ТЕСТ: KIA Sorento 2.2 CRDi DCT AWD Executive 

Првата генерација на KIA Sorento беше вистински теренец со „ladder frame“ шасија, постојан погон на сите четири тркала и редуктор за менувачот. Веќе во втората генерација, сепак, овој модел почна да се менува во голем премиум SUV. Последната четврта генерација беше претставена во 2020 година и тогаш направи еден вистинска револуција за брендот благодарение на целосно новиот дизајн, новите погонски единици и многуте нови технологии. Сега, четири години подоцна дојде време за едно (не толку мало) освежување. Па затоа, новиот Sorento по освежувањето е уште попрефинет, попремиум и генерално подобар автомобил. 

Освежениот Sorento на прв поглед привлекува внимание со целосно редизајнираната предница – ова е и најголемата промена на надворешноста. Теренецот сега е многу поблиску усогласен со новопретставениот EV9 и затоа е значително попрогресивен. Двата големи SUV модели делат слични вертикални фарови и слична сребрена заштита на подвозјето. За разлика од EV9, освежениот Sorento продолжува да ја користи класичната маска „Tiger Nose“, која пак е усогласена малку повеќе со Sportage. Дополнително, на хаубата сега е испишано името KIA, кое исто така е прилагодена, наместо во решетката да биде на самата хаубата. Новите фарови со вертикално распоредени LED сегменти и карактеристични дневни светла во форма на буквата T, не само што изгледаат многу подобро од претходно, туку нудат и подобрено осветлување навечер. Малку е чудно што и сега не се достапни адаптивни фарови ниту како опција, се добива само автоматска регулација на долгите светла. Поради формата на фаровите променета е и формата на браникот. 

Профилот не претрпе никакви промени, па и понатаму си останува истата класична „коцкаста“ форма на автомобилот. Единствената промена тука се само новите бандажи, дизел верзијата е достапна со 18 или 20-инчни бандажи (тест примерокот е со поголемите), додека хибридните верзии се достапни исклучиво со 19-инчни бандажи. 

Задниот дел претрпе многу посуптилни промени во споредба со предниот дел. Па тука може да се видат редизајнираните LED светла кои добиваат нова графика – формата останува иста. Браникот има нов дизајн со нови елементи и на вратата од багажникот сега се наоѓа новото лого на брендот. Новиот модел е достапен во вкупно 10 бои и додадени се 3 целосн нови бои – Volcanic Sand, Interstellar Gray и Cityscape Green. Генерално, на Sorento не му беа потребни драстични промени на надворешниот дизајн бидејќи и пред фејслифтот изгледаше доста модерно, премиум и атрактивно. Сепак, и овие суптилни промени сега го прават уште поинтересен и попривлечен за купувачите. 

Новиот Sorento импресионира не само со своите форми, туку и со димензиите. На крајот на краиштата, овој SUV, кој изгледа како да е направен за американски патишта, има должина од 4815 мм, ширина од 1900 мм и висина од 1700 мм. Меѓуоскиното растојание од 2815 мм е ветување за навистина богат внатрешен простор.

Во внатрешноста се случија многу поголеми и многу поважни промени, KIA ги послуша своите клиенти и ја ревидираше речиси цела контролна табла. Така, новиот модел е ослобен од традиционалната инструмент табла и ова е заменето со нов лебдечки панел во кој се интегрирани два екрани од 12.3-инчи – едниот е наменет за возачот, додека другиот е наменет за инфозабавниот систем. Двата екрани нудат помодерна графика, а инфозабавниот систем сега изгледа појасно, пореспонзивен е и далеку попрактичен за ракување. Згора на тоа, поврзувањето преку Apple CarPlay и Android Auto сега е безжично. Тестираниот примерок, исто така, е опремен и со head-up дисплеј кој проектира информации директно во видното поле на возачот – и овој дисплеј е зголемен, сега е со големина од 10-инчи (претходно беше 8.5-инчи). Дополнително, софтверските ажурирање сега се „преку воздух“. 

KIA ги редизајнираше и отворите за вентилација, како и неговите контроли. Новиот Sorento добива уште еден мал дисплеј кој е поместен пониско и како и другите автомобили на брендот, нуди можност за префрлување помеѓу контролите за климатизација и за медиата. Системот е добро осмислен и практичен. Интересна карактеристика е и читачот на отпечатоци, кој овозможува идентификација на возачот. Во однос на централниот тунел, нема никакви промени, па тука се поставени контролите за автоматскиот менувач, тркалце за избирање на режим на возење и уште неколку физички копчиња за најважните функции на автомобилот. 

Новите седишта во Nappa кожа, кои нудат греење и вентилација и продолжена потпора на бутовите се многу удобни. Доста интересна работа е и „Premium relaxation“ функцијата која овозможува целосно лежечка положба за предните седишта, совозачот ќе може максимално да ужива на долги патувања. Дополнителна новост е и „Ergo Motion“ функцијата за возачкото седиште која нуди масажа и можност да се прилагодат лумбалната поддршка, како и страничните делови на седиштето. Исто така, на брзини над 120 км/ч страничните потпори автоматски се шират и ве „гушкаат“. 

Целата кабина е доста просторна и „воздушеста“, а има и многу места за складирање на работи, вклучително и голема пространа кутија под потпирачот за раце. Единствениот недостаток е тоа што нема поголем држач за чаши каде што би можело да собере и големо шише. Благодарение на новите екрани, новите функционалности и новите материјали, кабината на освежениот Sorento изгледа многу полуксузно и помодерно. Зад воланот се чувствувате безбедно и многу, многу комфорно. 

Тестираниот примерок е во конфигурација со седум седишта, каде што во вториот ред можеме да најдеме лизгачка клупа и прилагодливи преклопни потпирачи за грб со поделба во однос 60:40. Просторот овде е навистина кралски – во сите правци. Дополнително, патниците тука добиваат греење на седишта, засебни отвори за климатизација и USB приклучоци. 

Пристапот до седиштата од третиот ред, кои се преклопуваат во подот кога не се користат, е олеснет со копчињата кои при притискање лесно ги преклопуваат и лизгаат седиштата од вториот ред. Благодарение на големите врати, влегувањето во третиот ред на седишта е релативно удобно. Овде има и изненадувачки доволно простор. Удобноста е дополнително зголемена со посебни поставки за климатизација со прилагодливи отвори, а има и USB-C приклучоци за полнење.

Волуменот на багажниот простор за верзијата со седум седишта се движи од 179 литри со исправи седишта во третиот ред, 608 до 910 литри со спуштени седишта од третиот ред и во зависност од положбата на седиштата во вториот ред, додека со комплетно спуштени задни седишта капацитетот е импресивни 1.996 литри. Има и двојно дно со простор за складирање на ролетни или некои други помали предмети. 

Освежениот Sorento е достапен со три различни погонски единици – HEV верзија која е самополнечки хибрид и располага со 227 коњски сили, Plug-in Hybrid верзија која располага со 261 коњски сили и верзија со класичен дизел. PHEV верзијата стандардно доаѓа со погон на сите тркала, додека кај другите две верзии достапни се верзии со преден погон или погон на сите четири тркала. 

Тестираниот примерок е секако со дизел моторот под хаубата. Тука станува збор за 2.2-литарски CRDi кој испорачува 194 коњски сили при 3800 вртежи во минута и 440 Nm вртежен момент достапен од 1750 до 2750 вртежи во минута. Моторот е поврзан со 8-степен автоматски DCT менувач со двојна спојка и силата се испраќа кон сите четири тркала. Овој систем прави автоматска распределба на вртежниот момент. Така, погонот на задната оска помага, на пример, при стартување, флексибилно забрзување и во свиоци. Благодарение на избирачот на режими за возење надвор од патот, неговото однесување може да се прилагоди и на специфични услови како што се снег, песок, кал и така натаму. 

Во однос на перформансите, моторот е сосема задоволителен и со своите 194 коњски сили убаво го задвижува теренецот кој е тежок околу два тона. Забрзувањето до 100 км/ч трае 9.7 секунди, додека максималната брзина е 201 км/ч. Моќност не недостига нути при поголеми брзини, но подобро е да се остави поголема резерва при претекнување. Менувачот работи мазно и неприметно, а истовремено се обидува да го задржи моторот на помали вртежи, но не до степен каде што е непотребно. Тука би го споменал Smart режимот на возење, кој го прилагодува менувачот и моторот на стилот на возење на возачот. Каква е потрошувачката? – во строго градски услови на возење борд компјутерот покажа потрошувачка која се движеше околу 9-9.5 литри, на автопат, со брзина од 120-130 км/ч потрошувачката се движи околу 7 литри на 100 изминати километри. 

Во однос на шасијата и возните карактеристики ништо значајно не е променето со освежувањето, а реално и немаше потреба бидејќи Sorento нуди токму онакви возни карактеристики како што би очекувале од еден ваков голем SUV. Шасијата е примарно подесена за да понуди максимална удобност и леснотија во возење. Во градските средини ќе треба малку повеќе да внимавате поради големината, но воланот е лесен за маневрирање и покрај 20-инчните тркала удобноста останува на доста солидно ниво, без пренагласени удари кога поминувате низ дупки и нерамнини. Во свиоци, Sorento е самоуверен и стабилен, но нема „бегање“ од тежината и масивноста, па затоа се присутни малку понаггласени навалувања. Најверојатно малку е работено и на подобрување на звучната изолација, па сега и при брзини од 130-140 км/ч во кабината е релативно тивко и рафинирано. Drive Mode селекторото ви овозможува да одберете помеѓу Eco, Normal, Sport и Smart режими – разликата се приметува, но е минимална. Дополнително, тука се и Terrain режимите – Snow, Mud и Sand кои го прилагодуваат моторот, менувачот, ESP системот и AWD погонот според површината под тркалата. 

Како и претходно, Kia Sorento има доста богата опрема на безбедносни системи, меѓу другото, адаптивен темпомат базиран на навигација, асистент на мртва точка со интервенција во управувањето и сопирање, систем за предупредување за заден вкрстен сообраќај со функција за итно сопирање, асистент за излез, асистент за паркирање преку клучот и асистент за избегнување судир. Нов додаток е Highway Assistant 2.0, кој може самостојно да ја менува лентата од одредена брзина штом лицето на воланот сигнализира во соодветната насока. Покрај функцијата за вртење, предниот систем за предупредување за судир сега има и откривање на вкрстен сообраќај и врши избегнувачки маневри доколку е потребно. Дополнително, системот сега спречува судир со возилата напред или возилата кои доаѓаат од спротивната страна во соседната лента. И оптимизираната камера за целосен преглед со сега тридимензионален дисплеј обезбедува поголема безбедност при маневрирање.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена за KIA Sorento 2.2 CRDi DCT AWD Concept изнесува 56.950 евра.

Цената за тестираниот модел KIA Sorento 2.2 CRDi DCT AWD Executive изнесува 64.950 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на KIA.

ЗАКЛУЧОК
Освежениот KIA Sorento во врвното ниво на опременост и со класичен дизел мотор нуди многу успешна комбинација на репрезентативен изглед, богата опрема, практична кабина и солидни возни карактеристики, како и разумна потрошувачка. Во исто време, нуди и одлична вредност за парите во однос на конкурентите.
Врвна опрема
Рафиниран дизел мотор
Голем број на иновативни решенија
Модерна кабина со одлично ергономија
Адаптивни фарови не се достапни ниту како опција
Третиот ред на седишта е генерално само за деца
4.5