Во салонот на Skoda се одржа македонската премиера на целосно електричниот Skoda Enyaq. Првиот електричен SUV на Skoda на многу добар начин ја покажува електричната иднина на брендот. Enyaq е првиот електричен автомобил базиран на MEB платформата наменете исклучива за електрични модели. Овој модел е присутен веќе некое време на пазарот во Европа, а за тоа време стекна навистина голема популарност – доказ за тоа се импресивните бројки од продажбата.
Дизајнот на Enyaq го има оној класичен Skoda стил, но истовремено е и доста различен од другите модели во понудата. Во живо, Enyaq остава навистина импресивен впечаток – особено во оваа црвена металик боја. Дополнително, конкретниот модел од фотографиите е Coupe изведбата на Enyaq која може да се пофали со поспортски и поаеродинамичен изглед. Еден сосема нов елемент за дизајнот на овој електричен модел е предната маска наречена Crystal Face. Маската е засилена со кристален ефект и е осветлена со вкупно 130 LED диоди кои му даваат на автомобилот уникатен светлосен потпис и ги воздигнуваат функциите Coming Home/Leaving Home со оригинални анимации.
Во внатрешноста, Enyaq исто така има малку различен распоред на контролната табла, во споредба со другите модели во понудата на брендот. Пред возачот се наоѓа 5.3 инчни дигитална инструмент табла, а на централната конзола е поставен големиот 13-инчен екран за инфозабавниот систем. Стандардно е опремен со вградена навигација, wireless поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, како и надградба на софтверот „over-the-air“ и посебна мобилна апликација за планирање на полнењето. Head-up дисплеј е достапен како дополнителна опција.
Enyaq е достапен со специјални Design Selection пакети со кои се добиваат различни материјали во внатрешноста, како и целосно различен стил. На располагање се Loft, Lodge, Lounge, Suite и ecoSuite. Секој од овие пакети содржи и различни материјали, како на седиштата, така и на контролната табла. Па благодарение на овој голем избор, секој ќе може да си го најде ентериерот што највеќе му се допаѓа.
Skoda Enyaq има многу стандардни безбедносни карактеристики, вклучително и систем за итно сопирање во присуство на автомобили кои се приближуваат, предупредувања за можни судири со велосипедисти или автомобили при отворање врата, активна помош за избегнување на пречки и девет воздушни перничиња. Исто така, постојат и други најсовремени системи за помош, вклучително и напреден систем за помош при паркирање. Тоа може да се контролира и преку апликацијата Skoda Connect, која става еден куп нови функции и опции за контрола на автомобилот во вашиот мобилен телефон, вклучително и контрола на полнењето.
Во однос на батеријата и погонот, двете изведби на Enyaq се достапни само со една батерија од 82 kWh (77 kWh употребливи). Стандардната 85 верзија е со погон само на задните тркала, додека 85x верзијата доаѓа со погон на сите четири тркала. Моќноста и кај двете верзии е 285 коњски сили и интересно е тоа што и двете изведби (стандардната и Coupe) имаат исто време на забрзување од 0 до 100 км/ч, односно 6.7 секунди или 6.6 секунди за верзијата со погон на сите четири тркала. Максималната брзина е идентична кај сите верзии и изнесува 180 км/ч. Во однос на досегот, благодарение на новата батерија стандардната изведба на Enyaq може да помине до 560 километри, додека Coupe изведбата може да помине преку 570 километри – ова е секако според WLTP мерењата, а дали и во реалност може да помине навистина толку километри со едно полнење ќе дознаеме наскоро кога автомобилот ќе пристигне на тест.
Enyaq и Enyaq Coupe се достапни во вкупно четири нивоа на опременост или по ново „пакети на опрема“, а тоа се Clever, Plus, Advanced и Maxx. Додека како засебна верзија тука е и Sportline верзијата – како автомобилот од фотографиите. Стандардна опрема која се добива во основната верзија е навистина богата и ги вклучува сите оние работи кои се навистина потребни: паркинг сензори напред и назад, задна паркинг камера, автоматски клима уред, LED светла, Front Assist, Lane Assist, темпомат, амбиентално осветлување, 19-инчни алуминиумски тркала и многу друго.
Цените за Enyaq започнуваат од 53.490 евра, односно 55.620 евра за Coupe изведбата.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Skoda.


























