ТЕСТ: Volkswagen Amarok 3.0 V6 TDI 4Motion Style

Првата генерација на Amarok, и покрај тоа што првично имаше само четирицилиндарски мотори под хаубата, на крајот уживаше огромна популарност меѓу клиентите – меѓу другото, благодарение и на тоа што после некое време брендот одлучи да понуди и шестцилиндарски мотори кај пикап моделот. Сепак, Volkswagen првично воопшто немаше план за комплетно нова генерација на овој модел, па затоа и првата генерација беше на пазарот цели 12 години. Пред една година, конечно беше и официјално претставена оваа нова генерација за која ќе зборуваме денес и која носи многу бројни новитети.

Главната причина зошто имаме пред нас втора генерација на Amarok е соработката која ја склучија брендовите Volkswagen и Ford, која главно – но не само – се однесува на комерцијалните возила. Ford имаат огромно знаење во областа на пикап модели, па не е ни чудно што Volkswagen се одлучи за соработка токму со оваа компанија. Новиот Amarok, ако го оставиме настрана изгледот однадвор и одвнатре, е речиси идентичен со новиот Ford Ranger – шасијата, погонот на сите тркала, менувачот, моторот и така натаму, се исти кај овие два модели. А сето ова носи и голем број на предности (и можеби неколку недостатоци), до кои ќе дојдеме подоцна. 

Целосно новиот Volkswagen Amarok, дизајниран заедно со Ford, отвора ново поглавје во историјата на пикап моделите. Тоа е автомобил како никогаш досега, кој ја подигнува конкуренцијата повисоко отколку што може да очекувате. Толку високо што создава сосема нова класа на пикапи. Новата генерација на Amarok има должина која достигнува 5.350 мм, што значи дека е за 96 мм подолг од моделот што го заменува, висината е зголемена за 54 мм и достигна 1.884 мм, додека меѓуоскиното растојание од 3.270 мм е зголемено за 173 мм. Ова зголемување на димензиите се претвора во повеќе достапен простор, особено во вториот ред на седишта во двојната кабина. Во исто време, настрешниците се намалени, што значи подобрени теренски способности, благодарение на поголемиот пристап (30 степени), аголот на отстапување (26 степени) и аголот на прекршување (21 степени). Растојанието од подлогата кое е 237 мм исто така придонесува за подобрените можности, додека сега Amarok може да помине во вода со длабочина од 800 мм – зголемување од 300 мм.

Во однос на надворешниот дизајн, споредено со претходникот, има значајни промени кои се веднаш видливи, но генерално станува збор за една поголема еволуција отколку вистинска револуција. Предниот дел сега е поробустен, а дизајнерите на Volkswagen се обидоа тоа да го комбинираат со остри линии. Резултатот е модерен и во голема мера елегантен автомобил. Секако, тука помага и декоративната рамка на телото, како и многуте хромирани детали на оваа Style верзија. Покрај тоа, Amarok сега доаѓа и со LED Matrix фарови (секако опционални), што е пријатно изненадување за пикап модел. 

Страничниот дел е во класичен пикап стил, но втората генерација на Amarok е уште поголема и поробустна во споредба со претходникот. Style верзијата стандардно добива 18-инчни бандажи, а кај другите повисоки нивоа достапни се и 21-инчни бандажи – и ова е изненадувачки за пикап модел. Задниот дел, се одликува со врежаниот натпис Amarok на вратата од товарниот простор. Тука се и новите LED задни светла кои придонесуваат за кохерентен и модерен визуелен изглед. 

Одиме внатре – и ова е една од главните разлики во споредба со претходникот. Целиот дизајн на кабината е модерен и реално убав, а сето тоа придонесува да се чувствувате како да седите во некои од SUV моделите на Volkswagen, а не во пикап модел. Да, визуелно кабината се разликува многу со другите модели на брендот и кога ќе седнете зад воланот сфаќате дека голем дел од контролите се превземени од… Ford. Можам да кажам дека внатрешноста е една од најголемите предности на новиот Amarok, барем во однос на удобноста. Се осмелувам да го наречам и  најудобниот европски пикап, како по квалитетот на материјалите во кабината и неговата обработка, така и по звучната изолација и седиштата.

Во кабината може да се најдат и класични физички копчиња за одредени функции, но тие се во мал број и главниот контролен центар е големиот вертикален екран од 12-инчи наменет за инфозабавниот систем. Самиот систем бара одредено привикнување, но ми се допаѓа тоа што работите што често се користат се веднаш достапни и не треба да „шетате“ во подменија за да најдете нешто често се користи. Графиката и респонзивноста се исто така одлични. Пред возачот има уште еден екран на кој се прикажуваат стандардните информации за брзината, вртежите, потрошувачката итн, како и за работата на погонот на сите четири тркала. И овој екрај има висока резолуција, а неговата графика, како и брзината на работа се многу добри. Дополнително, со секое менување на режимот на возење, се добива уникатна анимација за тоа каков режим сте одбрале. 

Интересно е што материјалите што се користат во кабината, иако се малку потврди на допир, визуелно се многу пријатни и добро наместени. Дури и на големи нерамнини, надминати со поголема брзина, ниту еден од елементите не испушташе непријатни звуци. Дополнително, пофалба заслужуваат и многу удобните седишта кои кај тест примерокот се во комбинација од алкантара и кожа. Големината е речиси идеална и имаат доволно странична поддршка за да бидат употребливи во свиоци, да не се досадни при влегување и да направат седиштата да изгледаат добро. 

Пространоста и удобноста е изненадувачки добра и во задниот ред на седишта. Нормално, комфорот не е совршен како во SUV модел, но овој нов модел нуди значително поудобно седење тука, споредено со претходникот. Една од причините за тоа е што потпирачите за грб не се толку исправени под прав агол (што е случај кај секој пикап модел), а тоа овозможува двајца патници со просечна висина сосема удобно да се сместат и да комфорно да патуваат и на подолги релации. Интересно е што се добива и централен потпирач за раце во кој има и држачи за чаши. Каросеријата дава индикација дека овој Amarok е многу повеќе семеен автомобил отколку класичен комерцијален автомобил, особено во оваа Style верзија.

Новиот Volkswagen Amarok е попростран и има многу подобра носивост. Тука повторно ги гледаме ефектите од соработката со Ford. Новиот дизајн на овој автомобил овозможи да се создаде поголем багажник, во кој лесно може да се вклопат две евро палети (попреку). Суспензијата со пружини на задниот дел, овозможи да се зголеми товарот. А тоа се движи од 780 до 1045 килограми. Од друга страна, Amarok може да влече приколка со тежина до 3.500 тони. Па така, слободно може да се каже дека разновидноста на Amarok е јасно зголемена, што ќе се претвори во многу поголема практичност за луѓето кои користат такви автомобили за напорна работа.

Во однос на понудата на мотори, таа останува иста како и порано, а тоа значи дека може да се одбере помеѓу 2.0-литарски TDI и 3.0-литарски TDI мотори. Првиот е исклучиво достапен за основните нивоа на опременост и може да биде спарен со 6-степен мануелен или 10-степен автоматски менувач. Вториот е достапен за повисоките нивоа на опременост од Style па нагоре и е спарен исклучиво со 10-степен автоматски менувач. Сите верзии се стандардно опремени со 4Motion систем, односно погон на сите четири тркала.

Тест примерокот е секако опремен со 3.0-литарскиот V6 TDI мотор кој тука испорачува 240 коњски сили при 3250 вртежи во минута и 600 Nm вртежен момент од 1750 до 2250 вртежи во минута. Преведено во перформанси – забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8.8 секунди и максималната брзина изнесува 180 км/ч. Сосема солидни вредности за пикап модел кој тежи скоро 2.5 тони празен. Динамиката на овој мотор е навистина добра и не се чувствува дека фали уште повеќе моќ (убаво би било да има, но не е дека мора), иако според мене потенцијалот би бил уште поголем доколку не беше 10-степениот автоматски менувач. Вистина е дека менувачот работи непречено и брзо, но сепак има еден проблем – премногу брзини. Како резултат на тоа, наместо да покаже колкава моќ има во една брзина, менувачот постојано менува брзини и се буни. Ако треба накратко да ја опишам динамиката на овој автомобил, тоа би било: добро, нема недостаток на сила, но чувствувате дека моторот се гуши, а сето тоа е поради менувачот кој има непотребно многу брзини.

Што се однесува до потрошувачката, овој погон може да се каже дека е доста економичен. Возејќи го овој автомобил секој ден без да го „штедам“, во градски услови на возење покажа потрошувачка која се движеше околу 12 до 13 литри на 100 изминати километри. Со посмирено возење, на пример, на некои регионални патишта таа може да се спушти и до 9 литри, додека на автопат со брзина од 120-130 км/ч потрошувачката се движи од 10 до 11 литри – големината и не толку аероданимичното тело си го прават своето во оваа ситуација. Сепак, генерално ова се навистина импресивни бројки.

Како работи новиот Amarok на асфалт? Станува збор за пикап модел, па не може да се очекува иста удобност како кај модерните теренци. Забележливо е малку она отскокнување и тресење, но да бидам искрен воопшто не ми пречеше. Како прво, и покрај класичниот дизајн на суспензијата, Amarok добро се справува со нерамнините и не скока како некои други конкурентни модели. Има и многу добро управување, кое нема краток сооднос, но е комуникативен и ви овозможува лесно да го почувствувате автомобилот. Навистина ми се допаѓа и тишината овде. Ова е исклучително добро звучно изолиран автомобил со навистина убава кабина, дури и кога се вози со поголема брзина. Ова сугерира дека долгите патувања нема да бидат проблематични.

Она што е многу важно кај новиот модел е помошниот менувач – елемент кои го имаат повеќето автомобили наменети за вистинско теренско возење. Новиот Amarok во повисоките верзии го усвои овој систем кој покрај класичниот фиксен погон на четири тркала за висока или ниска брзина – а ова не смее да се користи на цврста подлога (асфалт) поради опасност од оштетување на менувачот, исто така, нуди и нов 4А режим.

Погонот на четири тркала ја замени забната спојка со нова спојка со повеќе плочи со променлив степен на компресија, што овозможува различни брзини на поединечните оски. Во режимот 4A, Amarok нуди стандарден погон на задните тркала, но во случај на лизгање на задните тркала, до 50% од погонската сила може да се насочи кон предната оска.

Теоретски, можете да го користите овој 4А режим секојдневно и на сув асфалт. Во пракса, неговата употреба е добра главно на земјен  пат, каде што на прв поглед не е јасно дали површината е доволно флексибилна за да може да се користи 4H режимот. Сепак, ако пред вас има кал или „помек“ пат, посоодветно е веднаш да вклучите 4H режим и да додадете блокирање на задниот диференцијал. Исто така, за ептен тешки теренски услови тука е и 4L режимот. Дополнително на сето ова, новиот Amarok стандардно е опремен и со Drive Mode Control, кој овозможува избор на шест различни програми за возење: Eco, Normal, Mud/Ruts, Sand, Slippery и Load/Trailer. 

Благодарение на сите овие нови системи и режими на возење, втората генерација на Amarok е далеку подобра од својот претходник. Било какви теренски услови не претставуваат никаков проблем за автомобилот, а истовремено во нормални услови на возење на асфалтиран пат тој е исклучително удобен и тивок. 

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена за Volkswagen Amarok 2.0 TDI 4Motion MT изнесува 39.528 евра (со вклучен ддв).

Цената на тестираниот модел Volkswagen Amarok 3.0 V6 TDI 4Motion AT Style изнесува 52.600 (со вклучен ддв).

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volkswagen.

ЗАКЛУЧОК
Новата генерација на Volkswagen Amarok има голем потенцијал за успех со одредена група на клиенти. Ги има најдобрите карактеристики од својот претходник (мотор и удобност), но ги надополнува со многу подобри теренски способности, одличен погон и лесна секојдневна употреба.
Врвен комфор за пикап модел
Моќен V6 мотор
Напреден погон на сите четири тркала
Опрема и цена во однос на конкурентите
Повеќето функции се контролираат преку централниот екран
Мрзелив и угушен 10-степен автоматски менувач
Достапен исклучиво со дупла кабина
4.5