Со свечено и грандиозно отворање започна со работа новиот продажно-сервисен центар на брендот KIA. Новиот салон се наоѓа на само неколку стотина метри од досегашниот салон на брендот – поточно на ул. Перо Наков бр.25. Новиот објект е изграден по најновите и врвни стандарди на брендот, а атмосферата внатре е навистина импресивна.
Со отворањето на овој нов објект, KIA не само што одговара на најновите стандарди кои се поставени од принципалот, туку покажува дека е и меѓу лидерите на македонскиот пазар во однос на продажба и грижа за своите клиенти. Внатрешниот дизајн на салонот е со модерен и импресивен стил, а изложени се вкупно 10 автомобили. Исто така, новиот салон добива и специјален „delivery room“, посебно место за да се напиете кафе додека чекате вашиот автомобил да заврши со сервис, посебно место со голем број на аксесоари од брендот и неколку други елементи кои го издвојуваат овој салон од другите.
Новиот објект на KIA во Македонија е еден од најголемите продажно-сервисни центри во регионот за овој бренд – и тоа е навистина за пофалба.
Инаку, во моменталната понуда на брендот на нашиот пазар достапни се вкупно 8 модели – Picanto, Stonic, Ceed, ProCeed, XCeed, Sportage, Sorento и EV6. Во новата 2025 година овој бренд ќе претстави многу новитите, па така сегашната понуда ќе биде збогатена со уште неколку интересни модели.



























