Првиот целосно електричен (BEV) автомобил на брендот, моделот EV6, отсега е достапен и на македонскиот пазар. Вреди да се спомене дека ова не е само „уште еден“ електричен модел, туку EV6 е модел кој отвара едно целосно ново поглавје за брендот.
EV6 е дизајниран според новата филозофија на брендот „Обединети спротивности“, што инспирира од контрастите пронајдени во природата и човештвото. Во центарот на дизајнерската филозофија е новиот визуелен идентитет што предизвикува позитивни сили и природна енергија, со контрастни комбинации на остри стилски елементи и скулпторски форми. Новиот модел може да се пофали со карактеристичен дизајн инспириран од кросовер моделите, поставен на новата електрична модуларна платформа на брендот (E-GMP). EV6 е првиот посветен BEV модел на Kia, под влијание на новата филозофија на дизајнот, што го насочува фокусот на Kia кон електрификација.
Морам да признаам дека во живо EV6 остава многу силен впечаток. Целиот дизајн на надворешноста е динамичен, со острии линии и многу детали, а стилот е многу футуристички. Овој автомобил не може да го помешате со ништо друго на улица, дизајнерите на KIA фантастична си ја завршиле работата тука. Предниот дел е широк, но краток, а внимание привлекуваат големите LED светла со уникатна графика. Профилот е мазен и чист, и од оваа гледна точка може да се види дека станува збор за релативно голем автомобил. Што се однесува до задниот дел, тука главниот збор го имаат задните светла, односно LED лентата која се протега по цел ширина на автомобилот. Дополнително, примерокот кој е пристигнат е во спортското GT-Line ниво на опременост, па затоа спортската нота тука е уште пообемна. На сето ова, кога ќе се додаде и специјалната „Moonscape Grey“ мат боја, EV6 едноставно изгледа многу атрактивно и уникатно.
И внатрешноста добива целосно нов футуристичен и дигитализиран дизајн. Тука доминираат два големи екрани, секој со дијагонала од 12,3 инчи. Тие се поврзани со еден визир, благодарение на што изгледаат кохерентно и естетски. Се разбира, едниот е наменет за возачот, каде што се прикажуваат сите информации околу возењето (достапни се неколку различни прикази) и во средината е инфозабавниот систем. Вториот ќе добие можност за онлајн ажурирање.
Јас лично не сум голем љубител на панели на допир што контролираат голем број на функции. Кај EV6 дизајнерите отидоа чекор понатаму. Се користи адаптивна подлога за допир со две физички копчиња. Така, можеме или да ја контролираме температурата или да ја прилагодиме јачината на звукот на аудио системот. Во пракса, ова не е толку лошо решение, но е далеку од класичните физички копчиња. Централната конзола е добро и паметно направена. Има две нивоа, како и неколку паметни прегради за складирање. На дното имаме две USB порти и огромен простор за мали предмети. На врвот има панел за контрола на загревањето на воланот и седиштата. Ова, се разбира, е исто така целосно тактилно. Интересниот патент е лесен за употреба и има ергономски избирач на насока на движење, опкружен со буквално три копчиња: за паркинг сензори, камери и активирање на системот Auto Hold. До него има место за држачи за чаши, wireless полнач за мобилен телефон и преграда за складирање во потпирачот за рака.
Дополнително, аудио системот Meridian го има своето деби во EV6. Тука има вкупно 14 звучници со технологија за сараунд звук. Во комбинација со акустични прозорци (преден и странични), слушањето музика тука ќе биде вистинска сензација.
Со претставувањето на KIA EV6, дебитираше и најновата платформа за електрични автомобили на брендот. Под ознаката E-GMP, стои платформа со погон на задните тркала (со опција за погон на сите четири тркала). Ова значи пократок преден и заден дел, долго меѓуоскино растојание и значително големи тркала (19 до 21-инчни). Батеријата се наоѓа помеѓу оските, а секој автомобил базиран на оваа платформа ќе има две рамки – напред и назад.
Со EV6 дебитираа и нови електрични мотори. Тие имаат многу поголема брзина на ротација (до 15.000 вртежи). Сепак, прашањето за „traction“ батериите е важно. Вреди да се спомене дека овие не само што имаат 10% поголема густина, туку работат и под многу висок напон.
Да, KIA EV6 е изграден на архитектура од 800V и не станува збор само за 5% дополнителен опсег. Тоа е првенствено способност за брзо надополнување на енергијата. Колку брзо? – Од 0 до 80% за околу 18 минути. Така, околу 5 минути полнење ќе ви овозможи да додадете околу 100 километри досег.
Овој модел има и две интересни карактеристики. Првата е V2V(vehicle to vehicle), т.е. можност за полнење на други автомобили од EV6. Струјата што можеме да ја пренесеме е 3,6 kW на час. Втората функција е V2L (vehicle to load), т.е. автомобилот станува powerbank (многу голем, благо кажано) на кој можеме да поврземе, на пример, лаптоп или надворешно осветлување ако сте некаде во планина.
KIA EV6 е достапна во неколку различни верзии и со различни батерии. Основната верзија (Standard Range) има батерија од 58 kWh, погон само на задните тркала, моќност од 170 коњски сили и досег до 394 километри. Следна е Long Range верзијата која има батерија од 77.4 kWh, погона само на задните тркала, моќност од 229 коњски сили и досег до 528 километри. Со оваа батерија има и верзија со AWD систем, односно погон на сите четири тркала која има вкупна моќност од 325 коњски сили и досег до 506 километри. На врвот на понудата се наоѓа спортската GT верзија која ја користи поголемата батерија, AWD систем и испорачува 585 коњски сили – досегот тука е намален на 400 километри.
Конкретниот примерок кој е пристигнат е Long Range AWD верзијата и благодарение на моќноста од 325 коњски сили и 605 Nm вртежен момент, спринтот од 0 до 100 км/ч го постигнува за 5.2 секунди, додека максималнат брзина е ограничена на 188 км/ч. Цената на изложениот примерок кој има речиси се од дополнителна опрема изнесува 64.950 евра.
За повеќе информации околу новиот EV6 посетете го продажниот салон на KIA или официјалната веб-страна.



























