ТЕСТ: Alfa Romeo Tonale 1.5 Hybrid 130 DCT Edizione Speciale

Ако сте производител на автомобили и во денешно време немате C-SUV модел во понудата или пак електрифицирани погони тогаш не може да очекувате многу голем успех во продажбата. Alfa Romeo последниве неколку години во својата понуда имаше само два модели, односно Giulia и Stelvio. Ако со Stelvio покажа дека знае да направи еден различен и забавен за возење SUV модел, сега на ред пристигнува целосно нов SUV модел поставен под Stelvio кој со себе ја носи и електрификацијата. Со новиот Tonale, Alfa Romeo влегува во премиум компакт SUV сегментот. Воедно, Tonale е и еден од најважните модели за брендот во последниве неколку години бидејќи има сè што е потребно за да ја стави компанијата на патеката за раст и зголемување на продажбата.

Tonale е автомобил кој беше одамна најавуван, концепт верзијата беше претставена во 2019 година, но набрзо после претставувањето се случија неколку многу важни промени што го одложија претставувањето на финалната верзија. Всушност, неколку работи од концептот до финалната верзија значајно се променија. Веднаш по спојувањето на PSA-FCA (Stellantis) кон крајот на 2020 година, одговорните лица во групацијата сакаа да направат некои промени – стилски и пред се технички. Основата и платформата на Tonale се превземени од Jeep Compass, но целата шасија е комплетно сменета и подобрена, а во механичкиот дел влезе и електрификацијата, која претходно не беше предвидена.

Она што можам веднаш да го кажам за дизајнот е тоа дека според мене Tonale е еден од најинтересниот и најпријатен за гледање SUV модел во C сегментот, едноставно се издвојува од сите свои конкуренти на еден специјален и емотивен начин. Ова и не е воопшто чудно бидејќи сите модели на Alfa Romeo до сега имаат прекрасен, динамичен и многу атрактивен дизајн. Ретки се луѓето кои можат да кажат дека автомобилите на Alfa Romeo не им се допаѓаат, а тие што ќе го кажат тоа се лажат самите себе. Предниот дел на Tonale станува препознатлив како Alfa Romeo од првата секунда, тука е карактеристичната маска во V форма, а долниот дел од браникот е со голем црн елемент кој во средината е отворен и служи за ладење на моторот. Друг карактеристичен детал се предните Full LED фарови, наречени 3+3. Тие имаат синусоиден дневен светлосен потпис, во три дела, инспирирани од SZ и RZ Zagato, или концептот Proteo и навистина изгледаат многу фраерски.

Телото на Tonale е спортско и атлетско, додека профилот е мазен, но елегантен и без остри рабови или прекомплициран дизајн. Тука интересен детал се формата на задните прозорци, како и испакнатите задни крила. Дополнително, оваа Edizione Speciale верзија е со 20-инчни алуминиумски бандажи од кои „ѕиркаат“ големите Brembo сопирачки со црвени шепи. На задниот дел, вниманието веднаш оди кон LED светлата кои се со истиот синусоиден дизајн во три дела како и предните светла и се спојуваат со лента која се протега по цел заден дел. Ова е прв пат за Alfa Romeo да има ваков стил на задни светла, но сето тоа е актуелно овие денови. Долниот дел од браникот е со елемент во сјајно црна боја, а цевките од издувниот систем се сокриени под браникот. Браво за тоа што не се ставени никакви лажни отвори за издувот кои само ќе го расипат дизајнот. Да, Alfa треба да биде црвена, но и оваа Misano Blue боја перфектно му прилега на автомобилот.

Ако надворешниот дизајн е целосно во Alfa Romeo стил и ќе го препознаете без двоумење…истото важи и за ентериерот, дури тука е и понагласено од екстериерот. Воланот кој е во класичен Alfa стил, со интегрирано копче за стартување на мотор во левата страна, округлите отвори за климата, дизајнот на панелите на вратите и други детали доаѓаат директно од Giulia и Stelvio. Исто така, тука се и огромните лопатки за менување на брзини кои се цврсто монтирани на управувачкиот столб. Што се однесува до материјалите и нивниот квалитет, Tonale може да се пофали со доста квалитетна кабина. Горниот дел од контролната табла е обвиен со фини кожни материјали кои се меки на допир и квалитетни шевови кои се протегаат по цела контролна табла. Во најниските делови кои не се допираат толку често е поставена малку потврда пластика, но со одлична завршна обработка.

Tonale е првиот модел на брендот кој добива целосно дигитална инструмент табла која е со големина од 12.3-инчи. Графиката е феноменална и може да одберете неколку различни прикази, кои исто така може да ги конфигурирате според вашите потреби и желби. Инфозабавниот екран со големина од 10.25-инчи е многу добро интегриран во горниот дел на контролната табла и оттаму управувате со најмодерниот и најсофистицираниот дигитален пакет што Италијанците некогаш го инсталирале во нивниот модел. Лесен е за ракување со паметни кратенки, како и со многу функции, вклучувајќи дигитален асистент и одлично безжично поврзување со Android Auto и Apple CarPlay. Уште една огромна пофалба оди за посебниот панел со физички копчиња кои служат за контрола на клима уредот, кои се од една страна стилски, а од друга страна нудат беспрекорна ергономија и функционалност. Под овој панел се наоѓа DNA селекторото кој ви овозможува да одберете од три различни режими на возење. Централната конзола е чиста со рачка за менувачот, копче за електричната паркинг кочница, тркалце за гласност на аудио системот (во конкретниот модел Harman Kardon) кое е перфектно позиционирано за совозачот, копче за паркинг сензорите и мало Италијанско знаме. Големо внимание е обрнато и на најситните детали…

Интересен детал што се применува за прв пат во светот на автомобилите е NFT (Non-Fungible-Token), односно дигитална датотека во која се зачувуваат сите информации за автомобилот, како што се сервиси, поправки и слично. Тоа е нешто што следниот сопственик многу ќе го цени, а од Alfa Romeo тврдат дека ја зголемува препродажната вредност на самиот автомобил.

Како возач, седите правилно и високо, бидејќи тоа е примарен услов за купувачите на автомобил од оваа категорија. Седиштето не ве поддржува совршено во свиоци, но ниту ве заморува и е доста удобно и за подолги релации. Местата за одлагање на ситници не се богати, но се задоволителни. Во кабината на Tonale добивате чувство дека некој ги смислил деталите за вас, пред вас. И ова е од една страна пријатно, а од друга страна речиси бесценето бидејќи прави да се чувствувате убаво.

Пристапот до задната клупа е лесен, но просторот е калибриран повеќе за двајца отколку за тројца патници. Вината е на импозантниот централен тунел, во кој е сместен дел од целокупната техника на автомобилот, но и на батеријата на хибридниот систем. Во секој случај, просторот за глава е доволен, а ширината на лактите останува добра доколку треба да патуваат три лица. Бидејќи процесот на префрлување од USB на USB-C приклучоци сеуште трае, Alfa Romeo имаше добра идеја да ги понуди двата конектори, како и приклучок од 12V во задниот дел на централната конзола.

Tonale е релативно долг за сегментот (4,53 метри) и има корист од прилично растегнато тело кон задниот дел. Па затоа, багажникот нуди добар просечен волумен од 500 литри, со класична модуларност од 60/40 и отвор за скии. И покрај хибридизацијата на моторот, волуменот на багажниот простор не се намалува бидејќи батеријата е сместена помеѓу предните седишта, а не под подот на багажникот како кај повеќето други автомобили. Доколку ги спуштите задните седишта на располагање се добива капацитет од 1550 литри.

Што се однесува до моторите, Tonale сега за сега е достапен со два бензински и еден дизел мотор. Доколку сакате бензинец, достапен е 1.5-литарски четирицилиндричен турбо мотор со 130 и со 160 коњски сили, двете верзии се со mild-hybrid систем и 7-степен DCT автоматски менувач. Дизелот е 1.6-литарски Multijet со 130 коњски сили и 6-степен TCT автоматски менувач. Мануелен менувач кај Tonale не е достапен. При крајот на оваа година, Alfa Romeo најави дека Tonale ќе добие и Plug-in hybrid верзија која би требало да добие и погон на сите четири тркала, а понатаму се надевам дека ќе има и спортска Quadrifoglio верзија.

Тестираниот модел е опремен со послабата верзија на бензинскиот мотор кој испорачува 130 коњски сили при 5750 вртежи во минута и 240 Nm вртежен момент достапен од 1500 вртежи во минута. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.6 секунди, додека максималната брзина изнесува рамно 200 км/ч.

Новиот 1.5-литарски мотор припаѓа на GSA Firefly семејството и спарен е со mild-hybrid систем кој иако работи на напон од 48 V, електричниот мотор е поставен во автоматскиот менувач како „јаките“ хибридни системи. Тоа значи дека при мали брзини до 20 км/ч автомобилот може да се движи само на струја со енергија од батеријата од 0,77 kWh која тежи 13,5 килограми и има 12 ќелии. Електричниот мотор му помага на моторот со внатрешно согорување и испорачува дополнителни 20 коњски сили и 55 Nm вртежен момент. Што се однесува до стартувањето на моторот, има посебно коло од 12V со стартер-алтернатор. За овој мотор избран е термодинамичкиот Милер циклус, со систем за директно вбризгување со притисок до 350 бари, сооднос на компресија од 12.5:1 и двојно променливо време на вентилот. Иако хибридниот ситем е тука да придонесе за поголема респонзивност и моќност во ниско-средниот степен, кога ќе ја притиснете педалата за гас можеби фали малку поголема моќност. Но сепак, не е потребно да го „вртите“ моторот до високи вртежи бидејќи во тие услови нема многу голема агилност – а ова нешто што ги карактеризира моторите кои го користат Милер циклусот. Во секојдневното возење, Tonale не ве заморува и забрзува прифатливо, додека на отворен пат одржува висока просечна брзина без да се мачи. Просечната потрошувачка што ја измерив од неколку дневното тестирање, во градски услови на возење се движеше од 7 до 8 литри, додека на отворен пат доколку се придржувате до ограничената брзина потрошувачката изнесува од 6 до 6.5 литри.

Автоматскиот менувач со двојна спојка е цивилизиран во работењето, со непречени промени кои одговараат на избраниот возен профил во секое време. Сепак, има моменти кога реагира со задоцнување на она што го барате од него со педалата за гас, особено во Natural и Advance Efficiency профилите. Во Dynamic профилот тој реагира значително подобро, иако понекогаш лопатките на воланот се единствениот начин да ги направите промените што ги сакате. Нивната работа е одлична и системот ги прифаќа вашите команди без голема интервенција, со исклучок на случаите кога барате понизок степен што ќе ги подигне вртежите високо.

За Alfa, префинетоста не е само во естетиката, туку и во однесувањето на патот. Така е и со новиот Tonale. Спортската нота е приоритет кај секој модел на брендот, кај Tonale суспензија е подесена за да го дава вистинскиот резултат. Автомобилот користи MacPherson суспензија која е робусна и има идеално пресметана тврдина за да биде доволно стабилен во свиоци, а исто времено и да не заморува во градски услови или на пат со дупки и нерамнини. Неправилностите на патот се заокружуваат успешно и без бучава, дури и со стандардните пасивни амортизери со FSD технологија (Frequency Selective Damping) и огромни 20-инчни тркала. Како опција достапни се и електронски контролирани амортизери со прилагодлива цврстина. Во принцип, ништо не може да го наруши текот на Tonale, бидејќи грипот на автомобилот е едноставно импресивен. Океј, јасно е дека со 130 коњски сили не може кој знае колку да го испровоцирате автомобилот, но спортската динамика на шасијата е веднаш јасна и без никаков проблем може да „трпи“ уште минимум 100 коњски сили. Со оглед на тоа што предниот дел е директен и остар, додека задниот дел верно ја следи пропишаната патека, Tonale многу лесно се справува со сите свиоци. Без разлика колку силно ја притискате педалата за гас, влечната сила на предните тркала е секогаш достапна, до точка што дури и не забележувате дека Dynamic Torque Vectoring системот работи на ограничување на подуправувањето.

Tonale само минимално се навалува во свиоци, но во исто време правилно ве информира кога ќе го достигнете лимитот. Што и да правите, нема да ја вознемирите и да ја нарушите самодовербата со која се справува со ситуациите. Кога би можел да побарам нешто, тоа би било малку поголема тежина од воланот, иако пренесува доволно информации до рацете. Работењето на електронските системи за помош на возачот заслужува посебно внимание. Тие работат ефикасно, но без да се почувствува нивната интервенција, освен кога тоа е навистина неопходно. Кога станува збор за сопирачките, електричната пумпа на IBS системот обезбедува чувството на педалата да остане непроменето без оглед на заморот на системот. При притискање на педалот, тој реагира веднаш и може правилно да го измерите сопирањето, при што моќта на системот е одлична, како и неговата отпорност на долготрајна напорна употреба. Со помош на предните Brembo 4 клипни шепи и големите Pirelli P Zero гуми кои се специјално развиени за Tonale, сопирањето и самата респонзивност на сопирачките е феноменална.

Почетната цена за Alfa Romeo Tonale Super 1.5 Hybrid DCT7 130 изнесува 39.900 евра.

Цената на тестираниот модел Alfa Romeo Tonale Edizione Speciale 1.5 Hybrid DCT7 130 изнесува 55.250 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Alfa Romeo.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

ЗАКЛУЧОК
Со модерен дизајн и најнова технологија, првиот C-SUV модел на Alfa Romeo е комплетен пакет кој е направен речиси без некои значајни грешки и без да заостанува од своите конкуренти. Tonale е SUV автомобил кој е наменет за едни посебни клиенти на кои освен практичноста, приоритет им е возната динамика и забавата зад воланот.
Фантастичен и атрактивен надворешен дизајн
Одличен mild-hybrid систем
Возни карактеристики и динамичност
Убаво дизајнирана кабина со добра ергономија
Фали поголем и помоќен мотор
Некои конкуренти нудат поголема практичност во кабината
...
4.5