ТЕСТ: Toyota Highlander 2.5 Hybrid Luxury Premium

Toyota, како и многу други производители на автомобили, нуди модели кои се дизајнирани само за одредени пазари. Долги години таков беше и Highlander, овој голем SUV модел се продаваше во Северна Америка, Јапонија и Кина. Но, интересот за овие SUV модели со 7 седишта се повеќе и повеќе расте и во Европа. Па затоа, Toyota одлучи новата четврта генерација на Highlander да ја понуди и на пазарите во Европа. Во време на постојано „затегнување“ на емисиите на штетни гасови, може да биде и изненадување што Toyota лансира скоро пет метарски SUV во Европa, но јапонскиот производител на автомобили oчигледно знае што прави. Благодарение на популарноста на хибридните погони, Toyota може да си дозволи проекти што другите производители на автомобили не би можеле да си дозволат.

Големите SUV модели со седум седишта веќе не се невообичаени во Европа, но Highlander со своите надпросечни димензии за класата јасно става до знаење дека првично е дизајниран за американските „автопатишта“, отколку тесните и мали градски улици во Европа. Highlander е долг 4.966 мм, широк 1.930 мм и висок 1.755 мм, а ова се значително поголеми димензии од конкурентите во оваа класа на возила. Патем, Highlander станува најголемиот модел на Toyota во европската понуда, што дури го надминува и теренецот Land Cruiser што се нуди веќе со години. Но, Higlander нуди еден сосема различен пристап, а тоа е поголема практичност и е повеќе фамилијарно-ориентиран. Додека Land Cruiser е еден од врвните модели кога станува збор за екстремни off-road способности. Покрај тоа, гигантските димензии на Highlander го нагласуваат величествениот израз на автомобилот. На предниот дел се наоѓа голема маска и високо поставени фарови кои воедно стандардно доаѓаат со LED технологија. Иако има доста линии и елементи кои го следат дизајнот на компактниот RAV4, сепак Highlander изгледа некако позрело и полуксузно. Профилот е со едноставни форми, а задниот дел е доста посмирен од предниот. Се на се, надворешниот изглед на Highlander е навистина полн погодок.

Внатрешноста е во класичен и модерен Toyota стил, но има некои детали што даваат до знаење дека ова е американски автомобил. Искористените материјали и нивната завршна обработка е меѓу подобрите во рамките на сегментот, а единствената замерка која ја имам е тоа што некои копчиња изгледаат малку застарено. Ми се допаѓа тоа што кабината има одлична ергономија и сите контроли кои се користат секојдневно се поставени на перфектно место и се јасни за ракување. На централната конзола вниманието го привлекува големиот 12.3-инчен дисплеј за инфо-забавниот систем кој се надополнува со физички ротирачки копчиња. Што се однесува до графиката, добра е, но некои конкурентни модели нудат нијанса подобра графика и поедноставно мени. Системот има една доста интересна карактеристика, истовремено може да прикаже две различни функции. На пример, навигација и контроли за клима-уредот – многу корисна функција бидејќи дури и повисоките возачи тешко ќе го дофатат десниот дел на големиот дисплеј. Интересна е и полицата под дисплејот на инфо-забавниот систем, која што на пример може да служи за оставање на вашиот паметен телефон. Покрај тоа, во потпирачот за раце се наоѓа огромен простор за складирање кој е поделен на два дела, а во горниот дел се наоѓа безжичен полнач за паметен телефон.

Седењето е доста високо, а седиштата се „американско“-широки со што овозможуваат исклучително удобно седење. Поради димензиите на автомобилот, прегледноста кон страните и задниот дел е малку лимитарана, но затоа добивате паркинг камери од 360 степени што го олеснуваат маневрирањето и паркирањето во тесни места. Пред возачот се поставени аналогни инструменти со 7-инчен TFT дисплеј во средина, кој не само што има јасна графика, туку прикажува и различни информации, како што се работата на хибридниот систем и погонот на сите тркала.

Highlander стандардно доаѓа со седум седишта, додека вториот ред на седишта се лизга напред и назад. И покрај респектабилните димензии на автомобилот, мора малку да си „играте“ со вториот ред седишта за да можат седум луѓе да седнат навистина удобно. Меѓутоа, ако ја пронајдете вистинската позиција, ќе видите дека и возрасни луѓе исто така можат да се сместат во третиот ред. Но, секако не за подолги патувања. Што се однесува до багажниот простор, со кренат трет ред на седишта на располагање остануваат 305 литри, по преклопување на третиот ред седишта, багажниот простор ќе се зголеми на 838 литри. А доколку ги спуштите и вториот ред на седишта, се добива капацитет од импресивни 1909 литри.

Во Европа, новиот Higlander е достапен само во форма на Hybrid. Поточно, ова е хибриден систем од најновата четврта генерација, кој во овој случај комбинира 2,5-литарски четирицилиндричен атмосферски бензинец со два електромотори, еден на предната оска и еден на задната оска. Концептуално, ова е истата техника достапна и за помалиот RAV4. Но, во овој случај, бензинскиот мотор располага со 190 коњски сили и 239 Nm вртежен момент. Предниот електромотор располага со 182 коњски сили и 270 Nm вртежен момент, а пак задниот електромотор располага со 55 коњски сили и 121 Nm вртежен момент. Резултатот на сето ова е вкупна системска моќност од 248 коњски сили – да, малку е чудно, но пресметувањето на вкупната системска моќност кај хибридните модели на Toyota е малку различно. Силата се пренесува на сите четири тркала преку e-CVT автоматски менувач.

Навистина нема што повеќе да се додаде за функционирањето на овој систем, бидејќи е веќе добро познат и работата на индивидуалните мотори е непречена и одлична. Предноста на овој систем, конкретно кај Highlander е тоа што има многу добра звучна изолација за моторот со внатрешно согорување. Во нормални услови на возење, работењето на моторот е доста тивко, а онаа неприродна бучава поради CVT менувачот е присутна само при агресивно притискање на педалата за гас. Покрај тоа, понекогаш моторот има неочекувано пријатен звук. Во однос на силата, дефинитивно не треба да очекувате спринтер. На крајот на краиштата, хибридниот систем мора да се справи со автомобил кој има тежина поголема од два тона. Сепак, Highlander е прилично кул за својот карактер, така што динамиката која ја нуди е всушност навистина доволна. Во одредени ситуации ќе обезбеди и повеќе од доволна динамика, што исто така обезбедува претекнување без проблеми, а може да ги изострите реакциите со вклучување на Sport режимот. Додека Trail режимот го прилагодува однесувањето на погонот на сите четири тркала. Сега сигурно си мислите, ваков огромен автомобил сигурно и многу троши, но не е така. Во градски услови на возење измерив просечна потрошувачка од 8.5 до 9 литри на 100 изминати километри, додека на отворен пат потрошувачката се движи околу 10 литри.

Генерално, бев пријатно изненаден од возните карактеристики на автомобилот. Highlander не е толку незгоден зад управувачот како што очекував. Секако, тежината и големите димензии се видливи, но не ги чувствувате премногу зад управувачот. Сепак, како и со секој друг модел од оваа класа ќе треба да бидете повеќе претпазливи во некои тесни улици и ќе треба да барате некое специјално место бидејќи не секаде го собира автомобилот. Highlander има големи бенефиции од употребата на модуларната TNGA платформа, која е развиена од самиот почеток за да обезбеди најдобри можни возни карактеристики. Во овој случај, станува збор за GA-K платформата која е дизајнирана за поголемите модели на Toyota, како што се RAV4, Camry и Highlander. Шасијата е цврста, но претежно во добар интерес. Суспензијата одлично ги филтрира дупките и нерамнините на патот, а внатре во кабината е комфорно и без премногу вибрации. Од друга страна, навалувањето во свиоци е присутно, но не онолку колку што би се очекувало од автомобил со оваа големина. Управувачот е прецизен и директен, единствено фалат малку повеќе повратни информации од подлогата. Highlander е исклучително стабилен, но далеку од тоа дека ќе може да уживате во некое подинамично возење, а реално ваков автомобил не се купува за такво возење. Главните квалитети на Highlander ги добивате на автопат, всушност ова е автомобил кој е дизајниран да поминува стотитици, па и илјадници километри на автопат. Во овие услови, сите патници во автомобилот ќе уживаат во беспрекорна рафинираност и удобност.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Toyota Highlander 2.5 Hybrid Executive изнесува 55.990 евра.

Цената на тестираниот модел Toyota Highlander 2.5 Hybrid Luxury Premium, кој е во највисокото достапно ниво на опременост изнесува 66.990 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota Авто-центар.

ЗАКЛУЧОК
Ваквите големи SUV модели со седум седишта, во последно време стануваат многу популарни и на Европскиот пазар, а Highlander докажува дека Toyota има огромно искуство со вакви автомобили. Highlander е удобен, нуди екстремно многу простор во кабината и благодарение на хибридниот систем може да се пофали и со ниска потрошувачка.
Екстремно многу простор во кабината.
Комфорно и рафинирано возење.
Богата опременост.
Ниска потрошувачка.
Понагласена бучава при агресивно забрзување.
Така-така инфо-забавен систем.
Достапен е само еден погон.
4.5