ТЕСТ: Ford Mustang Mach-E Extended Range AWD 98.7 kWh

Кога првпат се појавија гласини дека првиот модерен електричен автомобил на Ford ќе се вика Mustang, многумина тоа го сфатија како лоша шега. Неверојатно звучеше идејата дека името на еден од главните икони во сегментот на „muscle cars“ автомобили ќе се поврзе со електрификацијата на синиот овал. Но, Ford не се шегуваше и всушност вистински го нарече својот електричен SUV, Mustang Mach-E. И од чиста маркетиншка гледна точка, одлично функционираше.

За новиот електричен автомобил на Ford насекаде се пишуваше при крајот на 2019 година, кога и автомобилот беше официјално претставен. Често се работеше за контроверзни теми, како што е петицијата против името Mustang во ознаката на новиот електричен автомобил, но негативното рекламирање – е и добро рекламирање. Да бидеме реални, тој маркетинг трик со името Mustang и денес добро функционира. 

Брендот Mustang отиде во малку неочекуван правец. По децении моќни купеа и кабриолет, ненадејно беше претставен семеен теренец со електричен погон. Стилското електрично SUV-купе привлекува внимание и нема негирање на таа работа. Можеби покренува малку нереални очекувања, но штом ќе го заборавите „Mustang“ во името, ова е изненадувачки добар електричен автомобил. Кога ќе се размисли малку поубаво и „подлабоко“, со овој модел Ford таргетира една сосема нова група на клиенти. Да не заборавите, оригиналниот Mustang е сеуште во понудата и тоа оваа година беше претставена новата седма генерација – и да 5.0-литарскиот V8 е се уште достапен. 

Mustang Mach-E е поставен на целосно нова GE2 платформа, наменете исклучиво за електрични модели. Барањето на технички врски со оригиналниот Mustang тука е залудно, но во однос на дизајнот, електричниот SUV е „прав“ Mustang. Погледнете ги само мускулестите страни, издолжената хауба со нагласени линии, издолжените фарови, робусната затворена маска или задните светла со иконскиот светлосен потпис кој можеби најмногу од сè се однесува на оригиналниот Mustang. Интересно е и тоа што кај овој автомобил нема да најдете ниту едно „Ford“ лого, ниту на надворешноста ниту во внатрешноста, туку наместо тоа поставено е добро познатото лого со коњ. Ова е уште еден доказ за тоа дека Ford го гледа Mustang како засебен бренд. 

Вреди да се обрне внимание и на профилот, каде Mustang Mach-e импресионира со својата неочекувано елегантна силуета на купе, поточно повисоко SUV-купе. Воедно, профилот е дело на мала оптичка илузија, каде дизајнерите обоиле дел од покривот во црна боја (вклучувајќи го и спојлерот на петтата врата), додека страничните крила се обоени во бојата на автомобилот и на тој начин привлекува поголемо внимание и генерално дава поинтересна слика за автомобилот. При еден поблизок поглед на профилот, се издвојува уште еден детал. Како што веројатно забележавте, Mustang Mach-e нема класични рачки за вратите. Наместо тоа, има копче од надворешната страна на сите врати што кога ќе се притисне, малку ја подотвора вратата и овозможува да ја отвориме целосно. Мало пластично испакнување помага на предните врати, во задниот дел треба да ги ставите прстите зад работ на вратата за да може целосно да ја отворите. 

Тестираниот примерок е всушност најскапата и најопремена верзија веднаш под врвната GT верзија. За атрактивниот изглед помага и опционалната „Lucid Red“ боја, како и стандардните 19-инчни алуминиумски бандажи во Diamond Cut изведба. Mustang Mach-E е автомобил кој сè уште привлекува големо внимание и љубопитни погледи. Љубителите на автомобили се запознаени со него и често знаат понеколку информации за него, но има и прашања од типот „од кога прават електричен Mustang?“. Накратко, светлата, логоата и мускулестиот дизајн си го прават своето и веднаш е јасно за каков автомобил станува збор.

Внатрешноста на Mustang Mach-E го имплементира новиот и модерен стил – и има комплетно различен распоред во споредба со другите нови модели на брендот. Јас сум голем фан на актуелниот концепт на кабината на повеќето нови модели на Ford, од возачка позиција се чувствувам пријатно опкружен со автомобилот, повеќето од контролите се на повидок и се е лесно на дофат. Но, кај Mustang Mach-E се е некако различно. Откако ќе седнете зад воланот, ќе ве погоди многу популарниот минимализам во внатрешноста, на кој се обложуваат се повеќе нови автомобили. А особено електричните автомобили. Во случајот со Mach-E, тоа значи мала дигитална табла со инструменти зад воланот, ОГРОМЕН екран за инфозабавниот систем во контролната табла, тркалце за менувачот и неколку копчиња на потпирачот за раце и тоа е тоа отприлика. 

Од друга страна, кабината има прилично премиум впечаток според стандардите на Ford. Нема недостиг на мека пластика, висококвалитетен тапацир, ефективно шиење, стилски декор со карбон ефект или паметно користење на просторот – од многу пространата централна конзола до премиум B&O аудио системот со моќност од 560 W во контролната табла. А тестираниот примерок е опремен и со активен асистент за паркирање, камера од 360 степени и голем панорамски покрив. Но, за покривот имам една замерка – тој е постојано отворен и нема никаква ролетна за да се затвори, а на вакви пеколни температури и покрај тоа што има темна фолија за заштита од UV зраци, повторно се чувствува како сонцето ве „пече“ на раце и на глава. 

Во однос на практичноста, кабината е полна со места за одлагање на нај различни работи. Предните седишта се удобни и конкретно тука се обложени во кажа и се електрично прилагодливи во осум правци, а има и меморија. Сепак, нивниот забележлив недостаток, особено за автомобил што го носи името Mustang, е отсуството на значителна странична поддршка. Во свиоци, цело тело ви шета лево-десно, а тоа знае да биде малку неубаво во одредени ситуации. Погледот кон напред е импресивен благодарение на големото предно стакло и издолжената хауба, но погледот кон задниот дел е ограничен поради помалиот прозорец и купеовскиот покрив – некакви компромиси мора да се направат. 

Малиот дисплеј за таблата со инструменти кој е поставен пред возачот всушност нуди само основни информации и не е достапна голема конфигурација, но сето тоа го прави поелегантно отколку кај некои други конкурентни модели. Покрај тоа, на Mach-E му недостига head-up дисплеј. Според некои шпекулации, Ford сметал дека head-up дисплејот е непотребен со оглед на локацијата на таблата со инструменти, која речиси секогаш е совршено видлива без оглед на поставките на воланот или седиштето. И кога убаво ќе се размисли, ова има смисла, тука навистина не е потребен head-up дисплеј бидејќи овој концепт на инструмент табла не го одвлекува толку многу вниманието. 

А кога веќе зборуваме за одвлекување на внимание во возење, не можам а да не го спомнам огромниот 15.5-инчен дисплеј за SYNC 4A инфозабавниот систем. Иако има висока резолуција, добра графика, брзи одговори, релативно едноставно мени, поддршка за безжичен Apple CarPlay и стилска ротациона контрола во долниот дел, не ми се допаѓа тоа што Ford ги има интегрирано буквално сите функции во него. За да смените режим на возење треба да направите неколку кликови за да стигнете до тоа мени, исто така и за функциите на клима уредот иако има кратенки во долниот дел пак е многу покомплицирано отколку да има класични физички копчиња. На нерамен пат, прилагодувањето на температурата е малку наплив на адреналин. Покрај тоа, во долниот дел на дисплејот нема на што да ја потпрете раката, што малку го отежнува целото ракување. Ако Ford поставеше засебни копчиња за клима уредот, како и за избирање на режим на возење, веројатно немаше да имам ни најмал проблем со овој дисплеј, иако веднаш е очигледно дека инспирицијата за ова е земена од Tesla…

Минималистичкиот концепт на ентериерот ја истакнува навистина импресивната просторност и напред и назад. Автомобилот е долг 4.743 мм и има меѓуоскино растојание од 2.984 мм, па не е ни чудо што дури и повисоките патници ќе имаат солиден простор на задните седишта. Благодарение на рамниот под и релативно широката кабина, може да се каже дека дури и тројца патници ќе бидат убаво сместени во задниот дел.

Багажниот простор нуди стандарден волумен од 402 литри, односно 1420 литри по преклопување на задните седишта. Тоа не се лоши вредности, но секако не се ниту блескави, бидејќи некои конкуренти нудат и многу повеќе од тоа. Но, кај Mach-E достапно е двојно дно и по преклопувањето на седиштата, подот останува комплетно рамен. Бонусот во споредба со конкурентите тука е таканаречениот „frunk“, односно предниот багажен простор. Ford го искористи и овој простор и тука капацитетот за складирање изнесува 80 литри. Сепак, просторот е првенствено наменет за складирање на кабли за полнење, за да не зафаќаат простор во главниот багажен простор и на тој начин се секогаш брзо при рака. Покрај тоа, „frunk“ е опремен со убав организатор и интересна специјалност е присуството на таканареченото „escape button“, кое американските автомобили мора да го имаат во багажникот. Но, тешко е да се замисли кого киднаперите би можеле да затворат тука…

Mustang Mach-E е достапен во неколку различни верзии – со заден погон или со погон на сите четири тркала, како и неколку различни големини на батерии. Основната Standard Range верзија има заден погон, батерија од 75.7 kWh, моќност од 269 коњски сили и досег до 440 километри – тука исто така може да одберете и погон на сите четири тркала, а досегот се намалува на 400 километри. Следна е Extended Range верзијата со заден погон, батерија од 98.7 kWh, моќност од 294 коњски сили и досег до 610 километри. Тука исто така може да одберете погон на сите четири тркала и оваа верзија нуди зголемена моќност од 351 коњски сили и досег до 540 километри. На врвот на понудата е спортската GT верзија која ја користи истата батерија од 98.7 kWh, стандардно е опремена со погон на сите тркала, испорачува 487 коњски сили и нуди досег до 500 километри. 

Тестираниот примерок е Extended Range AWD верзијата која нуди 351 коњски сили и 580 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 5.8 секунди што секако не е воопшто лошо за електричен SUV со тежина од 2.322 килограми. Но, уште поимпресивно е меѓузабрзувањето и со секое притискање на педелата за гас сте забиени во седиштето. Максималната брзина тука е електронски ограничена на 180 км/ч. Ford официјално никаде не разговара подетално за параметрите на електромоторите или за распределбата на силата меѓу оските, но според некои информации би требало да има синхрон електромотор со фиксни магнети на двете оски, а контролната единица ја одредува распределбата на моќноста по потреба. Исто така, верзијата со AWD погон најверојатно е во сооднос од 30:70 во корист на задната оска. Распределбата на вртежниот момент потоа може променливо да се менува, при што електричните мотори, за разлика од класичните автомобили со мотори со внатрешно согорување и погон на сите тркала, можат да користат 100 проценти од вртежниот момент на двете оски. Но, очигледно Mach-E секогаш ги вклучува двата електрични мотори, така што никогаш не може да има поделба од 100:0 во корист на една од оските. Дополнително, при возење во пракса веднаш е јасно дека Mach-E AWD првенствено испраќа повеќе вртежен момент на задната оска, со што се обидува да создаде впечаток на спортски автомобил.

Оваа верзија на Mustang Mach-E ја има и најголемата достапна батерија со капацитет од 98.7 kWh (88 kWh нето) и според официјалните бројки со полна батерија може да помине до 540 километри. Како и со секој друг електричен автомобил, реалниот досег е малку различен од официјалниот. Но, тука разлика и не е толку голема, во градски услови на возење (доколку не се опуштате премногу со десната нога), може да се поминат реални 450 километри. Ако бидете и малку повнимателни и ако надворешната температура е во нормала 500 километри досег со едно полнење не е недостижно. Во однос на полнењето, Mustang Mach-E поддржува DC брзо полнење со моќност до 150 kW, таквите полначи се се уште реткост во нашата држава, но на таков полнач потребни се само 45 минути за батеријата да се наполни од 10 до 80 проценти. На стандарден AC полнач од 22 kW, потребни се 9 часа и 30 минути за да се наполни од 0 до 100 проценти. 

Уште пред претставувањето на Mustang Mach-e на европските пазари, Ford објави дека шасијата на овој автомобил е подесена конкретно според барањата на европските клиенти. Она што е веднаш приметливо е тоа дека шасијата и сусензијата се малку „потврдо“ подесени во однос на некои други модели од оваа класа, но тоа е и поентата тука – сепак во името на моделот го има зборот Mustang, а тоа значи нешто спортско. Поцврстата шасија во комбинација со нискиот центар на гравитација, слично на повеќето електрични автомобили, значи минимално навалување на каросеријата во свиоци, но сепак чувството дека возите навистина тежок автомобил е доста присутно. На поголеми нерамнини, кои особено се присутни на улиците во Скопје, Mach-e одржуваше релативно пристојно ниво на удобност и добро амортизираната внатрешност не беше погодена од големи нерамнини, но шасијата во такви услови изгледаше малку немирно. Динамичните возни карактеристики и „бркањето“ на свиоци не дека е непријатно тука, но на крај на денот тежината си го прави своето и тие карактеристики не се баш најдобрите страни на овој автомобил.

Она што е добра страна тука е патувањето на подолги релации, интелигентниот темпомат, односно во основа полуавтономниот асистент за возење, може да ги следи линиите на патот и да одржува права линија, како и да ја прилагодува брзината на возење според сообраќајот пред вас. За пофалба е и звучната изолација, во кабината има минимална бучава која воопшто не пречи за да може да патувате рафинирано и тивко. Во градскиот метеж, Mustang Mach-E одлично се снаоѓа и покрај погабаритните димензии. Високата седечка позиција овозможува добра прегледност кон предниот дел и страничните делови, додека назад поради купеовската форма прегледноста е доста лоша. Затоа тука се паркинг сензорите и камерите од 360 степени кои го олеснуваат маневрирањето во тесните места. Сопирачките имаат солидни перформанси, но треба малку да се навикнете на нивната доза – регенерацијата кај Mach-E се случува кога педалата ќе ја притиснете „лесно“, кога ќе притиснете малку посилно, оваа голема маса на метал и батерии може изненадувачки брзо да запре. Решението за ова може да биде да се потпрете на автоматска регенрација, која се менува со секој од режимите режимите на возење или со One Pedal Drive функцијата. 

Кога ќе се активира оваа функција, сè што ви треба за да го контролирате Mach-E е во основа само педалата за гас, кога ќе ја отпуштите, автомобилот автоматски ќе закочи додека целосно не запре. Лично, не сум голем обожавател на оваа функција, бидејќи прави да се чувстувате малку неудобно, но можев да се навикнам изненадувачки брзо со Mach-E.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Цената на тестираниот модел Ford Mustang Mach-E Extended Range AWD 98.7 kWh изнесува 89.000 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот центар на Гранд Ауто. 

ЗАКЛУЧОК
Немав многу големи очекувања од Ford Mustang Mach-E, но на крајот го вратив автомобилот со изненадувачки позитивни впечатоци. Штом го заборавив зборот Mustang во името, одеднаш престанав да го гледам толку критички. Mach-E изгледа добро и атрактивно, има пространа внатрешност, многу солидна потрошувачка и е пријатен придружник на патот.
Препознатлив и привлечен дизајн
Препознатлив и привлечен дизајн
Пространост
Солиден реален опсег со полна батерија
Mustang во името
Панорамскиот покрив не може да се затвори
Екранот за инфозабавниот систем одвлекува внимание
Лимитирана прегледност кон задниот дел
4