ТЕСТ: Kia Sorento 2.2 CRDi AWD EX Premium 2

Kia Sorento е одличен пример за тоа како еволуираше SUV категоријата во последниве неколку години. Ако првата генерација помогна да се воспостави овој сегмент на почетокот на милениумот, денес на пазарот има повеќе од доволно SUV модели со три реда седишта. Затоа најновата четврта генерација на Sorento доаѓа уште поспособна и технолошки напредна од кога било досега. Од комплетно новата платформа, новиот дизајнерски јазик, новите технологии кои се имплементирани во автомобилот и генерално целосно новиот концепт на Kia, ја прават четвртата генерација на Sorento револуционерна за брендот. Воедно, со овој модел Kia всушност покажува за што се е спремна и што може да очекуваме од другите модели во блиска иднина.

Kia е еден од производителите на автомобили кој наместо постепено да го развива дизајнот на секој модел, преферира да се потпре на порадикална трансформација, што е токму случајот со новиот Sorento. Едноставно заборавете на се што сте знаеле за Sorento до сега, Kia започна не само со нов лист хартија, туку и со цела нова тетратка. Дизајнот е револуционерен, модерен и полн со интересни решенија. Претходната генерација имаше помеки облини и прилично конзервативен дизајн, додека новиот модел користи поизразени форми и поробустен дизајн. На предниот дел до израз доѓа големата решетка, а со неа одлично се спојуваат и фаровите кои користат Full LED технологија. Не само што изгледаат многу кул, туку и одлично го осветлуваат патот навечер. Гледан од страна, најинтересна е масивната структура на каросеријата и дизајнерскиот елемент после задните врати што наликува на „перка“ и кој е позајмен од стилскиот ProCeed модел. Задниот дел на автомобилот е доста субјективен бидејќи мислењата за дизајнот на овој дел се доста поделени. Светлата се вертикално поставени и поделени, а благодарение на тоа автомобилот изгледа поширок. Долниот дел од браникот има хромирани елементи, а на вратата од багажникот е испишано името Sorento. Интересен детал е тоа што бришачот е скриен под спојлерот на покривот. Целокупниот стил изгледа прилично американски и иако верувам дека новиот Sorento ќе има поделени ставови, мене навистина ми се допаѓа неговиот дизајн. Изгледа оригинално и луксузно.

Kia Sorento е релативно голем SUV, има должина од 4810 мм, односно 10 мм повеќе од својот претходник. Меѓуоскиното растојание е зголемено за 35 мм, што е вкупно 2815 мм. Во ширина, има 2170 мм (+10 мм повеќе во споредба со оригиналната генерација) и во висина, каде што е 1700 мм (исто така 10 мм повеќе).

Одиме внатре – и кабината исто така, изгледа малку американски. Формите на контролната табла со масивно рамки на вентилационите отвори се малку комплицирани, но повторно целосно оригинални. Навистина ми се допаѓа необичното амбиентално осветлување на вратата и декорот на контролната табла пред совозачот. Голем чекор напред е направено на завршната обработка и изборот на материјалите во целата кабина. Ова е можеби еден од најдобрите ентериери во класата во која спаѓа новиот Sorento. Сепак, она што најмногу ми се допаѓа во целиот ентериер е фактот дека очигледно навистина се размислувало при дизајнирањето. Ни едно решение не е направено „ради реда“, туку навистина кабината е полна со паметни идеи. Да речеме, централниот панел. Kia не го избегна трендот на поставување големи екрани и контроли на допир. Во исто време, го надополни со конвенционални контроли за избрани елементи со цел поедноставно ракување. Ова важи, на пример, за поставување на температурата на климатизацијата или за контролите за греење на седиштата. На ист начин, сеуште постои традиционалното тркалце за прилагодување на јачината на звукот, а исто така има и одделни копчиња на допир за брз пристап до одредени функции во менито на инфо-забавниот систем. Kia традиционално го дели копчето за мапа и навигација – првото директно ја отвора мапата, додека второто директно отвора мени за пребарување на дестинација. Ако контролите на допир се иднината во автомобилите, нека изгледаат вака!

Ајде малку за екраните – пред возачот е поставен 12.3-инчен дигитален инструмент кластер на кој се прикажуваат сите битни информации околу возењето. Достапни се четири различни графики кои може да се менуваат преку инфо-забавниот екран или едноставно со менување на режимите на возење. Централниот екран е со големина од 10.25-инчи и работи релативно брзо, менито е едноставно и лесно за користење. Двата екрани импресионираат со нивната висока резолуција, а мала замерка имам за сликата од камерата за паркирање, можело да биде малку подобра, особено навечер.

Што се однесува до просторноста во автомобилот, Sorento заслужува голема пофалба. Благодарение на зголеменото меѓуоскино растојание, како и тоа што поради новата платформа, просторот за моторот е минимизиран со цел подобрување на просторноста, кабината е повеќе од доволно широка и на предните и на задните седишта. Задната клупа е лизгачка и може да ја поместувате понапред или поназад, а има навистина многу простор и за нозете и за главата. Не е проблем ни трет патник да се смести на задните седишта. Паметните решенија продолжуваат и на задните седишта, каде што има поставено големи и практични држачи за чаши директно во вратата. Исто така, во возачкото и совозачкото седиште од страната се ставени USB портови за патниците на задниот дел.

Тестираниот модел е опремен и со трет ред седишта, но како и со секој друг модел од оваа класа качувањето на возрасен човек е малку комплицирано. Просторот за главата на овие седишта е доволен, но проблем е просторот за нозете кој е релативно тесен. Третиот ред на седишта би го препорачал само за сместување на деца. Багажниот простор во конфигурација со пет седишта и спуштен трет ред располага со 616 до 812 литри капацитет, во зависност од положбата на вториот ред седишта. А пак во конфигурација со седум седишта, на располагање остануваат 187 литри багажен капацитет. Со целосно спуштени задни седишта се добиваат импресивни 2011 литри капацитет. Просторот е широк и подот е комплетно рамен, а отворањето на багажникот е секако електрично. Но, имам една забелешка, копчето за отворање не се наоѓа на вообичаеното место кај регистарската таблица, туку на долниот раб на капакот на багажникот, во процепот на задниот браник. Не е баш лесно достапно и покрај тоа, оваа област брзо се валка. Ова е единствениот трик за инаку паметно осмислениот Sorento.

На македонскиот пазар, сега за сега, Sorento е достапен само со еден мотор, а тоа е 2.2-литарски CRDi турбо дизел. Моторот е од новoто Smartstream семејство, а се разликува од својот претходник главно по алуминиумскиот блок, кој го замени постојното леано железо, а ова ја намали неговата тежина за 19,5 килограми. Моторот исто така има нови делови за балансирање и нов систем за вбризгување. Важна промена е и новиот 8-степен DCT автоматски менувач со двојна-спојка. Што се однесува до техничките параметри – испорачува 202 коњски сили и 440 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.2 секунди, додека максималната брзина изнесува 205 км/ч. Sorento стандардно е опремен со нов AWD погон на сите четири тркала.

Oва се параметри што се апсолутно доволни за ваков семеен теренец и ги исполнуваат дури и најсложените очекувања. Воопшто нема проблем со динамиката, Sorento забрзува повеќе отколку достоинствено. Најважно е што има одлична флексибилност, моторот не се мачи при мали брзини и влече линеарно. Софистицираноста и генерално одличната звучна изолација, исто така, заслужуваат пофалба. Квалитетот на турбодизелот го поддржува и менувачот. Новиот 8-степен DCT работи совршено непречено во сите околности. Возењето низ градот е без грчеви типични за некои менувачи со двојна спојка. Исто така, има непречено менување на брзините и во спортскиот режим. Вистината е дека финото менување значи дека Sorento не реагира толку агилно како што би очекувале во мануелен режим со рачките зад воланот. Но, навистина тоа и не е важно за ваков тип на автомобил. Важна е потрошувачката и од оваа гледна точка, Sorento нема од што да се жали. Во градски услови на возење измерив просечна потрошувачка од 9 до 9.5 литри, а пак на отворено доколку се придржувате според ограничувањата просечната потрошувачка е 7 литри.

Ваквите големи семејни теренци треба да понудат примарно опуштено и комфорно возење. Новиот Sorento го одржува овој тренд и со тоа првенствено цели кон доста удобно и рафинирано возење. Веќе ја споменав одличната звучна изолација на моторот, а истото важи и за звучната изолација на шасијата. Поради високата и масивна конструкција на автомобилот, реално не може да се избегне бучавата на автопат, но од друга страна, дури и при брзини од 140-150 км/ч аеродинамичната бучава е сосема толеранта. Шасијата што комбинира McPherson предна суспензија и мултилинк задна суспензија, повеќе се потпира на удобноста, па и покрај 19-инчните бандажи на тестираниот модел успева одлични да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини без притоа да има несакани удари и вибрации во кабината. Однесувањето на шасијата не може да се прилагоди бидејќи Sorento не нуди адаптивна суспензија. Возните карактеристики перфектно одговараат на класата во која спаѓа Sorento, во свиоци автомобилот е стабилен, но пак, поради масивноста има понагласено навалување. Достапни се неколку режими на возење – Eco, Normal, Sport и Smart. Спортскиот режим ќе го пробате најверојатно само еднаш и потоа ќе го оставите нормалниот или Smart режимот кој според условите на патот и реакциите сам одлучува во каков режим треба да биде автомобилот. Исто така, достапни се и „terrain“ режими – Snow, Mud и Sand. Овие режими го прилагодуваат моторот, менувачот и контролните единици на AWD погонот според површината под тркалата.

Фактот дека Sorento е повеќе за удобно и релаксирано возење отколку спортско и динамично, докажува и широкиот спектар на системи за помош при возење. Некои од овие системи одговараат на времето, а други ги докажуваат паметните идеи на креаторите. Highway assistant системот кој ги комбинира функциите на адаптивниот темпомат и автоматското одржување на возилото во лента не е ништо невообичаено, но во Sorento може да препознае кога возите по автопат и автоматски да го вклучи. Исто така, кога возите на автопат и кога адаптивниот темпомат е вклучен може да одберете „Auto mode“ кој благодарение на системот за читање на сообраќајни знаци, автоматски ја регулира брзината според поставениот знак, а се што треба да правите вие е да го држите воланот – многу корисна и паметна функција! Друга многу кул и корисна опција која за жал тестираниот модел ја немаше е Blind Spot системот. Под надворешните ретровизори се поставени камери кои се насочени наназад и кога ќе го вклучите трепкачот нивната слика се појавува на дигиталната инструмент табла со што лесно може да видите што се случува позади пред да се престроите во друга лента.

Почетната цена на Kia Sorento 2.2 CRDi AWD EX Premium 1 изнесува 44.500 евра.

Цената на тестираниот модел Kia Sorento 2.2 CRDi AWD EX Premium 2 изнесува 49.950 евра.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia.

ЗАКЛУЧОК
Неколку пати до сега имам кажано дека не сум баш голем фан на големи SUV модели, но новиот Sorento е навистина многу успешен модел. Долго време не сум возел автомобил кој е толку многу паметно дизајниран во внатрешноста. Сите оние паметни решенија го прават Sorento исклучително пријатен придружник, што дополнително се потврдува благодарение на удобното возење. Sorento е „flagship“ моделот во понудата на Kia на европскиот пазар. Ако барате голем семеен теренец со седум седишта, Sorento дефинитивно не треба да недостасува во вашата листа.
Просторна кабина.
Рафиниран и доволно моќен мотор.
Иновативни решенија.
Богата опрема.
Трет ред на седишта исклучиво само за деца.
Многу пијано црни елементи во кабината.
Понагласено навалување во свиоци.
4.5