Прво возење со новата Opel Astra Sports Tourer

Astra е еден од најважните модели на Opel, а од неодамна и официјално започна продажбата на хечбек изведбата. Но Astra е достапна и во уште една изведба, односно Sports Tourer (караван). Од Euroimpex – генералниот увозник за брендот Opel пристигна покана за интернационално тест возење токму за новата генерација на Astra Sports Tourer, која јас со задоволство ја прифатив и бев меѓу првите во светот кој го возеле овој автомобил.

Тест возењето започнува од аеродромот во Франкфурт, Германија. Пристигнуваме во паркинг гаражата и тука се веќе спремни околу 30 модели на Astra ST. На располагање се достапни бензински, дизел и Plug-in хибридни модели. За почеток на патувањето јас одбрав верзија со 1.2-литарски турбо бензински мотор со 130 коњски, 8-степен автоматски менувач и Elegance ниво на опременост. Од аеродромот во Франкфурт се упатуваме кон Риселсхајм, односно фабриката на Opel!

По краткото возење пристигнуваме пред „Adam House“ зградата на Opel, а тука се изложени сите караван верзии на Kadett и Astra. Opel всушност има огромна историја со караван автомобилите. Се започнува со Kadett A Caravan кој е претставен на пазарот во далечната 1962 година и интересно е тоа што автомобилот има три врати, а Opel го нарекува „Car-A-Van“. Следен е Kadett B претставен во 1965 година и овој автомобил добива пет врати и зголемени димензии, после него во 1973 година доаѓа Kadett C кој повторно е во изведба со три врати. Во 1979 година пристигнува Kadett D и ова е првата генерација на Kadett која е достапна со дизел мотор, исто така за караван изведбата биле достапни две верзии, односно со три или пет врати. Следната генерација, Kadett E која е претставена во 1984 година пристигнува со многу нови технолошки решенија и голем избор на мотори и всушност ова е последната генерација која го носи името Kadett. Во 1991 година за прв пат се појавува моделот Astra, кој е замена за Kadett. Оваа генерација со ознака Astra F, ја продолжува традицијата на караван моделите.

Осум години подоцна, поточно во 1999 година пристигнува Astra G – вистински револуционирен модел. Конкретниот автомобил кој беше изложен е многу редок модел, станува збор за врвната OPC спортска верзија на Astra G која користи 2.0-литарски турбо бензинец со 200 коњски сили. Следната генерација со ознака Astra H е далеку помодерна и технолошки напредна од сите претходни генерации. Оваа генерација е заменета во 2009 година со Astra J, која за прв пат го користи Sports Tourer името за караван изведбата. После тоа, во 2015 година пристигнува Astra K и овој модел е заменет после 7 години со најновата Astra L за која ќе зборуваме денес.

Новата шестта генерација на Astra Sports Tourer е многу важен модел за Opel. Според статистиката на брендот, две третини од целата продажба на Astra е всушност Sports Tourer караван верзијата. Исто така, ова е и првата Astra развиена под капата на групацијата Stellantis, што значи дека користи веќе добро позната и проверена платформа (EMP2), како и проверени погонски единици.

Пред да зборуваме за дизајнот и возните карактеристики, ајде накратко за димензиите и најважното за овој автомобил – багажниот простор. Новата Astra Sports Tourer е долга 4,640 мм, широка е 1,860 мм и висока 1,480 мм, на тој начин и покрај тоа што меѓуоскиното растојание е продолжено за 57 мм и изнесува вкупно 2,730 мм, новиот модел е пократок за 60 мм во споредба со претходникот.

Новиот модел може да се пофали и со зголемен багажен капацитет, во стандардна конфигурација на располагање се достапни скоро 600 литри капацитет, доколку се спуштат задните седишта се добива капацитет од 1.634 литри. Plug-in хибридните верзии поради литиум-јонските батерии имаат малку намален капацитет, односно тука на располање се достапни 516 литри, а со спуштени задни седишта се добива 1.553 литри багажен капацитет. Дополнително, сите верзии стандардно се опремени со прекопливи задни седишта во сооднос 40:20:40 и кога се спуштени подот останува комплетно рамен.

Обемот на багажникот е дополнително оптимизиран со „Intelli-Space“ прилагодливиот под. Овој под може лесно да се прилагоди во две различни висини, како и да се фиксира под агол од 45 степени. PHEV верзии добиваат и специјален простор одоздола за складирање на каблите за полнење. Исто така, цел овој систем овозможува брз и директен пристап до комплетот за поправка на гуми и прва помош кои се чуваат во паметни подни прегради. Сместени во задниот дел на таков начин што можете да им пристапите од задните седишта, како и од багажникот, без претходно да треба да го растоварате целиот багаж.

Првата рута на возење ја започнувам со сивата Astra Sports Tourer, односно овој модел е во Elegance ниво на опременост, а во зависност од нивото различен е и надворешниот изглед. Разликата во споредба со претходната генерација е огромна, новата Astra ST има модерен и спортски дизајн, а особено ми се допаѓа тоа што не е претерано со дизајнот и благодарение на едноставноста успева да привлече многу внимание. На предниот дел, Astra го добива и новиот карактеристичен „Opel Vizor“ концепт. Сјајно црната маска се спојува со иновативните и адаптивни „Intelli-Lux“ LED фарови кои имаат вкупно 168 LED елементи, а тука е и испакнатата линија во средината на хаубата. Всушност, до средина на автомобилот, дизајнот е идентичен со хечбеч верзијата на Astra. Разликите започнуваат од задните врати, па се до променетиот заден дел. Гледана во профил, Astra ST изгледа долго, елегентно, а благодарение на линијата на покривот во живо изгледа визуелно пониско од што навистина е. Исто така, за прв пат до сега караван верзијата е достапна и со контрастен покрив во црна боја што дополнително го подобрува елегантниот изглед. На задниот дел, освен LED светлата кои се идентични како и кај хечбек верзијата, се друго е различно. Поради специфичниот дизајн на покривот и тенките хоризонтални светла, задниот дел изгледа доста широко. Во споредба со хечбекот, таблицата кај караван верзијата е преместена во горниот дел, односно на вратата од багажникот, а ова всушност придонесува за неколку предности – вратата може да се направи поголема и прагот за товарање се поместува подолу. На горниот дел се наоѓа спојлер во кој е интегрирано уникатно вертикално поставено трето стоп светло.

Овој модел под хаубата има 1.2-литарски трицилиндарски турбо-бензинец кој испорачува 130 коњски сили 230 Nm вртежен момент. Во конкретниов случај моторот е спарен со 8-степен автоматски менувач, а сето ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 9.9 секунди и максимална брзина од 210 км/ч. Овој мотор веќе многу добро го познавам бидејќи го имам возено во неколку различни автомобили до сега, перформансите се навистина доволни за овој тип на возило и импресионира со својата рафинираност, тивка работа и одлично испорачување на моќноста. Потрошувачката на рутата која ја возев (автопат и меѓу градски пат) изнесуваше околу 6 литри, што е сосема солидна потрошувачка.

Она што е навистина одлично за новата Astra ST, покрај добрата просторност и практичност, е удобноста во возењето и софистицираноста што ја нуди автомобилот. Во кабината е исклучително тивко и значително поудобно отколку што сме навикнати од автомобилите од овој сегмент. Дури и на германските патишта, каде што се вози со брзини од 140-150 км/ч искуството е извонредно. Но ова не е воопшто чудно бидејќи новата Astra е развиена и произведена во Германија, а од Opel ова го нарекуваат „Autobahn-proof“. Со други зборови, од шасијата и управувањето, па се до сопирачките, е прилагодено според специјални тестови на поголеми брзини. Што значи дека ако на големи брзини возните карактеристики се одлични, во нормални услови тие се уште подобри. Покрај ниското ниво на бучава, возењето е невообичаено рафинирано, а сето тоа е благодарение на добрата аеродинамичност, новата Astra ST има коефициент на отпор од 0.276 Cd. Што се однесува до бензинскиот мотор, тој е одлично звучно изолиран и нема пренагласени вибрации, а карактеристичниот звук за трицилиндарските мотори доаѓа до израз само на високи вртежи при поагресивно забрзување. Автомобилите на Opel отсекогаш имале суспензија која е сетирана на потврдата страна и новата Astra не е исклучок од ова правило, но сепак одлично се справува со дупки и нерамнини и во ни еден момент не е неудобно. Тука свој удел имаа и 17-инчните тркала кој според мене се идеални за да се добие добар комфор и добар изглед. Управувањето е прецизно и директно, а шасијата е перфектно избалансирана за да понуди од една страна комфорно возење без премногу навалување и од друга страна безбедно возење во малку подинамични услови.

Пред да се префрлиме во сината Plug-in хибридна Astra ST, да ја разгледаме внатрешноста. Од Opel се одлучиле кабината на новата Astra да ја направат малку различна од другите нови автомобили. Целиот овој концепт, според Opel се нарекува „detox to the max“, односно освежување и детоксификација за возачот. Дизајнот е модерен, но минималистички, дури за денешни стандарди и премногу едноставен, но тоа е добро. Големите екрани се присутни и тука, пред возачот се наоѓа 10-инчна дигитална инструмент табла, а централно е поставен и 10-инчен екран за инфозабавниот систем кој е закривен накај возачот. Овој концепт, во Opel се нарекува Pure Panel и не само што изгледа одлично, туку нуди и добра ергномија. Дополнително, како опција е достапен и Pure Panel Pro кој користи специјално стакло за да нема отсјај и рефлексии на екраните. Она што многу ми се допаѓа и што заслужува огромна пофалба е тоа дека има присуство на физички копчиња за сите важни функции кои се користат секојдневно – браво Opel! Сакате да уклучите клима? Сакате да ја промените температурата? Сакате да уклучите греење на седиште или греење на волан? Сакате брзо да се вратите на „Home“ менито во инфозабавниот систем? – сето ова може да го направите преку физички копчиња со само еден клик, плус воопшто не треба да го тргате поглед од патот. На централната конзола се наоѓа „малиот“ менувач, безжично полнење за вашиот паметен телефон, како и многу места за одлагање на работи. Единствената работа што не ми се допаѓа за ентериерот е преголемата употреба на сјајно црни пластики, едноставно ја има секаде…а тоа е вистински магнет за отпечатоци, прашина и грабнатинки, што значи дека после одредено време нема да изгледа толку убаво.

Новата Astra е опремена со специјалните AGR (Aktion Gesunder Rücken) седишта, Elegance верзијата има седишта од ткаенина, додека во Ultimate верзијата седиштата се комбинација од кожа и алкантара и малку различен профил. И двете се фантастично удобни, едноставно седнувате и веднаш се чувствувате комфорно и убаво. AGR седиштата се силна страна на Opel веќе неколку години, но оваа удобност вреди да се нагласи.

Просторот на задните седишта е добар, но не и импресивен, двајца патници ќе може удобно да се сместат и да имаат доволно простор и за нозете и за главата, но оние со висина поголема од 185 cm може да имаат мал проблем со просторот за главата. Трет патник би можел да се смести, но исклучиво за некои пократки релации. Инаку, патниците позади добиваат и свои отвори за климата, како и USB портови.

Сега на ред за возење е сината Astra ST, која е во највисокото Ultimate ниво на опременост и е придвижувана од Plug-in хибриден погон. Неколку реда погоре споменав дека надворешниот дизајн е различен во однос на нивото, Ultimate верзиите добиваат различен и поспортски преден браник, 18-инчни алуминиумски бандажи (кои се достапни со специјална персонализација), различен заден браник, како и сите хромирани детали тука се во сјајно црна боја, вклучително и логото на Opel напред и назад и буквите Astra на вратата од багажникот.

Plug-in хибридната верзија на Astra ST користи 1.6-литарски четирицилиндарски турбо-бензинец со 150 коњски сили кој работи во комбинација со електромотор од 110 коњски сили и литиум-јонска батерија со капацитет од 12.4 kWh. Вкупната системска моќност изнесува 180 коњски сили и 360 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 км/ч кај оваа верзија трае 7.7 секунди, а максималната брзина изнесува 225 км/ч. Според WLTP тестирањата само на струја може да помине околу 60 километри, што се однесува до потрошувачката, исто во комбинирани услови на возење борд компјутерот покажа просечна потрошувачка од само 4.1 литри. Набрзо ќе биде достапна и помоќна Plug-in хибридна верзија со 225 коњски сили, а Opel и официјално најави дека следната година ќе претстави и целосно електрична верзија на новата Astra.

Перформансите кои ги нуди овој погон се навистина импресивни и најважно од се е тоа што системот многу брзо реагира на секоја ваша команда. Инаку, само на струја Astra може да вози до 135 км/ч. Достапни се три различни режими на возење: Electric – овозможува возење само на струја, Hybrid – во зависност од условите самиот систем одлучува кој погон ќе го користи и Sport – за максимални перформанси. Во Sport режим, дополнително воланот станува за нијанса потврд и попрецизен, како и педалата за гас пореспонзивна. Во однос на возните карактеристики, кај оваа верзија се чувствуваат мали разлики во споредба со верзијата опремена со 1.2-литарскиот бензинец. Главната работа е дополнителната тежина поради батериите и електромоторот, а ова највеќе се чувствува во свиоци при подинамично возење – разликата во тежина е скоро 300 килограми. Исто така, направени се и промени во суспензијата за да може да се избалансираат тие плус килограми, а сето тоа резултира со поцврст сетап на суспензијата, дополнително овој модел имаше и еден број поголеми тркала, односно 18-инчни во споредба со 17-инчните на бензинската верзија. Да, нерамнините на патот се чувствуваат малку повеќе тука, но пак ќе кажам во ни еден момент не е неудобно во кабината. Поцврстиот сетап на суспензијата има и позитивна страна, навалувањето во свиоци е доста поконтролирано и самото управување и тракцијата се подобри.

За жал, немав можност да ја пробам дизел верзијата, но наскоро очекувајте тест на домашен македонски терен за хечбек верзијата на новата Astra опремена токму со дизел мотор.

Традицијата за караван модели од брендот Opel продолжува, а токму новата Astra Sports Tourer додава едно ново поглавје во 160-годишнината на Opel. Шесттата генерација на Astra ги редефинира своите приоритети и изгледа подобро и покомплетно од кога било до сега.

За повеќе информации посетете ја официјалната веб-страна на Opel или некои од продажните салони.

ФОТОГРАФИИ