Во последнава година на тест пристигнуваат се повеќе и повеќе кинески автомобили и секој таков автомобил генерално успева доста позитивно да изненади. Да, пред неколку години сите „се смеевме“ на кинеските автомобили и ги гледавме со одредена резерва, но денес работите се од корен променети. Јаката страна на кинеските производители е тоа што навистина многу брзо учат и се развиваат. На македонскиот пазар се присутни веќе голем број на кинески брендови и сите тие имаат навистина добар успех, а главната причина за тоа е прифатливата цена и односот на вложено-добиено.
Денес ќе зборуваме за најновата трета генерација на Haval H6, ова е прв пат да седнам зад воланот на модел од брендот Haval, а и општо модел кој доаѓа од Great Wall Motors. За оние кои не се толку запознаени – Haval е подбренд на гигантот Great Wall Motors кои во својата понуда нуди искличиво SUV и crossover модели. Конкретно моделот H6 постои од 2011 година кога беше и претставена првата генерација, во 2017 година се појави втората генерација која беше драстично подобрено во секој поглед. Сега, ја имаме и најновата трета генерација која премиерно беше претставена во 2020 година.
Третата генерација на Haval H6 доаѓа со навистина огромни промени што сега го прават овој автомобил многу, многу сериозен играч и за европските конкуренти. Освен целосно новата Lemon платформа, новиот H6 има подобрен и помодерен надворешен дизајн, импресивна внатрешност според најновите стандардни и е опремен со сите најнови технологии. Новиот Haval H6 е долг 4653 мм, широк 1886 мм, висок 1724 мм и има меѓуоскино растојание од 2738 мм.
Да почнеме со надворешниот дизајн, веднаш е јасно дека дизајнерите на Haval H6 воопшто не сакале да експериментираат со дизајнот и оделе на „сигурна карта“. Дополнително, она што вреди да се напомене е дека главниот дизајнер на овој автомобил е Фил Симонс – поранешен дизајнер во Land Rover. Целокупниот дизајн е модерен, но истовремено и доста „обичен“ без никакви непотребни елементи што ќе бодат очи. А според мене ова е добра тактика, H6 е автомобил кој се нуди на голем број различни пазари и треба да им се допадне на доста широка таргет група и затоа мислам дека е направен одличен комприс. Генерално гледано, автомобилот изгледа убаво и пристојно и воопшто не може да се каже дека не е убав. На предниот дел вниманието веднаш оди кон огромната хромирана маска – во средината гордо стои логото на Haval. Фарови се тенки и одлично се вклопуваат со предницата, а воедно стандардно се добиваат Bi-LED фарови кои одлично го осветлуваат патот кога ќе се стемни.
Профилот на H6 е во најкласичен SUV стил со мазен и целосно чист дизајн. Ми се допаѓаат и големите 19-инчни тркала (стандардни) и тоа што доаѓаат во еднобојна конфигурација. Во денешно време ретки се автомобилите кои имаат класични бандажи во сребрена боја и не се двобојни со diamond-cut ефект. Убав додаток се и хромираните елементи околу прозорците и на праговите. Задниот дел делува доста импресивно и на некој начин луксузно (особено навечер), благодарение на задните светла кои се споени со светлечка лента. Инаку и тука стандардно се добиваат светла кои се со LED технологија. Би рекол дека токму задниот дел е и најубавиот дел од целиот автомобил. Она што малку не ми се допаѓа е големиот број на ознаки кои се поставени на вратата од багажникот. Под светлата се поставени големи букви со името Haval, на левата страна е испишано името на моделот и под него се наоѓа ознаката 4WD, додека на десната страна стои логото GWM. За вкусови дефинитвно не се дискутира, но неизбежен е фактот дека и покрај едноставниот дизајн на H6, ова е автомобил кој изгледа културно и кој нема да застари и после долги години.
Одиме внатре, и на прв поглед токму внатрешноста остава најимпресивен впечаток за автомобилот. Огромниот напредок на Haval се гледа токму тука. Целата кабина е модерна, дигитализирана и „убава на око“. Ми се допаѓа тоа што конкретно кај тестираниот примерок присутни се елементи во неколку различни бои, па кабината не изгледа воошто здодевно. Главните елементи се секако во црна боја, но дел од контролната табла е во крем боја, а дополнително низ целата кабина присутни се декоративни елементи во златно-бронзена боја кои реално гледано нема да бидат по сечиј вкус. Но браво за храброста и идејата да се понуди нешто поразлични и интересно. Во однос на материјалите, и за тоа Haval заслужува пофалба. Голем дел од местата кои се пред вас и кои често се допираат се обложени со меки и квалитетни материјали, а посебно внимание е посветено и целокупната завршна обработка. Да, на одредени места присутни се потврди и погруби пластики, но таа работа е неизбежна.
Седиштата се обложени во кожа – исто така вклучени во стандардната опрема и доаѓаат со греење и вентилација. Лесно се наоѓа и идеална возачка позиција, а благодарение на комфорот кој го нудат седиштата долгите патувања не претставуваат никаков проблем. Пред возачот е поставена дигитална инструмент табла од 10.25-инчи која нуди избор на неколку прикази, а дополнително одредени елементи може да се конфигурираат по ваша желба. Графиката е одлична и сите информации се јасно прикажани, дури и на директна светлина читливоста е на високо ниво. Стандардно се добива и голем 10-инчен head-up дисплеј – да, стандардната опрема кај Haval H6 е доста голема.
На централниот дел се наоѓа инфозабавниот систем со екран од 12.3-инчи преку кој се контролираат речиси сите функционалности на автомобилот – мултимедијата, клима уредот и системите за помош на возачот. Екранот има одлична графика, додека системот е малку чуден и бара одредено привикнување за тоа која функција каде се наоѓа. Системот поддржува и поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto (за ова ќе ви биде потребен кабел), но во текот на тестирањето пробав неколку пати да го поврзам телефонот и секогаш беше неуспешно. Дополнително на ова, малку ме разочара и тоа што кога ќе го поврзете телефонот преку bluetooth, на екранот не се појавува ништо и не може ни да видите која песна е пуштена во моментот, ниту пак да смените песна…Исто така, физички копчиња целосно недостасуваат, па на крајот што и да сакате да правите мора преку централниот екран. Општ впечаток е дека би можело да се направи малку поинтуитивно.
Покрај тоа, просторноста во целата кабина е на доста завидно ниво, на предните седишта има повеќе од доволно простор, а има и голем број на места за одлагање на различни работи. На централната конзола има еден отворен простор наменет за мобилен телефон, до тркалцето од менувачот има уште помал простор кој може да се затвори и под централната конзола има уште еден голем простор каде што дополнително се поставени и USB приклучок и 12-волтен прикличок. Мала замерка и за конзолата која е прекриена во пијано црна пластика и која е вистински магнет за гребаници и отпечатоци.
Се префрлуваме на задните седишта и тука има „колку сакате“ простор, дури и патниците со надпросечна висина лесно и комфорно ќе може да се сместат тука. По потреба може да се смести и трет патник, но не за некои подолги патувања бидејќи седиштето во средина е кратко и не толку удобно. Патниците кои ќе седат тука добиваат и свои отвори за климата, USB приклучоци, како и греење на двете странични седишта. За свежината во кабината придонесува и големиот панорамски сончев покрив – исто така вклучен во стандардната опрема.
Багажникот во стандардна конфигурација нуди капацитет од импресивни 600 литри, а доколку ги спуштите задните седишта се добива капацитет од 1485 литри. Вратата е навистина голема и тоа придонесува за лесно ставање и вадење на големи и тешки предмети, дополнително подот е речиси рамен со браникот, а целиот простор е во правилна коцкаста форма.
Во однос на погонската понуда, новиот Haval H6 е достапен исклучиво со еден мотор – станува збор за 2.0-литарски турбо-бензинец кој стандардно е спарен со 7-степен DCT автоматски менувач. Вкупната моќност на овој мотор е 204 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 320 Nm вртежен момент достапен од 2000 до 3200 вртежи во минута. Во конкретниот случај силата се испорачува на сите четири тркала (достапна е и верзија со погон само на предните тркала), а ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 9.9 секунди и максимална брзина од рамно 200 км/ч. Во однос на перформансите, не може да се очекува ништо спектакуларно, но моторот сосема пристојно и убаво го забрзува 1710 килограми тешкиот SUV.
Со оглед на намената на овој автомобил, моторот одлично си ја завршува работата, дури и во ситуации при подинамично возење и во ниту еден момент не се добива чувство дека недостасува повеќе моќ. Единствената замерка која ја имам за погонската единица е тоа што при повисоки вртежи моторот е исклучително гласен и внатре во кабината се присутни значителни вибрации. Во однос на менувачот, одлично си ја врши својата работа и нема премногу „сецкања“ познати за менувачите со двојна-спојка, но не барајте никакви брзи реакции од менувачот, дури и во мануелен режим му треба доста време за да ја прими вашата команда. Каква е потрошувачката? – кога ќе се земе во предвид големината и тежината на автомобилот и кога ќе се додаде мотор од 2.0-литри не може да се очекува кој знае каква економичност. Во градски услови на возење измерив потрошувачка која се движеше од 12 до 13 литри, едноцифрена бројка во град под ни еден услов нема да видите на борд компјутерот. На автопат со брзина според сообраќајните знаци, Haval H6 во просек троши околу 10 литри, додека во некоја комбинација од меѓународен пат со автопат може да се намали до 9 литри. Доколку оваа потрошувачка ви е голема и возите многу километри годишно, Толту – импортерот за Haval во Македонија нуди опција за вградување на плински уред која чини 1.200 евра.
И за крај, каков е Haval H6 зад воланот? – едноставно кажано токму онаков каков и што би се очекувало од еден голем фамилијарен SUV. Главниот фокус е ставен на тоа да понуди што е можно покомфорно и порафинирано возење, но истовремено нуди и одличен баланс помеѓу удобност и стабилност. Суспензијата успева убаво да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини од нашите патишта и притоа да нема несакани вибрации во кабината. Воланот е лесен за маневрирање, но не очекувајте никакви повратни информации од подлогата. Во градски услови пофалба заслужува и добрата прегледност благодарение на големите стаклени површини, како и камерите од 360 степени кои го олеснуваат паркирањето во тесни места. Haval H6 нуди вкупно шест режими на возење, стандардните Eco, Normal и Sport – како и дополнителни три режими за off-road во однос на подлогата, Snow, Gravel и Terrain. Во спортскиот режим, воланот е дополнително затегнат, педалата за гас реагира без одлагање, а менувачот побрзо ги менува степените дури и при повисоки вртежи. При подинамично возење H6 сосема пристојно се снаоѓа, но присутно е понагласено навалување во свиоци, како и подуправување. Овој начин на возење воопшто не му прилега и тоа сосема нормално, не треба да биде спортски SUV, туку пријатен и комфорен SUV. При возење со поголеми брзини на автопат имам замерка за звучната изолација, во кабината е присутна бучава главно од моторот, како и од ретровизорите и тракала.
За теренските предизвици, Haval H6 се потпира на 4X4 системот од петтата генерација со Haldex спојка развиена од BorgWarner. Системот прецизно и брзо го распределува вртежниот момент помеѓу предните и задните тркала, а може да достигне и сооднос од 50:50. 4X4 системот ги менува поставките во зависност од избраниот off-road режим. Дополнително, новиот Haval H6 има ниво на автономија 2+, што значи дека може сам да забрзува, успорува, запира и тргнува, во зависност од однесувањето на автомобилот напред. Не е проблем автомобилот сам да ги следи и кривините на патот. Системите за асистенција се потпираат на 14 радари и 5 камери, а има и систем кој го предупредува возачот во случај на судир и може самостојно да иницира сопирање доколку нема реакција.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена за Haval H6 Supreme 2.0 GDIT DCT 2WD изнесува 37.000 евра.
Цената на тестираниот модел Haval H6 Supreme 2.0 GDIT DCT 4WD изнесува 39.300 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Толту Моторс.