прво ми паѓа на ум кога ќе погледнам внатре. Како и на надворешноста, така и во внатрешноста промените кои се направени со освежување се минимални и се однесуваат на подобрени и поквалитетни материјали, нови комбинации на бои и декоративни елементи. Но, најважната промена е новиот инфозабавен систем кој добива нов 9-инчен екран и поврзување со Apple CarPlay и Android Auto. Исто така, екранот сега е поставен на горниот дел од централната конзола, а тоа е добро бидејќи не треба премногу да го тргате погледот од патот за да ракувате со некои од функциите. Што се однесува до работењето на системот, благодарение на новиот процесор и подобрената графика, системот сега има забалежително подобрување од претходно. Работи брзо и е доста респонзивен, но во споредба со инфозабавните системи на конкурентите, малку заостанува. Плус, самото мени е некако покомплицирано за ракување.
Она што морам да го пофалам е засебниот панел со контролите за клима уредот кои едноставно е многу практичен. Исто така, задржани се физички копчиња буквално за сите функции кои секојдневно се користат – греењето на седишта има физичко копче до менувачот, греењето на волан, Traction Control системот и отворањето на багажникот имаат засебни копчиња лево од воланот, додека Lane keeping assist системот може да го исклучите преку копче на воланот. Седиштата се супер комфорни и одлични за подолги патувања, а пред возачот се наоѓа аналогна и едноставна инструмент табла со дигитален дисплеј во средина кој ги прикажува информациите околу возењето, хибридниот систем и делумно навигацијата. Внатрешноста на Camry е многу пријатно место за седење, особено за оние на кои не им е потребен денешниот дигитален начин на работа.
Ајде малку и за просторноста на задните седишта, бидејќи една од причините за купување на ваков автомобил е секако просторот и удобноста, како и за патниците на предните седишта, така и за патниците на задните седишта. Всушност, Camry може да се пофали со најголема пространост на задната клупа, навистина има многу простор и за нозете и за главата, па дури и за оние „повисоките“. Патниците на задната клупа максимално ќе може да уживаат во долгите патувања, а со овој автомобил едноставно ќе сакате многу да патувате. Што се однесува на багажниот простор, на располагање се достапни 524 литри. Пристапноста до багажникот не е баш најдобра, но просторот е во правилна коцкаста форма и овозможува убаво распределување на багажот.
Како што спомнав и на почетокот, Camry може да го земете само со еден хибриден мотор, а тоа е 2.5-литарски четирицилиндарски атмосферски мотор со моќност од 177 коњски сили и 221 Nm вртежен момент. Меѓутоа, бидејќи моторот може да се потпре и на електрифицирана помош во форма на целосно хибриден и електричен мотор од 88 kW, тој достигнува системска моќност од 218 коњски сили. Ова значи забрзување од 0 до 100 километри на час за 8.3 секунди и максимална брзина од 180 километри на час. Силата се пренесува на предните тркала преку e-CVT бесстепен автоматски менувач. Моторот со внатрешно согорување е развиен од самиот почеток за поврзување со уште еден електричен мотор, така што се карактеризира со висока ефикасност и намалување на загубите на енергија за 20%. Но, што е со практиката? Монотониот звук на хибридот повеќе не е досаден како во моделите од пред неколку години, но сепак ќе го забележите кога ќе ја притиснете педалата за гас поагресивно. Едноставно треба малку време да се навикнеш на работата на хибридот и да „учиш“ одредени навики, а тогаш овој погон станува одличен придружник дури и на долги патувања на автопат. Динамиката на автомобилот е многу добра и многу често не е потребно да се притисне педалата за гас „до крај“ за безбедно да се изврши претекнувањето. Покрај тоа, возите и со пристојна потрошувачка на гориво. На градските улици, компјутер редовно може да се пофали со вредности кои започнуваат со 5 литри. Дури ви покажува колку време поминувате во чист електричен режим и иако е хибрид без надворешно полнење, вредностите се изненадувачки високи. Над седумдесет проценти возев во чист електричен режим. На автопат иако хибридот повеќе не може да се потпира на електричната помош, доколку го почитувате ограничувањето на брзина, очекувајте потрошувачка од околу 7 литри.
Патувањето со Toyota Camry е многу пријатна и релаксирачка работа. Иако производителот не нуди никакви адаптивни или на друг начин софистицирани амортизери, шасијата која има поцврст карактер и со 18-инчните тркала сепак покажа дека може убаво да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини на патот. Оставајќи ја настрана погласната акустика во одредени ситуаци поради CVT менувачот, Camry e релативно добро звучно изолирана лимузина која ќе ви даде удобно и опуштено чувство. Ова е автомобил од кој не треба воопшто да се очекуваат некакви спортски амбиции, а едноставно не се ни обидува да разбуди такво спортско чувство или желба за динамика кај возачот. Ве опкружува со својата издржливост и удобност, што предизвикува пријатно опуштена атмосфера во кабината. Самото управување е фино подесено, па автомобилот доброволно „се фрла“ во свиоците и на безбеден начин ја следи одбраната патека. Ништо повеќе, ништо помалку. За добрата стабилност придонесува и мулти-линк задната оска која е подесена специјално за европските клиенти. Достапни се неколку режими на возење – Eco режимот е „попригушен“, додека разликите помеѓу Normal и Sport режимот не се толку забележливи, освен тоа што во Sport режим воланот добива малку екстра тежина и педалата за гас е пореспонзивна. Доколку барате технолошки напредна, удобна и економична лимузина, мора да му дадете шанса на Camry и да го пробате. Сигурен сум дека многу позитивно ќе ве импресионира.
Тестираниот модел е во Elegance ниво на опременост што е едно ниво под највисокото Luxury и ја содржи следната стандардна опрема: Електрично прилагодување на воланот, Blind Spot Monitor, предни и задни паркинг сензори, греење на предни седишта, греење на волан, 9-инчен екран за инфозабавниот систем со вградена навигација, безжичен полнач за мобилен телефон, LED предни и задни светла, 18-инчни бандажи, кожен ентериер, електрично регулирање на предни седишта, сите безбедносни системи од Toyota safety sense 2 и многу друго…
Почетната цена на Toyota Camry 2.5 Hybrid Comfort изнесува 32.190 евра.
Цената на тестираниот модел Toyota Camry 2.5 Hybrid Elegance изнесува 36.690 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ





















