ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid GR Sport

C-HR се појави на пазарот во 2016 година и е позициониран како динамичен кросовер кој комбинира екстравагантен изглед и способност за одлично управување. Сето ова е надополнето со најдобри перформанси во класата во однос на емисијата на штетни гасови. Првиот Toyota C-HR имаше моќно влијание врз C-SUV сегментот. Во 2019 година, Toyota го освежи C-HR со неколку минимални измени на надворешноста и внатрешноста, а доби и целосно нов помоќен хибриден погон. Она за што ќе зборуваме денес е спортската верзија на популарниот кросовер – инспириран од перформансните GR модели на Toyota, новиот C-HR GR Sport добива низа поостри измени на надворешноста, како и спортски детали во внатрешноста кои допринесуваат за уште повпечатлив изглед.

Да почнеме со повторување на неколку интересни бројки кои докажуваат колку е важен кросоверот C-HR за јапонската марка. Во својата прва година, C-HR се продаде во 120.000 единици во Европа, постигнувајќи веднаш 10% удел во сегментот. Оваа успешна приказна продолжи и до ден денес, благодарение на уникатните хибридни погонски единици, CH-R го возат повеќе од 400.000 Европејци. Исто така, Toyota наведува дека за 68% од купувачите ова е првиот Toyota автомобил што го купиле. На крајот на краиштата, тоа беше и целта на производителот – да направи „бум“ и да донесе сосема нова клиентела со екстравагантни вести.

Надворешниот дизајн на C-HR е многу уникатен и футуристички – едноставно нема ни еден друг автомобил што изгледа слично на него. А и ако зборуваме реално, ова е автомобил што никогаш нема да изгледа застарено. Па затоа, со освежувањето Toyota не направи никакви драстични промени во дизајнот. Променети се предните и задните светла, браниците и општо дел од формите на автомобилот сега се помазни од претходно. Но, ајде сега малку и за тестниот модел – црвената металик боја одлично му прилега, а црниот контрастен покрив и црните детали допринесуваат за еден поспортски стил. GR Sport верзијата добива неколку промени на надворешноста со што веднаш се издвојува од другите стандардни верзии. На предниот дел, фаровите кои се со Full LED технологија добиваат црни куќишта, редизајниран преден браник со централен дел во пијано црна боја, темно хромирана решетка и поагресивен преден спојлер. Страните добиваат пијано црни елементи околу вратите, додека на задниот дел е поставен исто така редизајниран поспортски браник со пијано црни елементи, спојлер на багажникот и GR Sport значка. Тестираниот модел беше опремен со 18-инчни алуминиумски бандажи, а како опција достапни се и ексклузивни 19-инчни бандажи. GR Sport верзијата е достапна во 9 ексклузивни bi-tone бои за надворешноста, вклучувајќи и нова Dynamic Grey металик боја. Се на се, оваа верзија го прави C-HR уште поатрактивен и повпечатлив, а особено интересен за помладите купувачи. Дизајнот добро ги крие димензиите на автомобилот – C-HR е долг 4395 мм, широк 1795 мм и висок 1555 мм, што е просек за компактните SUV модели. Но, на прв поглед изгледа доста помало од што навистина е.

Ако автомобилот изгледа навистина модерно и современо однадвор, повеќето работи во внатрешноста остануваат „old-school“. Но да бидам искрен, воопшто не ми пречи тоа што кабината е полна со конвенционални физички копчиња и тоа што има само еден дисплеј за инфо-забавниот систем. Сите контроли кои редовно се користат се поставени на идеално место кое е лесно достапно дури и при возење. Пред возачот се наоѓа аналогна инструмент табла со мал дисплеј во средина кои ги пражува сите битни информации околу возењето и е лесно читлив. Пофалба и за искористените материјали во кабината, оние делови кои често се допираат се обвиени во меки материјали и генерално завршната обработка е подобра од претходниот модел. На цетралниот дел доминира 8-инчниот дисплеј за Toyota Touch 2 инфо-забавниот систем кој сега работи побрзо од претходно, но би сакал софтверот да има малку помодерен дизајн. Од двете страни на дисплејот поставени се физички копчиња кои служат за брз пристап до одредени функции. Ми се допаѓа тоа што контролите за клима уредот ги задржаа засебните физички копчиња кои се поставени под инфо-забавниот дисплеј и се супер лесни и практични за користење. Што добива екстра оваа GR Sport верзија во кабината? – Спортски волан делумно обвиен во перфорирана кожа со црвени шевови (инаку, воланот има перфектна дебелина и големина и одлично лежи во рака), спортски седишта кои се во комбинација на алкантара и кожа – со црвени и бели шевови, GR копче за стартување на моторот, менувач со црвени шевови и ексклузивна GR Sport анимација на централниот дисплеј. Океј, промените не се кој знае какви, но се доволни за да добите чувство дека седите во поспортска верзија на C-HR.

Опаѓачката кровна линија и не конвенционалниот дизајн, сугерираат дека просторот на задните седишта е релативно тесен. Двајца патници со просечна висина од околу 180 сантиметри ќе имаат доволно простор и за нозете и за главата, додека сместување на трет патник би препорачал само за некои екстра кратки релации. Исто така, поради ептен малите прозорци позади и широките столбови има недостаток на светлина и за некој може да биде малку клаустрофобично. Што се однесува до багажникот, на располагање се достапни 358 литри багажен капацитет што е нормалата за оваа класа на возила, со спуштање на задните седишта се добива 1141 литар капацитет. Просторот е во правилна коцкаста форма и вратата се отвора релативно широко, но подот не е комплетно рамен со браникот, што значи дека ќе треба малку повеќе да се внимава при ставање и вадење на потешки и поголеми работи.

C-HR е достапен со две хибридни погонски единици – верзијата со 1.8-литарски мотор испорачува 122 коњски сили, додека верзија со 2.0-литарски мотор испорачува 184 коњски сили. Двете верзии се со преден погон и E-CVT автоматски менувач.

Тестираниот модел е опремен со помоќниот 2.0-литарски Dynamic Force хибриден погон кој испорачува вкупна системска моќност од 184 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 190 Nm вртежен момент од 4400 вртежи во минута. Забрзувањето од 0 до 100 километри на час трае 8.2 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 180 километри на час. Овој нов M20A-FXS мотор, не е само зголемување на 1.8-литарскиот мотор. Добива директно вбризгување на бензин и променлив тајминг од двете страни, односно од влезот и издувот. Додека издувот користи традиционален хидрауличен менувач VVT-i, влезот доби попрецизен електричен VVT-iE. Исто така, хидрауликата беше заменета со електричен мотор интегриран во запчаникот за тајминг. Моторот е проследен со CVT – бесстепен менувач, во кој конвенционалниот мотор контактира со електричниот мотор и генераторот. Самиот пренос е покомпактен, но има толку многу техники под хаубата што класичната батерија од 12V не ја собира тука и е поставена под подот на багажникот. Хибридот има nickel-metal hydride батерија со 180 модули со напон од 216 волти и капацитет од 6.5 Ah. Иако капацитетот на батеријата е релативно мал, ќе се изненадите колку често автомобилот користи само електрична енергија за возење (до 80% во градски услови).


Забрзувањето е навистина доволно и изненадува со својата флексибилна динамика, да на поголеми брзини и при поагресивно притискање на педалата за гас се добива оној класичен монотон звук, но благодарение на подобрената изолација не е до толку неподносливо. Хибридните модели на Toyota се познати и по одличната економичност, а C-HR GR Sport не е исклучок. Во исклучиво градски услови на возење измерив просечна потрошувачка која се движеше околу 4.5 литри на 100 изминати километри (доколку сте попретпазливи може уште да се намали). На отворен пат со просечна брзина од околу 120-130 километри на час измерив потрошувачка од 7.5 до 8 литри.

Стигнавме до најважниот дел, а тоа е дека измените на оваа верзија не се само визуелни. Техничката основа на автомобилот останува иста, односно McPherson суспензија напред и трапезоидната суспензија назад. Во споредба со стандардните верзии, оваа GR Sport верзија има пониска суспензија за 15 милиметри, додека напред е поцврста за 10%, а назад за 15%. Автомобилот сеуште има стандардни не-адаптивни амортизери, но тука се поставени посилни стабилизатори. Другите модификации вклучуваат целосно нов управувачки систем, со нов софтвер и нова колона што придонесува за поголема респонзивност. Исто така и шасијата е релативно поцврста, но и покрај 18-инчните бандажи возењето никогаш не е непријатно или тврдо. Перфектно избалансирана суспензија и шасија – дупките и нерамнините многу добро се исфилтрирани и нема несакани удари или клатења во кабината. Генерално, C-HR GR Sport е сигурен во секакви околности, навалувањето на телото е доста намалено поради модификациите и автомобилот нема тенденција да се лизга. А изненадувачки е тоа што управувањето е релативно неутрално, океј каросеријата си има свои граници, но бев доста задоволен од тоа колку е агилно и лесно се однесува C-HR во свиоци. Комуникацијата со управувачот не е најдобра и скоро и да нема повратни информации од подлогата, но поради промените, управувањето тука е поцврсто за нијанса пореспонзивно, така што автомобилот се контролира попрецизно во тесни свиоци. Сите овие промени кои се направени за да се добие подобро возење можеби не се кој знае колку големи, но се навистина ефикасни!

Почетната цена на Toyota C-HR 1.8 Hybrid Center изнесува 28.390 евра.

Цената на тестираниот модел Toyota C-HR 2.0 Hybrid GR Sport изнесува 35.190 евра.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Повеќе информации може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota!

ЗАКЛУЧОК
Toyota C-HR GR Sport не е вистински спортски автомобил (а и не треба да биде), но тоа не значи дека не нуди убаво и динамично возење. Можете да се забавувате зад воланот и во исто време не ги губите предностите на класичниот C-HR - лесно маневрирање низ градските улици и доста ниска потрошувачка. Ова е надополнето со уште поатрактивен изглед и добро изработена кабина.
Безвременски дизајн.
Економичен и моќен хибриден погон.
Одлични возни карактеристики.
Просторот на задните седишта е тесен.
Понагласена бучава поради CVT менувачот.
4